Wednesday, 22 November 2017

Албрехт Дирер

Еден од најрепрезентативните музеи во Европа е Алте пинакотек во Минхен. Тука пред се’, станува збор за европската класична уметност и старите мајстори. Во Старата пинакотека, а има и Нова пинакотека, каде што се сместени делата од 19 век и од времињата на предмодерната, и која се наоѓа спроти ова колосално здание, сместено во самото средиште на историскиот Минхен, значи тука, во овој велелепен замок или колосална палата на германскиот градителски гениј се наоѓаат најрепрезентативните збирки на фламанскиот и италијанскиот барок, италијанската ренесанса и, секако, една неспоредлива збирка на делата од германските мајстори, кои го опфаќаат периодот од доцната готика, па се’ до високата ренесанса, што се одвивала на северот од Алпите.

Оваа неверојатна збирка од ремек-дела од сите овие периоди се должи на големата просветеност на баварските владетели, кои за разлика од своите италијански современици, знаеле како да ги сочуваат своите културни вредности, пред се’, продукцијата на уметничките дела, што се создавале во студијата на генијалните уметници од периодот на германската ренесанса. Така, денес во Италија нема останато речиси ништо од Леонардо да Винчи, освен фреската на „Тајната вечера“ во Милано, а за неговите штафелајни дела треба да отидете во Лувр (Париз), за да се воодушевите од овој мајстор над мајсторите, или пак во Ермитаж (Санкт Петербург), но во случајот на големите германски уметници од овој ист период од историјата на уметноста, какви што се Матијас Гриневалд, Адолф Алдорфер, Лукас Кранах, или најголемиот од нив, кого историчарите на уметноста го нарекоа „Леонардо од Северот“ – Албрехт Дирер, има фасцинантни збирки од нивните најзначајни дела, кои се тука, во Минхен, во Германија.


Дали ова се должи на реформациите на Мартин Лутер, кои како голема идеја и освестување за суштината на верата го зафатија северот на Европа, воедно создавајќи и однос кон сопствената традиција? Или, можеби причина за овој култен однос кон сопствените културни вредности можеме да го припишеме на релативно раното продирање на капитализмот во Германија, а како што сведочи историската емпирија, со капитализмот доаѓа и концептот за нацијата и сите други аспекти што следат во однос на конзистентноста на народните контексти, што оваа етногенетска појава ги носи со себе. Во секој случај, оваа појава на скрупулозно зачувување на сопствените културни вредности за генерации, се појавува насекаде во протестантскиот дел на Европа, во Британија, во Холандија и во Германија.

Овие брилијантни култури имаа и што да сочуваат. За ова е доволно да ги погледнеме овие сјајни дела на ликовната уметност, создавани во овие културни средини и веднаш да ја увидиме светата мисија на протестантските владетели. Тука генијалноста на уметниците просто се натпреварува самата со себе. Голем е бројот на уметниците што ја допреа перфекцијата и што целиот свој живот и сите свои потенцијали ги ставија во нејзина служба. Но, сепак, и овде има некој што осамено стои на врвот. Со целата неспоредливост на својот исклучителен гениј. Тоа место, со сигурност може да му се додели на неповторливиот творечки феномен на Албрехт Дирер, најголемиот германски уметник на сите времиња.

И токму тука, во Старата пинакотека во Минхен можете со часови да го студирате неговото исклучително дело, тие перфекционистички сликарски дела, создадени во ателјето на овој неспоредлив нирнбершки мајстор на северната ренесанса.


Дирер е современик на Леонардо, роден е 1472 година, 20 години по најславниот уметник на сите времиња – Да Винчи, но неговата посветеност, иако не така широка и несогледлива кон сите можни феномени на науката и уметноста (како онаа на Леонардо), сепак е единствена во неговиот културен простор. Дирер уште како 13-годишно момче го направил својот автопортрет, во кој гледаме моќ на вундеркинд. Неговата минуциозна техника ја наследува и од својот татко, кој бил златар и кој за своите перфекционистички дизајни на накит употребувал прецизни алатки како лупата, на пример. Затоа, кога гледате во сликите на Дирер се запрашувате како е можно еден уметник така прецизно да ги изведе сите тие тешки задачи во сликарството. Како некоја Божја рака или рака на ангел да ги насликала сите тие инкарнати, влакната од косите на моделите или крзната, со кои се нагрнати неговите живи ликови, нешто што и денес во дигиталната ера е наивно и невешто изведено, дури и во најголемите студија за артифициелна реалност, како оние од типот на „Dream Works“ на Џорџ Лукас. Од друга страна, тука е длабоката психолошка студија на ликовите, кои како да ви говорат за себеси и за самото човештво. Неговиот автопортрет каде што е претставен како Христос, е веројатно едно од најзначајните интроспективни дела во историјата на уметноста. Во ова дело посветениот набљудувач не гледа само лик на еден просветлен човек, туку еден психолошки универзум. Истото ќе го доживеете и во средбата со полиптихот, на кој се претставени четирите евангелисти, Марко, Матеј, Лука и Јован. Портретите на неговите современици, како Мартин Лутер, сведочат за Диреровата инволвираност во големите културно-политички превирања на неговото време, како хуманизмот, на пример, или пак реформациите, кои внесуваат сосема нов културно-политички амбиент на северот од Европа. Но, Дирер е и вдахновен графичар, раскажувач на една митолошка стварност. Неговиот бакропис „Смртта, витезот и ѓаволот“ е парадигма за графичката уметност за сите големи творци на ова поле по него. Тој е и врвен скулптор. Незаборавен е Африканецот, изделкан од абанос (тука Дирер покажува љубов кон сето човештво), но и скулптурата на Дева Марија, суптилна и перфектна, воедно.


Дирер е и научник, кој исто како Леонардо се интересира за човековата анатомија и за пропорциите на човекот во однос на универзумот. Тој е и езотерик и писател. Познат е неговиот трактат за уметноста, каде што на интелигентен начин врши компарација помеѓу уметничките дисциплини и човековите сетила. Тука тој музиката ја асоцира со ушите и слухот, а литературата со говорните органи. Сликарството за Дирер е врзано со функцијата на очите и видот. Тој по овој повод ќе запише: „…сликарството е најголемата уметност, како што дарот на видот е највозвишениот дар од Бога“.