Thursday, 21 September 2017

Митолошките суштества во народните преданија

 

Малиот број на живи примероци од највозрасните генерации Македонци и ден денес сведочат за песните, преданијата и спомените раскажувани на семејните огништа со генерации наназад. Активноста на разбудените Македонци од 19от век и нивното собирање на народни умотворби ни дава прекрасна подлога за спознавање на описот на многу митски и непознати битија од некаков си друг свет. Низ преданијата среќаваме сеќавања за вампири, вештици, нави, змејови, ламји и други суштества од оној свет.Импресионираноста на обичниот Македонец и значењето на непознатото и она што не се објаснува е за длабока почит. Низ вековите, нашите предци не само што го оддржале зборот пренесен од колено на колено, туку и ни оставиле топоними на земјата именувани според тоа како тие нарекувале одредени соѕвездија на небото. Од неколку научни трудови од минатиот век дознаваме за ноќното небо на Македонците и поврзаноста на именувањето на небото со она на земјата.

 

– Наречниците се митолошки суштества од женски род, најчесто се три – Наречниците како појава се одликуваат со голема хтонска природа, и кај нив е потенцирана симболиката на магискиот број три. Тие се три жени, кои доаѓаат на третата вечер од раѓањето на новороденчето, да му ја претскажат животната судбина. Некаде се прикажани како три сестри, од кои најмалата наречница е најдобра и ја изменува лошата клетва, што другите две наречници претходно ја изрекле. Во некои случаи се слуша кажувањето само на најстарата наречница, додека во другите случаи, постои можност за договор и за изменување на лошото пророштво во добро. Најчесто тие пророкуваат, смрт, болести или несреќа. Пророштвото на наречниците секогаш се исполнува и тука не постои никаква можност тоа да се спречи или да се промени во добра насока. Наречниците во приказните на Цепенков, исто така се прикажани како непобедливи суштества, чиешто пророштво мора да се исполни, без разлика каде и да се побегне. Многу ретко може да се сретне детален опис на нивниот физички изглед и во каков облик можат да се сретнат. Наместа тие се опишани како млади жени, а на места се опишани како стари баби со искинати опинци, кои одат со стап во рацете.

 

Овие митолошки суштества, прикажани во невидлив и воздушест облик, поседуваат извесни човечки карактеристики. Тие можат да се налутат доколку се попречува исполнувањето на нивното пророкување. Поседуваат магиска моќ да го престорат во камен оној кој ќе го слушне и ќе го открие нивното претскажување.  на наречниците на третата вечер им се принесува еден вид на жртва (леб, сирење и мед). Овој обичај кој влече корени многу оддамна, е присутен кај повеќе словенски народи, а до ден денешен се практикува и во нашата средина при раѓање на новороденче.

 

– Самовилите се потчинуваат само на оној кој што ќе им ја земе облеката, a ако им ги отсечат крилата, се преобразуваат во обични жени – Во митологијата самовилите се женски натприродни суштества кои им се наклонети на луѓето. Замислени се како убави девојки со златна коса и со крила. Живеат далеку по планините, покрај вода или во облаците. Постои верување дека се раѓале од росата на некое цвеќе, кога паѓа дожд и грее сонце или кога на небото се појавува виножито. Своите раскошни дворци ги граделе на облаците. Можат да се преобразуваат во различни животни, лебед, сокол, коњ или волк. Нивниот опис одговара на митските суштества нимфи. Понекогаш ја поседуваат способноста и за пророкување. Самовилите се мошне популарни ликови и во македонските народни приказни. Им се потчинуваат само на оние што ќе им ја земат облеката, а ако некој им ги одземе крилата, се преобразуваат во обични жени. Губењето на моќта, може да биде причина за нивна преобразба. Помошта на самовилата, најчесто е условена, јунакот треба да исполни една или три задачи за да го добие нејзиниот совет или нејзината помош. Како што е познато, во народната поезија, така и во народната проза многу често е застапен мотивот на побратимување па дури и брак со самовилите. Како што е забележано во зборникот на браќата Миладиновци: „Самовилите живеат на планини; љубет многу да играет оро. Тие се чинет посестрими со големите јунаци, и на нуждата им помогват и ги спасвеет од смрт; а в обште за луѓето сет лоши. Тие љубет да ослепват човекатого.“ Самовилите поседуваат неверојатна моќ да го заведат и маѓепсат човекот. Многу чести се мотивите на вљубување и брак со самовила. Браковите со самовилите се нешто неприродно и необично и затоа таа врска тешко се оддржува. Самовилата не може да се потчини на правилата на брачниот живот. Дури и кога станува мајка самовилата бара можност да се врати во неограничениот свет на природата. Ја користи можноста да се фати на орото облечена во својата самовилска облека и повторно слободна да одлета во облаците. Самовилското оро е причина самовилата да побегне и да се врати во својот свет. Тајната на нивната сила понекогаш лежи и во нивната коса. Момчето ги заврзува самовилите за косите за да не му побегнат. Самовилата поседува трансформациска способност, живеат во еден меѓупростор, помеѓу небото и земјата. Тие се невидливи и можат да се трансформираат и во ветер. Во македонската сказна се среќаваат и мажи самовили, тоа може да биде синот на самовилата, или пак некој змеј. Самовилите ја обожаваат музиката и танцувањето. Во некои преданија самовилите го тераат момчето да свири на шупелката три години, или пак сè додека не се измори. Ако престане, ќе му ги земат очите. Свирачот се трансформира во пиле за да ја види својата љубена. Во следниот момент и момчето и девојката се престоруваат во птици. Но кога добиваат пород, повторно се преобразуваат во својот човечки облик. Самовилите се согласуваат да го ослободат момчето од своите стеги преку посипување мед на нивниот пат. Детето задоено од самовили поседува неверојатна јуначка сила. Понекогаш самовилите ја поседуваат моќта на плодноста и пророкувањето. Жената ветува дека ако господ и подари дете, ќе го даде на самовили. Пророкувањето на самовилите добива пресвртница од лошо се претвора во добро. Место да и ги извадат очите на девојката, благословуваат од очите бисер да и се рони. Зборот јуда понекогаш оди заедно со зборот самовила. Јуда самовила, најверојатно, затоа што самовилите се среќаваат во близина на водите. Според некои верувања, потеклото на самовилите се врзувало и со култот на душите на предците.

 

– ЗМЕЈ – Според народната демонологија змејовите се суштества кои личат на човекот, имаат опаш во змијовидна форма покриена со луспи и златни крилја под пазувите. Тие се обдарени со необична физичка сила, а живеат најчесто во  пештерите и недостапните планински врвови. Змејот најчесто е привлечен од женската убавина. Ја грабнува најубавата девојка и ја носи во своето живеалиште. Во Предание за змејовете е запишано дека Сонцето се вљубило во некоја убава жена која дури и него го засенила. Тој ја грабнува и таа му раѓа 60 деца змејчиња кои имале златни крилја на нозете и живееле на небото кај змеевата ѕвезда. Во приказната Царската ќерка и момчето змеј, трансформацијата на змејот во јунак-ангел, е проследена со громотевици и светкање. Царевата ќерка не се уплашила од неговата појава. Се фаќаат на оро, змејот ја соблекува кожата, но му ја изгоруваат. Царевата ќерка, за да го најде треба да обуе железни опинци и по временски период од 3 години го наоѓа на една чешма. Средството преку кое треба да се дојде до целта, секогаш се наведува. За да се дојде до целта мора да се помине далечен пат. Змејот поседува магиска моќ. За да ја воведе девојката во својот свет ја преобразува во златно јаболко со цел да ја сокрие од мајка си и сестрите. За да остане во светот во којшто дошла девојката мора да исполни три работи што ќе ги нареди мајката-самовила и сестрите јуди-самовили. Во тој натприроден свет владеат чудни правила. Треба да ја измете куќата, но да биде ем метена, ем неметена, да испече леб, ем печен ем непечен, да наполни две кади солзи. Слична варијантата е кога Змејот ја грабнува најубавата девојка од орото и ја носи во неговиот златен дворец. Неговата појава е проследена со јуди и тивок ветар. Змејот заспива и и порачува на девојката да го разбуди, ако забележи некаква магла. Маглата е знак дека ќе се појави друг змеј кој му е противник. Солзата на девојката го разбудува змејот, кој не е известен навреме и поради тоа загинува во борбата со другиот змеј. Кога девојката сака со своите браќа да се врати во пештерата на змејот, за да земе од богатството, пештерата е затворена со тежок камен.

Не секогаш змејот е непријател на човекот, постојат варијанти каде човекот се здружува со змејот, змеј-човек, човек кој сака да стане змеј, или човек кој се побратимува со змејот. Надминувањето или отсуството на стравот е начин човекот да се приближи до змејот. Бестрашноста од соочувањето со змејот и другите натприродни сили е прикажана во приказната Зме’овскиот зет, шчо нашол пари во ханот, запишана од Шапкарев. Момчето покажува бестрашност од толосомот кој живеел во една соба во анот. Кога ќе се соочи со него, толосомот, истура богатство, пред него. Следното соочување со браќата змејови се надминува преку неговото претставување како змеј. Тој и вели на змејовата сестра „и јас сум змеј“, така се побратимува со змејовите и ја зема за жена змејовата сестра. Човекот не треба секогаш да поседува физичка сила, слична на змејовите, некогаш е доволна само мудроста. Јунакот во приказната поминува низ повеќе степени на усовршување, оди од еден успех во друг, влегува од еден животен стадиум во друг. Борбата на јунакот со змејот го симболизира неговиот процес на созревање и ослободување на анимата, т.е женскиот дел од машката психа. Змејските песни ги опеваат змејовите како митолошки суштества, нивните карактеристики и односи со луѓето. Во народното верување змејот е машко дете што го родила жена која го носела подолго од обично. Се верува дека секој синор си имал свој змеј што го чувал од разни штети, а посевите од разни елементарни непогоди во времето на зреењето.

Затоа тој е симбол на плодноста.

Се верува дека постојано место на живеење на змејовите им се високите планини, каде што живеат во пештери и слични места. Во народните песни тие се опеани како големи љубовници, поради што девојките доброволно стапуваат во љубовни односи со нив. Тие имаат моќ за метаморфоза, па во разни форми (како облак, китка, подгрленце и сл.) се доближуваат до девојките, потоа грмнуваат, ги грабнуваат и ги носат во планините или во пештерите, со нив водат љубов, им се раѓаат деца и со нив живеат.

Никола Ристевски, ГЛАС 2012

…..продолжува – Вештици, Сеништа, Нави, Ламји, Таласами, Ноќното Небо…

користени извори

– Марко Цепенков

– Кузман Шапкарев

– Браќа Миладиновци

– Демонолошките битија во македонскиот фолклор, Софија Тренчовска

– Танас Вражиновски

– Институт Марко Цепенкови др.