Македонија – примерно момче или болно дете?

Сигурно дека Македонија не беше инволвирана во војната, но тоа не значи дека таа, како земја и држава, беше суштински поинаква, уште помалку – подобра од другите. Исто така, крајно дискутабилно е тврдењето дека Македонија ги дискриминирала своите етнички мацинства и дека крајно дискутабилно е мислењето, што и се наметнува на пошироката јавност и во земјата и во светот, дека Охридскиот договор го отворил патот по кој Македонија може да стане вистински мирна и спокојна земја.

Цело време бев остар критичар на Охридскиот договор. Се сеќавам лани, кога во август зедов учество на Охридскиот семинар за македонски јазик, литература и култура, седејќи на терасата на охридскиот хотел „Палас“ и давајќи интервју за некои германски масмедиуми, отприлика го реков следното: „Од местово каде што сега седам на олеснувачите можам да им гледам преку раменици, меѓутоа ми се чини дека тие не направија добра и разумна работа – Македонија од почетокот на годинава е под агресија. Таа е нападната од Албански терористи. Битно е да се истакне дека тие не се Албанци од Македонија, туку „импортирани“ од Косово!“. И притоа со тага го цитирав поранешниот портпарол на Македонската влада, Антонио Милошоски, кој во март (лани) рече дека со Македонија се случува нешто што никогаш не се случило во светската историја – една независна, демократска држава, во овој случај Македонија, да биде под агресија од територијата на еден меѓународен проекторат!

Оваа оценка на Милошоски мошне ми се бендисува бидејќи совршено се совпаѓаше со моите оценки. Имено, токму тогаш и токму во оваа смисла го пишував текстот на една декларација за поддршка на Македонија, што потоа беше потпишана речиси од сите странски учесници на Семинарот и објавена во македонскиот дневен печат. Меѓу другото, во текстот пишував дека ние, странците, знаеме и се сеќаваме што е Македонија и што беше таа порано – „оаза на мирот“, која остана надвор од војната бидејќи го чуваше внатрешниот мир во земјата. Ништо не пишував за свпите лични сеќавања, на пример, за она што се случи во Март 1993 година. Тогаш во Бон постоеше еден истакнат форум што се викаше „Европски дијалог“, во кој членуваа сите пратеници на Бундестагот, врвни новинари и така натаму. Еднаш пред овој форум настапија двајца претседатели на нови држави – Словенецот Милан Кучан и нашиот Киро Глигоров. Кучан прв почна и почна со зборовите „Словенија не припаѓа на Балканот“. Скришум ги набљудував присутните, на чии лица се појави своевидна насмевка – сигурно не добронамерна, туку повеќе во смисла на тоа „Ајде, научи географија!“ Веројатно Глигоров го имаше сличниот впечаток, зошто тој својата реч ја почна со следниве зборови: „Дами и господа, Македонија не само што е дел од Балканот – таа е срцето на Балканот!“. Во тој момент Глигоров беше прекинат, всушност, награден со општо и спонтано одобрување. Потоа Глигоров зборуваше за Македонија, за нејзините традиции на добри односи со етничките малцинства, за соодносот меѓу внатрешните и надворешните услови на „оазата на мирот“.

Има една германска поговорка што гласи: „И најмирниот не може да живее мирно ако тоа не му се бендисува на злиот комшија“. И Македонија тогаш имаше зли комшии преку секоја мера: на југ – Грците со своите две ембарга, на север – Милошевиќ со планот за поделба на Македонија, на исток  – Бугарите, кои и покрај нивното признавање на Македонија како држава, инсистираа на тоа дека не постојат ниту македонска нација ниту македонски јазик.

Секогаш мислев дека горе-долу добро сум информиран за македонските работи. Се додека не ја прочитав книгата на Митре Арсовски „Хроника на еден неминовен распад“, додека не дознав за настаните зад кулисите во годините 1991/92. Дури тогаш почувствував дека за Македонија не беше само среќа што остана надвор од војната, туку дека, всушност, станува збор за македонски искуства од сопствената историја, пред се, за следното:

-традицијата на мирни односи со етничките малцинства, на најјасен начин изразена во Манифестот на Крушевската Република;

-традицијата на „македонскиот сепаритизам“ – за него своевремено опсежно зборуваше Крсте Петков Мисирков. Денес Македонците претпочитаат да зборуваат за „еквидистанца“ на нивната надворешна политика. Всушност, се работи за едно исто – стремеж да се живее мирно со сите географски соседи, без да очекува(политички) премногу од нив;

-целосно откажување од секој обид за ревизионизам, со оглед на фактот дека со поделбата на Македонија по балканските војни (1913) околу половина од македонската нација живее надвор од матичната земја и од матичната држава. Нека другите ги негуваат своите планови за Голема Албанија, Голема Србија, Голема Бугарија, а Грција за „мегали идејата“ итн. Кај Македонците не беа и нема да бидат актуелни слични концепции,кои се, без сомнение, само белези на еден етнички империјализам во современата амбалажа на таканареченото, наводно, „самоопределување на народите“,

-интегралното разбирање на сопствената историја, чиј сопствен дел беше и времето на Титова Југославија. Само во Скопје има, сè уште, едно десетина улици, училишта и др. што го носат името на Тито. Лично не би имал ништо против ако во Македонија се уште би постоел град со име Титов Велес.

Овие четири моменти речиси се столбот на мирната природа на Македонија. За нејзиното политичко отелотворување честопати дискутирав со Киро Глигоров, кој за мене не беше само првиот претседател на независната држава Македонија, туку, исто така, жив сведок на најбитниот момент во македонската историја – заседанието на АСНОМ во манастирот „Прохор Пчињски“ во август 1944 година. И се уште сум убеден дека, имено, Киро Глигоров, како политичар дејствуваше, свесно или не, во духот на „Прохор Пчињски“. „Ние не смееме да го ризикуваме она што го добивме тогаш!“

Речиси 25 или повеќе години редовно го посетувам Охридскиот семинар за македонски јазик, литература и култура, патем речено, најефикасната инвестиција што Македонија некогаш ја направила, културно, човечки и политички. Се сеќавам дека Киро Глигоров еднаш беше кај нас и зборуваше за можниот развој на војната, за претставата дека Охрид и Струга би биле бомбардирани како Вуковар и Мостар. Македонија, фала Богу, не беше бомбардирана, иако однадвор се закануваа Милошевиќ и Пангалос и други, а внатре во Македонија албанските екстремисти се трудеа да создадат (создадоа, нели?) слични паралелни структури како во Косово. Деталите можеме да ги следиме во акрибичната книга на Владимир Милчин и други, но, секако, сите се сеќаваат на соодветните настани и ставови – бојкотот на референдумот, на пописот и на изборите, „Република Илирида“, „Албанскиот универзитет во Тетово“ итн. На сето тоа Македонија реагираше на различен начин, пред се, со цврст став и јасни европски определби, кои се покажаа, на пример, во долгите преговори околу повлекувањето на ЈНА. Подоцна Киро Глигоров за тоа соопшти во едно интервју во весникот „Одбрана“.

Понатамошната реакција беше далекусежна мерка дека Македонија како држава е ставена под заштита на Обединетите нации – од Скандинавија и Америка дојдоа сините шлемови како „стоп-жица“, како што предупреди тогашниот американски министер за надворешни работи – а Македонија доживеа неколку мирни години.

(2002)

ГерМакедонија

Leave a Reply