Saturday, 19 August 2017

ВМРО и болшевиците

Извештај од коресподентот на лондонскиот весник  „Тајмс“, од 16 септември 1924 година, во врска со нашироко распространетите новини, дека ВМРО водела разговори со болшевиците

„Во месец август имав случај да се сретнам ноќно време со Тодор Александров, во планините на Македонија, на извесно растојание од бугарската граница, каде што бевме обиколени од вооружени до заби комити. Сакав да знам дали македонската револуционерна организација е во сојуз со болшевиците, кои преку нивниот орган „Балканска Федерација“, што излегуваше во Виена, соопштија дека македонските лидери потпишале еден манифест кој ја поддржуваше наполни совестската политика, која го имаше за цел растурањето на сите балкански влади. Беше соопштено, дека двајца од членовите на македонскиот триумвират, Александров и Протогеров, дале формално побивање на тој манифест, кој беше објавен како лажен.Но единствениот начин да се имаат точни податоци беше да се обратам до самиот Александров.

Како одговор на моето прашање, македонскиот лидер ми кажа: „Изјавувам, дека не сум го потпишал манифестот публикуван од весникот „Балканска Федерација“, кој му го припишува на Централниот Комитет на македонската организација. Никаков акт од тој вид не бил одобрен од мене. Ако таму се наоѓа мојот потпис, тој е фалсификат. Истото е и со потписот на Протогеров, кој исто така тврди, дека не го потпишал. Ние немаме никаква желба да се бориме против европскиот капитализам, кој што не не засега. Организацијата има своја цел, која што е ослободувањето на Македонија. Додека сум јас жив, ќе се спротивставам на секакво скршнување од тој пат и нема да дозволам да се користат нашите сили за цели, кои што ни се туѓи. Организацијата нема ништо заедничко со комунизмот и болшевизмот.

Не одрекувам, дека болшевиците се обидоа на неколку пати да ја придобијат организацијата и секој пат иницијативата за преговори беше од нивна страна. По заповед на Москва, печатот на бугарската комунистичка партија престана да не напаѓа во 1922 год., и покрај тоа што ние не правевме постапки во таа смисла пред кого и да било.

Во 1923 год. советски агенти ми предложија да стапиме во преговори. Јас тогаш поставив претходни услови: растурање на комунистичката банда на Пандурски, прекинување на органот „Ослободување“ и растурање на друштвата на македонските емигранти, приврзаници на комунистичката партија. Мојот ултиматум беше прифатен во август 1923 год., но во септември избувна бунтот на селаните и на комунистите во Бугарија и јас им објавив на комунистите, дека слични обиди ја комплицираат и без тоа мачната положба на Бугарија и дека тие, следствено, треба да се сметаат како штетни и полни со опасности. Во името на организацијата јас им дадов до знаење на комунистите, дека независноста на Бугарија е за нас многу драгоцена, и дека следствено, ние сме принудени да водиме беспоштедна борба против авторите на таквите обиди, кои што ние ќе ги сметаме како непријатели. Јасно е, дека после таа декларација преговорите не можеа да продолжат.

Јас не го одрекувам суштествувањето, внатре во организацијата, на „леви“ елементи, коишто упорно настојуваат, дека после пет години ние ништо не сме добиле од Општеството на народите во Париз, Лондон, и дека, следствено, би требало да се разбереме со Москва. Под влијание на левите, но само по иницијатива на претставниците на Москва и Виена, преговорите се обновија во 1924 год. Претставниците на Советите бараа организацијата да го дозволи советизирањето на Бугарија и Македонија. Ние одговоривме, дека тоа беше неприфатливо за нас и преговорите останаа на тоа. Јас не сум имал разговори со Раковски во Лондон и не бил потпишан никаков споразум од нас. Информациите, публикувани на таа тема, произлегуваат од истиот извор како и манифестот. Повторувам, дека додека сум јас на чело на организацијата, таа нема да престане да се бори против болшевизмот, кој, според мене, е извонредно штетен за македонското движење. Пред неколку дена испратив едно ново предупредување до комунистите, дека организацијата нема намера да толерира комунистички преврати во Бугарија“.