Спекулативна историја

Се сеќавате ли на онаа стара ментална игра – што би било, кога би било? Е токму во суштината на оваа чудесна игра е сиот потенцијал на нашата инвентивност, на нашата способност за планирање, на нашите имагинативни способности. Оваа моќ да се прекогнира и претпоставува е најголемата доблест за сите оние кои се бават со уметноста или, пак, со шахот. Токму со сите оние умствени дисциплини кои бараат силна визија, но и знаења, дури и енциклопедистички знаења, како и силен аналитички дух можеме да создаваме нови виртуелни и претпоставени светови кои никогаш не се случиле во оваа наша детерминирана реалност, а можеле да се случат. Како на пример, што е и како се остварува книжевниот жанр на научната фантастика, која одреден квантум посветеници и експерти повеќе милуваат да ја нарекуваат „спекулативна наука“, а тоа го прават со полно право, ако потемелно се зафатите со промислувањето на овој, и уметнички, и научен феномен. Од историјата на овој книжевен вид ќе видиме дека најдобрите писатели на научната фантастика биле творци со исклучителна ерудиција од областа на науките. Спекулативноста, пак, е дар од музите, покровителките на наративните уметности.

Од друга страна, пак, постојат и други зони на научен интерес, кои потешко влегуваат во симбиоза со спекулативните потенцијали на аспирантите. Тука не говорам само за егзактните науки, каде спекулацијата е само отклонување на вистинскиот интерес, туку и навестува вистински дебакл на методологијата, но и телеологијата на одредената дејност. Во егзактните науки преголемите дози на импровизирање и претпоставки можат да го загрозат предметот на мисловната активност и да го воведат во хаотични зони, што е сосем неприфатливо за сите сериозни експерти посветени на оваа област. Дури и терминот „весела математика“ е показател за сосема погрешно, импровизантско и непотребно деградирање на научната вистина на математиката. Секако, оваа дефиниција е сосема поразлична од онаа на средновековните и раноренесансните трубадури, кои под терминот „весела наука“ подразбираа нешто сосема друго, дијаметрално спротивставено на нереалната и ентрописка „безсодржинска и залудна „весела математика“.

Исто така нема претпоставен простор за импровизации со историјата, без оглед дали се работи за политичката историја, историјата на уметноста или, пак, историјата на човековиот развиток. Без оглед на сè, сите науки и сите евидентирани дејствија во природата и општеството на крајот ќе се компримираат во една специфична историја. Дури и математиката има свој историјат и кога некој ја проучува математиката или, пак, физиката, на пример, истиот тој ум ја проучува нивната историја. Всушност, сите можни знаења го имаат во себе факторот на континуитетот и историјата.

Затоа и со големо двоумење влегувам во овој мал мисловен експеримент, наречен – „спекулативна историја“. Не дека вакви обиди не биле предмет на човековите активности, сетете се само на феноменот на „футурологијата“, каде сериозни експерти од науката и филозофијата се бават со можните движења на природните и општествените аспекти во иднина. Секако, ваквите проекти можат да бидат од исклучително значење за човештвото. Она што во древни времиња го правеле маговите и пророците, денес го прават научниците футуролозите.

А сега би сакал да се „поиграме“ малку со можностите на „спекулативната историја“, која е илузорна, но инаугурира цел еден спектар од паралелни реалности, нималку занемарливи или, пак, неинтересни. Еве, да тргнеме од некаде, на пример, од 1948 година, кога Маршалот Тито му го рече историското „Не“ на големиот советски водач – Генералисимусот Сталин.

За нас ова историско – Не (на грчки – да) беше најкобната можна разврска за македонското прашање. Токму ова „не“ на Маршалот, кој веќе итро и тивко излезе од Коминтерната и се фати со Англоамериканците, ја раскина македонската држава и народ. Така, иако Советите ја ослободија југословенската држава (освен македонската етничка територија, која за разлика од другите делови на Југославија се ослободи самата, покажувајќи висок степен на национален патриотизам и морални доблести) опортунистичкиот и наводно – демократскиот ум на Тито веднаш им сврти грб и од советски сојузник, прекуноќ се претвори во слуга на империјализмот, кој ама баш никако не помогна во Народноослободителната војна на јужнословенските народи. Секако, еден поголем број од овие народи, како Бугарите, Хрватите, Словенците, Босанците (делумно Србите) за време на Третиот Рајх беа конституирани како нацистички независни држави или, пак, протекторати со своја пронацистичка управувачка елита под покровителство на Фирерот. Истото се однесува и на околните несловенски народи и држави, како Грција, Албанија, Романија и Унгарија (барем што се однесува до регионов). И така итриот и превртлив Маршал Тито ја гризна раката која го хранеше и штитеше, за да не заврши како болен мајмун во некој од кафезите на зоолошката градина на непријателите на Рајхот. Наместо фала на Сталина, еве ти го загорскиот жиголо под здолништето на англиската кралица. И уште му зарива нож во грбот на големимот пролетерски водач и апсолуитниот победник во Втората светска војна.

Но овој феномен не нè ни интересира многу, нас, Македонците. И така имаме исклучително лоши искуства со Русија, а пропо нашето национално прашање. Но со Советите беше поинаку.

Советите низ експертизата на големиот советски инспиратор и идеолог, Лав Троцки за македонското прашање имаа дотогаш најправично изграден став, далеку поправичен и од оној на Вудроу Вилсон, кој на Версајската конференција од 1919 година  гледаше на Македонија како на протекторат во границите од времето пред поделбата на три дела (помеѓу Грција, Србија и Бугарија), за која најзаслужни беа нашите, веќе традиционални непријатели, Британија и Франција. Значи, советскиот став беше – целосна, неподелена македонска држава како дел од светскиот сојуз на социјалистички држави. Извонредна опција за нас, Македонците, ако се изземе идеолошкиот предконтекст. Но историјата е суров процес, а токму од оние, од кои требаше да дојде поддршката, и на комунизмот како светски процес, и на македонскиот народ кој верно се бореше против  нацизмот, дојде едно подмолно и неочекувано предавство.

Така титовото – не, придонесе за раслабување на сталиновите планови за ослободување на Балканот, Европа и светот од империјализмот, а  македонската борба во Беломорието ја искомпромитира до пропаѓање.  Ете ви го тоа судбоносно „не“ на превртливиот Маршал, кого го љубевте со целата безумност на вашиот наивен и игнорантски сензибилитет.

Со тоа фамозно титово – не, граѓанската војна во Егејска  Македонија заврши катастрофално по нас, Македонците. Англоамериканците набрзина станаа сојузници на довчерашните нивни непријатели – грчките  монархофашисти  и заедно со нив удрија по демократските сили на грчкиот народ, а посебно тој удар беше стравотно жесток по нашите  македонски борци, чија борба беше и праведна  и  оправдана од историски, но и од општествен аспект.

А сега, што би било, кога би било – каков би бил епилогот кога би изостанало тоа дијаболичко (за македонското прашање)  титово „не“ по Македонија, по Балканот и по светот?

Со сета почит кон љубителите на титовите лик и дело, кога овој превртливец во политиката би имал цврст и издржан став во однос на идеологијата што ја застапувал (а беше, во суштина комунистички диктатор), тогаш Црвената армија би избила на северната грчка граница и тоа на потегот – Бугарија, Југославија, Албанија.

Ниту во лудило Англоамериканците не би повеле војна против ваква сила. Тие дремеа како инфериорни мисири без било каква акција против Рајхот, сè до победите на Црвената армија кај Сталинград, а посебно нешто подоцна кај Курск – најголемата битка во историјата на светот, кога Русите ги здробија  Германците, им го скршија рбетот и им го наговестија страшниот пораз кој ќе уследи за некоја година. По овие сознанија од теренот Англоамериканците конечно се помрднаа од мртвата точка со своите ангажмани во северна Африка, каде корпусот на Ромел со триесетина илјади војници водеше релативно успешна војна со околу пола милион Англоамериканци. Настрана фактот, што против Црвената армија беа ангажирани 95% од силите на Вермахтот и нивните сојузници, но залудно.

Од друга страна, Советите 1948 година веќе ја имаа атомската  бомба, така што плановите на американскиот генерал Мак Артур, со кординирани атомски удари да го уништи комунизмот во Кина и СССР, беа чиста инфантилна фантазија. Затоа и беше под итно сменет од американскиот претседател Хари Труман, кога овој последниов дозна за лудите планови на главниот командант на пацифичките сили.

Така, со ваква констелација на силите на теренот, монархофашистите би ја загубиле војната во Грција, Англоамериканците би се повлекле во Италија и северна Африка, Советите би избиле на југоисточниот Медитеран, а Македонија би станала обединета, неразделена советска република, како и сите други социјалистички држави во светот, спремна да се бори за  социјални и народни права против белосветскиот империјализам.

А како нештата би се одвивале понатака, тоа само спекулативната историја може да ви го предочи.

Големиот германски филозоф Лајбниц во еден момент ќе објави дека „овој свет е најдобар од сите можни светови“, со самото тоа што е реална творба, за разлика од претпоставените или фантазираните светови. Без оглед на тоа дали се работи за утопија или дистопија, за идеализирани или, пак, за деградирани светови, подобни на самиот пекол, за нив артифициелното потекло создава безброј проблеми на долг рок. Можеби во заднината на Лајбницовиот став и сугестија постои одредена теолошка детерминанта, можеби и некаков остаток на некоја схоластичка догматика, но оваа теза на големиот филозоф, воедно е добро фундирана во незаобиколивата убедливост на самата стварност.

Лајбниц на ваков начин, како еден прониклив зен-мајстор се соочува со британската филозофска традиција на Џон Лок („човекот се раѓа како табула раза“) или со оној на Томас Хобс („човек на човека му е волк“), со тој емпиризам и рационализам така жестоко спротивставени на идеалистичката традиција на нивните сонародници – Дејвид Хјум или Џорџ Беркли.

Фридрих Ниче, најхаризматичниот и најпрефинет, а и најпоетичен филозоф на 19 век, имаше лошо мислење за Лајбниц. Тој ги презираше идеалистите, посебно во германската филозофија, почнувајќи од Кант и од Лајбниц, па сè до Шелинг и Шопенхауер. За овој последниов не ги ни штедеше деградирачките квалификации.

Сепак, тој покажува голем респект кон француските романтичари и класицисти. На крајот, сè е прашање на вкус. Во својата „Ecce Homo“, тестаментално дело напишано непосредно пред неговата смрт во 1900 година, а објавено во 908 година, Ниче многу луцидно и со невидена жестина ги анализира своите дела, но дава и квалификации за своите филозофски и литературни преференции. Тој остро ги напаѓа идеалистите наоѓајќи ги за декадентни и перверзни, воедно давајќи си себеси статус на натчовек, а понекогаш и на антихрист. Тоа е сурова поетика на остриот и чист воздух, кој го има само на високите планини, до кои ретко кој може да стаса. Во овој контекст нема многу простор за шпекулации, сè што е вредно е тука, во овој, веќе вечен свет на поларитети, на дионисиското и аполиниското. И наклонувајќи се кон слободата и вистината, тој зазема страна, која сурово го приближува кон одредени постулати, кои ќе ги најдете и кај Лајбниц, но и кај Шопенхауер.

Можеби Ниче, како експерт по класична лингвистика, даваше огромно значење на прецизноста во изразувањето, а, пред сè, на поетската потенција во искажаното.

Тука, секако, има битна структура, без која изразот ја губи својата прецизност и автентичност. Од друга страна, неговата деструктивна аналитичност на моралниот и филозофскиот главен тек, а посебно магнитудата со која го врши тоа како промислувач, ја создава „деконструкцијата“ во многу пофлагрантен формат цели 100 години пред Жак Дерида.

Но, детерминираноста на одредените интелектуални проекти во историската конструкција повеќе нè тераат на спекулативност отколку на тивка медитативност.

Велат дека овој чудесен карактер на централната тема на Ничевата филозофија влијаел на интелектуалната генеза на нацизмот. Тешко дека некој „бауер“ (селанец) или „арбајтер“ (работник) би можел да сфати што било од размислите на овој трагичен лик. Па, дури и кога би сфатиле и разбрале, попрво би се констернирале отколку одушевиле за да ја усвојат како сопствена идеологија. Посебно, што во својата чудна интелектуална биографија самиот Ниче се подбива со германската култура и дури вели „до каде и да продре германскиот стил, тој носи одвратни и неподносливи ефекти“, тој понатаму се исповеда, како е горд на своето словенско потекло (од полско аристократско семејство) и имплицитно изразува радост, што генетски, па и културно не припаѓа на така баналниот менталитет, каков што е германскиот. Тој е воодушевен од Стендел, на пример, или од Волтер, а која ингениозна душа од тоа време и не би била. Веројатно тоа е револуцијата во интелектуална смисла на цајтгајстот на 19 век.

Разорувањето на догмите и моралот што Ниче го прави во својата филозофија и интронизирањето на „Übermensch“, е, веројатно, круцијалната тема на нацистичкиот херметизам и идеолошката поставеност на хиерархијата на моќта.

Во една пригода Адолф Хитлер ќе истакне како неговата политичка, а и историска акција (пост фестум) не е покрената поради интелектуалците, туку поради селаните и работниците. И тука Фирерот целосно се сложува со ставот на Ленин. Тоа е дијаметрално спротивно од филозофската позиција на Ниче, но големите придвижувања на масите во насоката на одредена идеологизација е секогаш длабоко проткаена со популизам, а веројатно и со демагогија. Конечно, и Лајбниц и Ниче се среќаваат во една позиција кога се работи за реалноста.

Leave a Reply