Monday, 19 October 5491

Орбело – Иницијација

Од гробовите на самоубијците вештерките земаат прав, и тоа се нарекува вештерска земја, што подоцна се користи во магија. Вечерва ќе ти докажам. Таа ќе биде на една археолошка локација. Таму Дина ќе ја подготви за нејзината иницијација. Кога ќе ти докажам, биди со мене и помогни ми понатаму.

Петар Трајков, Ѓоре Гонев
ИНИЦИЈАЦИЈА

(од Орбело)

Die Liebe zum Fernsten Kunftingen

Марк Дељан

Кога пред три години братучед ми од Германија беше на гости кај нас, имав можност да се запознаам со неговата активност како водач на едно друштво со идеи за надмоќноста на белата раса. Ја презираше љубовта кон ближниот како стара и досадна работа која треба да се отфрли. Зборуваше со занес за натчовекот на идните времиња. Наместо љубовта кон човекот, ѝ даваше предност на љубовта кон предметите и привидувањата.

Ме научи да го љубам далечниот натчовек, наместо ближниот човек. Кога и самиот ќе биде далеку одовде, за неговата идеологија ќе сведочат зборовите на Ниче, што во оргинална форма со ноже ги изрежал во потпорната штица од креветов: DieLiebe zum Fernsten Kunftingen – љубов кон далечниот човек.

Еден летен ден кон крајот на јуни добив покана за перформанс на една аматерска театарска група Et In Arcadia Ego на локацијата Струмин гроб. Ја поканив Билјана, и таа беше задоволна. После средбата со Анакинов таа саботна вечер со задоцнување пристигнав на перформансот.

Гробот на Струма е археолошки споменик сместен во атарот на село Баница.

По само неколку километри пат од градот, со моторот влегов во селото, и поминувајќи по една удолница,  пристигнав до гробот на Струма. Споменикот е доста стар, изграден во неколку концентрично поставени
правоаголни катови, направени од варовник и камен, широк и висок околу 2 метри, а долг 4 метри.

Сцената беше поставена веднаш до споменикот. Перформансот на групата беше наречен “Јарилова свадба” и беше во тек, но публика имаше само во првите два реда од поставените столови. Во категоријата аматери најпрвин учествуваа две момчиња облечени како овчари. Самиот гроб на Струма беше дел од сцената. Додека траеше нивниот
дијалог, едниот ја оцртуваше сенката на другиот што паѓаше врз гробот. До нив застанала една прекрасна девојка облечена во раскошна античка облека. Тоа беше заводливата Изабела, која порано се забавуваше со Диме.

Неколку девојки облечени во народна невестинска носија, држеа во рацете невешто изработени кукли од гранки и платно. Една по една ги фрлаа куклите во празната внатрешност на гробот. Кога ќе ја фрлеа куклата, паѓаа на земјата извикувајќи “Ах, ах, леле, ах, ах, леле.”

Девојка преправена во момче беше доведена на сцената и го претставуваше Јарило. Откако ги фрлија куклите, од гробот излезе неговата невеста. Повторно тоа беше Изабела, која сега беше полугола, и на телото имаше исцртано крстови. Во рацете држеше златно јаболко. Момчињата и девојките ја кренаа, и ја носеа на раце неколку круга околу сцената. Билјана седеше во првиот ред. Ми беше непријатно додека се одвива настанот да седнам до неа. Забележав дека крај шанкот поставен на страната стои тетка Дина Гранкова, и отидов до неа. Тетка Дина работи како советник во Министерството за надворешни, а порано работеше во службата за државна безбедност. Дина е сестра на таткото на Изабела, во младоста била другарка со мојата мајка. Мајка ми често велеше дека ја жали својата другарка Дина, бидејќи кариерата го уништила нејзиниот приватен живот. Таа ме прегрна, беше среќна што се видовме после толку години.

– Прекрасно свират момциве што ги забавуват вечерва гостите со стари песни од струмичкиот крај. Го чуствуваш ли ритамот што го забележал уште патеписецот Грегорас Никифор, кој во 14 век запишал дека овде живеат Варвари, со песни и ора кои звучат миксо фригиски и лидијски.

– Миксо фригиски звучи како песните на најпознатите рок групи – Ролинг Стоунси, Ју-ту, Дип Парпл. Можеби требало да ангажирате некоја позната група.

– Вечерва сè е во стилот на струмичкиот фолклор, кој е доста богат. Позната ти е легендата за Струма. Нејзиниот татко војувал против нејзиниот сакан, кој во овој регион дошол од северните краишта и го освоил срцето на девојката. Потоа таа го предала татка си со тоа што му ја открила тајната на саканиот за трагите што ги
оставала неговата коњаница која била поткована наопаку. Татко ѝ бил победен, а таа од него проколната девет пати земјата да ја исфрли кога ќе умре. Нејзиниот сакан подоцна бил убиен, но неговиот син станал владетел. Во една легенда таа е Марија, во друга легенда таа се мажи за овчар – рече Дина.

– Некои велат дека овој споменик е од времето на антиката, други пак дека е гроб на турски веломож, но сите придонесуваат сè повеќе кон неговата мистичност. Единствено реално е дека гробот е долг 4 метри и дека има девет ката. Можеби топонимот Струма е дел од асимилацијата на култот на големата мајка-блудница, срамот на водите – продолжи таа.

– Големата претпотопска мајка Аштарта, нејзината ќерка Астреа која во Египет била Асет, во Вавилон наречена Иштар, обожавана во градот Орбело во Ирак, во Феникија Астарта. Во Фригија Сибела, кај Сасите пак, Фреа – петочница, кај Словените Мокоша, односно тоа е името за астралниот култ на ѕвездата Деница. Таа е грчката Афродита, римската Венера. Оттаму доаѓа името и на овдешните топоними. Реката Струма била нарекувана света река со повеќе светилишта – рече Дина, и се напи од чашата.

– Светите отци на христијанството пак, оваа Астарта ја препознале како дневниот демон Аштарот. Ме потсетивте на Гвидо Фон Лист, кој во името на градот Фрајбург го наоѓа името на божицата Фреја. Можеби и во нашиве топоними може да се најдат старите ентитети – реков.

– И во Библијата има гроб со должина од 9 кубита како оној на џинот Ог Васански, кого Израил го победи. Девет ката има гробот, можеби сознанието за деветте круга на пеколот, симболот за владеење на злото со земјата, овде било познато пред објавувањето во Дантеовата “Божествена комедија” – рече една девојка што стоеше до нас и го следеше нашиот разговор.

– Што беше значењето на настанот вечерва? – прашав.

– Ова е еден феминистички проект, со цел да покаже дека со смртта на матријахатот не умре и слободата на жената. Таа е мајката која го роди божеството, таа тоа го прави со својата света женска природа и дух.

Во еден момент ја забележав Билјана која заминуваше од перформансот со такси. Се стрчав и застанав пред неа.

– Доцниш на настан за кој си ми обезбедил седиште во првиот ред. Ме срамиш пред сите, не ми се јавувај… – ми префрли Билјана влегувајќи во таксито.

Немав вистински зборови за да се извлечам од непријатната ситуација, особено затоа што често доцнам. Тргнав кон моторот за да се вратам во градот убеден дека повеќе не можам да ја трпам нервозната реакција на Билјана.

– Да те запознаам со Изабела – ми предложи тетка Дина, пред да го стартувам моторот. Зад себе ја влечеше за рака Изабела.

– Веќе се познаваме, но ова е можност да се запознаеме подобро – одговорив загледано во мазното лице на Изабела. Нејзините симпатични очи, привлечната насмевка на лицето само го разбудија немирот што поврзан со неа отсекогаш демнел во мојата утроба…

Фрагмент од книгата Орбело