Thursday, 17 August 2017

Скрбен слух! Жалосен глас!

Ние, богатите, благодарни да се тркаламе во изобилијата на печалбите, мислејќи повеќе за личното и материјално богатство, се стремиме само да ги умножуваме нашите желби, тркалајќи се во вечна заблуда и суета, каде што бескрајната фантазија откако еднаш нè одвлекла од умереноста љуби да нè заблудува во бескорисни и фантастични задоволства, кои што всушност никогаш во животот не ги наоѓаме, и си остануваме без да вкусиме од она природно и постојано насладување – дека сме ги облагородиле ближните и татковината си. А во последните минути, стресени од совеста, умираме мошне нажалени и татковината ни, милата ни мајка родилка не облекува траур за нашата смрт, ниту пак молитвите на останатите браќа нè придружуваат: татковината нè отфрла како чеда недостојни за нејзината љубов, како странци со зборовите: тргни се од мене, изроде! И потомството ни ја осудува бесчувствителноста и рамнодушноста со обичните зборови: “И жив беше бесполезен, и умрен си достоен за осудување!”

Скрбен слух! Жалосен глас! Татковината да се откажувала од своите чеда, браќата од молитвите а роднините и целиот словесен свет од пофалата!