Monday, 20 November 2017

Масонски средби во Старата Чаршија

Честите средби ги одржувавме во некои од деловните простории на нашите Браќа или најчесто во едно познато култно кафуле во историските, мистични градби на Старата Чаршија на Скопје. Ова несомнено за нас имаше некоја симболична нишка на поврзаност со нашите древни Браќа кои своите први организирани собири како Слободни Масони, ги одржувале токму во култните Таверни на Лондон

Заедно со мене, бевме вкупно осуммина на овој прв состанок. Сите ликови ми беа добро познати, иако поради различните генерации како и различните професионални ангажмани, не можам да кажам дека претходно веќе сме биле блиски пријатели. Токму ова го нагласувам, за да го изразам моето пријатно изненадување, што после само пет минути формално запознавање и поздравување, ние веќе со полн жар, ентузијазам и некоја необјаснива блискост, продолживме да разговараме како да сме најдобри пријатели целиот наш дотогашен живот. Тогаш разбрав дека иницијативата за втемелување на Масонеријата во Република Македонија, е дојдена директно од највисоките офицерски структури на Големата Ложа “Југославија”, во непосреден личен и пријателски контакт со дел од овие мои “нови”, потенцијални Браќа.

СОБАТА НА ИЗГУБЕНИТЕ ЧЕКОРИ
…Нашето иницирање беше договорено за ден-петок, 5-ти април 1996 во нивниот Храм или градбата каде ритуално работеа, некаде во делот – Дедиње, Белград. Бевме примени во Братството и станавме членови на Ложата “Побратим”, или првата обновена и пререгистрирана Ложа во јуриздикција на ГЛ “Југославија”, во април 1990. Оваа Ложа има посебно значење за историјатот на организираната Слободна Масонерија во Србија,
затоа што симболизира континуитет со првата Ложа “Побратим” регистрирана уште во 1891 година. Тогаш “светлото” го вовела Големата Ложа на Унгарија, а за прв Старешина бил избран и инсталиран Ѓорѓе Вајферт. За време на неговото старешинство, до 1899 година Ложата “Побратим” забрзано се развивала и во тоа време имала околу деведесет активни членови. Сега во нивните нови простории, беше пренесено и на видно место изложено и напишано, римуваното гесло на првата Ложа “Побратим” – “Брат је мио, које вере био”, или слободно преведено – Драг ти е секој Брат независно од неговата верска определба, што е уште една манифестација на вековната отвореност и инклузивност на
Масонеријата на “различните” но и потврдено “добри луѓе и на добар глас.”
Тоа што за ритуалната работа при иницијација во “Отворена Ложа” го прочитав информативно и теоретски во книгите, сега конечно, по соодветната подготовка во “Собата на изгубените чекори” заедно со моите сопатници од Македонија, добивме можност реално да го искусиме и лично доживееме. Самиот чин на некаква “иницијација” е значаен дел на процесот на индивидуализација, самоостварување и самоактуелизација. Во Масонеријата, иницијацијата симболично го означува влегувањето во светот на “созреаните”, свет на просветлените и квалитетно навлегување во светот на духовниот развој на човекот во повисоки нивоа. Всушност, тешко е да се замисли можност за хармоничен развој на личноста, без соодветна “иницијација” која во различните фази на животот на човекот, означува сериозен пресврт. Затоа е од голема важност тој симболичен влез или зачекорување во “новото” да биде искрено и длабоко лично доживување. Тој што ќе ја разбере основната вистина дека Масонеријата како организација е конструирана за да го овозможи и помогне личното, индивидуално
“патување” на повисоките нивоа на свеста, на секој поединечен Брат Слободен Масон, ќе сфати едноставно дека “вистинските тајни” на Масонеријата се длабоко индивидуални сознанија кои не се изговорливи и затоа не можат со зборови и гестикулации да се “откријат”.

МАСОНСКА БЕЛА ТРПЕЗА
Така зачекорив во Ложата “Побратим” со јасно чувство на некаква трема, возбуда, неспретност во чекорите и движењата, со темен превез преку очите што само ми помагаше уште поспонтано и со повеќе концентрација да одговорам на поставените прашања од, за мене непознати гласови. Веднаш ми стана јасно дека всушност и нема потреба да гледам околу себе, туку токму во себе, затоа што таму можев единствено да ги пронајдам сите потребни одговори… со молскавична брзина низ главата ми поминува “филмот” на мојот дотогашен, профан живот. Увидов дека моето претходно однесување не било секогаш “под прав агол”. Окован во профаните, материјални интереси, подложен на природни човечки пориви, емоции, страсти, предрасуди… но и целосно подготвен за искрено себеосознавање и себеусовршување, да ги откријам димензиите на мојот внатрешен свет, моето место во космосот, смислата на мојот духовен живот. Слободно зачекорив во “отворената Ложа” почнувајќи го индивидуалното патување сосема свесен за должината и тежината на патот”, подготвен да ги воочам своите грешки и предрасуди, да ги совладам и пребродам со посветено учење и духовно воздигнување. Братската рака на Братот кој ме водеше низ церемонијата, беше вистинскиот “добар ветер во моите едра” и ѕвезда-водилка во визуелната темнина на симболичното патување од запад кон исток, во потрагата по светлината… Извонредно силна доза на емоции за кои не постојат соодветни зборови за говорно опишување… Длабокиот тон и јасната дикција во гласот на Старешината на Ложата додека ми ги поставуваше прашањата и ми ги соопштуваше поуките, чинам се уште ми одѕвонуваат во ушите… чудно, но воопшто не ми попречи тоа што не ми се обраќаа на мојот мајчин јазик… тие всушност зборуваа на универзалниот “јазик” на братската љубов, говор кој не се разбира само преку зборовите туку лично и длабоко се доживува…

Пред завршувањето на соодветно адаптираниот, долг церемонијален ритуал, посебно доживување претставуваше инспиративната беседа на Големиот Беседник на ГЛ “Југославија”, професорот д-р Андрија Гамс (Слободен Масон од пред 1940 година) за смерноста и рационализмот како филозофски ориентири во животот. По церемонијалното “Затворањe на Ложата” јас и, сега веќе, моите Браќа од Македонија заедно со сите Браќа кои работеа и присуствуваа на ритуалната работа, отидовме на заедничка вечера или по древниот обичај и традиција, таканаречена “масонска бела трпеза”…

СТАРАТА ЧАРШИЈА
Со прецизно разработена динамика, во неколку помали групи, до крајот на 1996 година беа регуларно иницирани и воздигнати на Мајсторски степен, вкупно 21 Брат од Македонија со што веќе формално го достигнавме минимум потребниот број Мајстори за формирање три Ложи во Македонија и консеквентно Голема Ложа на Македонија со “воведување светло” од страна на ГЛ “Југославија”. Паралелно со овој процес на динамично иницирање на неопходниот број Браќа, внимателно ја водевме и постапката за наше легитимно и легално функционирање внатре во државата. Со сите мерки за, во таа фаза, неопходната целосна дискретност кон јавноста, нашиот неформален Голем Секретар го подготви и сите ние го усвоивме првиот документ, нашиот прв “Статут”, на 28-ми август 1996 година. На 15-ти октомври, беше потврдно одговорено и уважено нашето официјално Барање” (потпишан акт од првите 10 “оснивачи”) до надлежните институции на Република Македонија, со донесување на “Решение” со кое “Здружението на Слободни Ѕидари – Голема Ложа на Македонија” е запишано во Регистерот на општествени организации – здруженија на граѓани… две години подоцна, во октомври 1998 год., донесовме Одлука за усогласување со одредбите на новиот “Закон за здруженија на граѓани и фондации” и соодветно нов Статут”. Надлежниот суд утврди дека доставената Програма и Статутот се во согласност со законските одредби и донесе Решение од 4-ти март 1999 година, со кое е извршено запишување во Регистерот, со скратено име “Голема Ложа на Македонија”. Претходно, во јануари 1999 година, веќе имавме добиено и Решение од Министерството за Правда на РМ, со кое ни беше одобрено да го користиме зборот “Македонија” како дел од називот на нашата “Голема Ложа на Македонија.” Во тој подготвителен, целосно “дискретен” период, честите средби ги одржувавме во некои од деловните простории на нашите Браќа или најчесто во едно познато култно кафуле во историските, мистични градби на Старата Чаршија на Скопје. Ова несомнено за нас имаше некоја симболична нишка на поврзаност со нашите древни Браќа кои своите први организирани собири како Слободни Масони, ги одржувале токму во култните Таверни на Лондон.

Нашите средби беа исполнети со искрена, позитивна енергија и ентузијазам на посветени “градители”, кои во пријатна атмосфера со спонтан, некако природно изразен флуид на поврзаност, дискретно ги планираа своите следни чекори до остварување на целта – Голема Ложа на Македонија.

ВЕЧЕР пренесува дел од книгата на Живко Груевски, првиот современ македонски Масон кој јавно се произнесе дека е она што е. Издавач на делото е Култура”