Sunday, 26 September 6928

Балканска федерација/конфедерација

Балканска федерација/конфедерација бил проект за создавање федерација или конфедерација на балканските земји.

Оваа идеја ја претставил во Европа и ја популаризирал Пол Аргиријадес (1869-1894). Македонскиот интелектуалец Спиро Гулапчев (од Лерин) објавил (1887) свој проект за Источна федерација на Балканот од осум држави конституентки: Македонија (во нејзините географски и етнички граници), Епироалбанија, Европска Турција, Црна Гора, Романија, Србија, Бугарија и Грција.

Македонските социјалисти се застапувале за создавање самостојна македонска република во федерација на балканските републики. Во почетокот на XX в. македонските интелектуалци, групирани во Србија околу весникот „Балкански гласник“ (Белград, уредуван од Стефан Јакимов Дедов) и тие во Русија, организирани во Македонското научно-литературно другарство, се застапувале за создавање самостојна македонска национална држава, „пиемонт“ за обединување на словенските и православни народи на Балканот, „балканското словенство и православие“.

Непосредно по Илинденското востание (јануари 1904), претставниците на ТМОРО Борис Сарафов и Михаил Герџиков отпатувале во Рим за да ја заинтересираат Италија заедно со Франција и Англија да се ангажираат за создавање македонска држава, јадро за формирање Балканска конфедерација. Македонскиот клуб во Белград и неговиот орган, весникот „Автономна Македонија“ (1905), се застапувал исто така за балканска федерација/конфедерација.

Народната федеративна партија на Јане Сандански (1908) се определила за создавање Источна федерација со Македонија како одделна федерална единица. За создавање Балканска федерација, односно конфедерација се застапувале и социјалдемократските организации 1908–1913, македонските интелектуалци во Русија (1913–1914 и 1917–1924), а македонските друштва во Швајцарија (1919) барале создавање македонска држава и балканска, односно јужнословенска федерација.