Monday, 20 October 3062

Д-р Соларис од Македонија за Сонцето

За исчезнувањето на ѕвездите теоријата на д-р Паскал Сотировски, некогашен професор по астрофизика на Сорбона, гласи дека судбината на големи експлозии, иако се многу чести во вселената, ја имаат само големите ѕвезди. Во нив, зависно од големината на ѕвездата, температурата на јадрото битно е зголемена. Поради огромниот притисок и температура од 200 милиони Целзиусови степени, хелиумот се претвора во берилиум. За берилиумот да мине во литиум потребни се дури 500 милиони степени температура. Натамошната трансформација на елементите бара уште повисоки температури во јадрото на ѕвездата. Крајна трансформација е создавање на железото.


– По таа трансформација нема ништо друго. Кога ќе се создаде железото, во јадрото настанува голема експлозија, по што настануваат т.н. „црни дупки“ во вселената. Значи, со своите нешто повеќе од 15 милиони Целзиусови степени во јадрото, Сонцето нема шанси да доживее голем тресок. Судбината на помалите ѕвезди е да постигнат максимум во своето ширење. Кога ќе го постигнат тоа, по ист принцип и исто времетраење, само во обратна насока, почнува период на собирање на ѕвездата. Ширењето и собирањето на ѕвездата, се разбира, зависи од густината на вселената. Кога ќе почне собирањето на Сонцето, тоа ќе трае најмалку уште 5 милијарди години, додека не стане бело џуџе, како што се нарекува во науката. Повремено, во точно утврдени рамки, во Сончевиот циклус што трае 11 години, се постигнува и активен и пасивен максимум. Во активниот период настануваат големите и помали термонуклеарни експлозии што се рефлектираат со т.н. сончеви бури. Тие појави немаат битно влијание врз животот на земјата. Бездруго не се безначајни, но немаат уништувачка природа – велеше д-р Сотировски.

Додека во врска со најавените „стравотни бури“ д-р Олгица Барандовска од Природно-математичкиот факултет во Скопје мисли дека иако нашето Сонце е стабилна и мирна ѕвезда, во текот на релативно кратки временски интервали на неговата површина се јавуваат периодични промени кои се дел од т.н. сончева активност. Периодичното зголемување и опаѓање на оваа активност, кое се јавува рамномерно во текот на секои 11 години се нарекува Сончев циклус и е резултат на промената на поларитетот на магнетното поле на нашата ѕвезда.

– На секои 11 години Сончевиот северен магнетен пол станува јужен, а по истекот на полниот циклус од 22 години магнетните полови се враќаат на почетната позиција. Астрономите ги следат овие циклуси и ги означуваат со броеви. Така, 23-тиот Соларен циклус почна во доцните деведесетти години од минатиот век и траеше до 2008 година. Циклусот со реден број 24 почна во 2008 и ќе трае до 2019-20 година – вели д-р Барандовска.

Променливото магнетно поле влијае на сончевата активност која опаѓа и расте во текот на 11-годишните циклуси. Во периодите кога активноста достигнува максимум, на сончевата површина се појавуваат пеги, и тоа во поголем број од вообичаено, а се зголемува и интензитетот на т.н. сончеви блесоци – ерупции на високоенергетски, наелектризирани честици од надворешните слоеви, хромосферата и короната.

Иако Сонцето постојано исфрла вакви честици преку т.н. сончев ветер, во текот на максимумот на активност на неговата површина се случуваат вистински експлозии на материја загреана до повеќе милиони степени, при што се ослободува огромно количество енергија во вид на икс и ултравиолетово зрачење. Затоа, блесоците уште се наречени и сончеви бури.

Максимумот на последниот Сончев циклус, од астрономите на НАСА е најавен за 2012година. Иако се очекува блесоците да бидат поинтензивни од оние на претходната максимална активност во 2003 година, ќе напоменеме дека тие се редовна појава која нема катастрофални последици за нашата планета или за животот на неа. Најголем дел од штетното икс-зрачење го апсорбира густата Земјина атмосфера, додека наелектризираните честици ги одбива нејзиното геомагнетно поле (магнетосфера). На реакцијата на овие честици со магнетосферата се должи најфасцинантната појава во поларните региони на Земјата – аурората. Сончевите блесоци може да предизвикаат одредени секундарни проблеми со кои научниците се запознаени во последните децении. Наелектризираните честици се штетни за здравјето на астронаутите, доколку би престојувале во незаштитени сателитски летала. Дел од високоенергетското зрачење може да предизвика пречки во преносот на радиобрановите во атмосферата и да ги блокира глобалните комуникации и авиосообраќајот. Исто така, електричните празнења кои ја создаваат аурората можат да предизвикаат нагло скокање на напонот во електричните мрежи. Така, во 1989 година, шест милиони луѓе во областа Квебек, Канада, девет часа останаа без електрична енергија поради интензивна сончева бура. Сепак, без разлика на одредени предвидувања (или митови), поврзани со 2012 година, не постојат никакви причини да веруваме дека оваа природна појава ќе предизвика катастрофи од глобални размери, освен одредени непријатности поврзани со нашето користење на современата технологија.

извор: Нова Македонија