Заливот на Коските

Последните неколку години од штотуку изминатиот XX век откриени се остатоци од три праисториски наколни населби покрај источното крајбрежје во водите на Охридското Езеро, односно на охридското карпесто крајбрежје за кое се мислеше дека е “негостољубиво” за лоцирање на ваков тип праисториски живеалишта. Во 1997 година беа извршени првите подводни археолошки истражувања во Македонија на локалитетот Плоча Миќов Град во Заливот на Коските, покрај јужниот брег на полуостровот Градиште, близу селото Пештани. На длабочина од 3,00 до 5,00 м беа откриени многубројни дрвени колци закачени на дното од езерото и многуброен движен археолошки материјал со хронолошка припадност на крајот од бронзеното и почетокот на железното време. Подводните археолошки истражувања на овој локалитет се изведуваа континуирано до 2005 година при што беа позиционирани 6000 дрвени колци на дното од езерото, која бројка секако не е конечна. Во 1998 година, во ноември, беа откриени остатоци на уште една наколна населба, овојпат во близина на селото Трпејца, локалитетот На Дол во Заливот на Прчот. Дрвени колци и движен археолошки материјал (керамика, камени орудија) беа регистрирани на длабочина од 5,00 – 7,00 м под површината на водата. Тогаш беа изведени пробни подводни истражувања кои се сведуваа главно на рекогносцирање и фото-документирање на остатоците на оваа населба. Според карактерот и особеностите на наодите, констатирано е дека и оваа населба припаѓа на крајот од бронзеното и на железното време.

Паско Кузман


Leave a Reply