Monday, 21 August 2017

Масонски симболи низ Македонија

За мене лично, највпечатливо е откривањето на таквата симболика на засекогаш вградениот “масонски печат” во инаку ретко споменуваната, преубава црква Света Богородица” во живописното село Гари вгнездено во планинските делови, во средиштето на Мијачко-реканскиот дел на Западна Македонија или област од која традиционално потекнуваат најдобрите мајстори-градители.

Во последната декада од дваесеттиот век, евидентно беше дека Република Македонија е една од ретките суверени држави во Европа каде се уште нема легитимно организирана форма на регуларна Слободна Масонерија. Секако дека постојат многу претпоставки, но и документирани податоци за видни членови на Братството од нашиве краишта – посебно за периодот од крајот на деветнаесеттиот и дваесеттиот век, но неспорен факт е дека сите тие објективно припаѓале и работеле под јуриздикција на различни Големи Ложи, како бугарската, југословенската, романската, италијанската… Сложените игри” на нашата историја, за жал, никогаш не створиле услови за формирање и осветлување” на автохтона, самостојна масонска организација. Почнувајќи со митската легенда за Масонот – Александар Македонски, впечатливо контроверзни се и толкувањата за масонската основа на Богомилското движење” кое потекнало од десеттиот век, во срцето на Балканот, во добар дел токму на територијата на Македонија. Коментирајќи ја оваа храбра и секако неиспитана теза која може да биде континуиран предизвик за истражувачите масонолози”, Јован Бригиски во своето дело Масони – Бревијар за Древното Братство” ги поставува следниве дилеми: Кои всушност биле тие “еретици” што биле првите дисиденти од црквата; кои биле тие богомили кои гледале “пореално” на светот, тврдејќи дека во него има и огромно количество зло кое е несвојствено за Бога? Кои биле тие отпадници” од верата што биле “ѓаволови службеници” (зарем во денешно време, неупатените не го говорат истото за Масоните!?), но кои парадоксално пак, не го негирале постоењето на Бога, биле верници и само укажувале и на злото за кои барале објаснение и лек”.

СИМБОЛИ ВРЗ МАКЕДОНСКИТЕ ЦРКВИ

Препознатливите масонски симболи како Аголникот, Шестарот, Утринската Ѕвезда, Севидливото Око сместено во Триаголник…, ги има поставено буквално насекаде по територијата на Македонија и тоа најмногу втиснати и претставени во градбите и
темелите на црквените храмови. Со голема сигурност можеме да претпоставиме дека овие масонски обележја не биле нарачани од световните лица, туку сосема едноставно, уметниците-градители, македонските Мајстори-Ѕидари, фрескосликари и копаничари, кои со своите ѕидарски тајфи многу патувале и ги усовршувале своите геометриски” и архитектонски” занаети, дискретно, но впечатливо, го оставале својот занаетчиски или оперативен мајсторски печат”. За мене лично, највпечатливо е откривањето на таквата симболика на засекогаш вградениот масонски печат” во инаку ретко споменуваната, преубава црква Света Богородица” во живописното село Гари вгнездено во планинските делови, во средиштето на Мијачко-реканскиот дел на Западна Македонија или област од која традиционално потекнуваат најдобрите мајстори-градители.

“ВОСКРЕСНАТА МАКЕДОНИЈА”

Во претходно наведениот истражувачки текст на Симе Алушевски понудени се многу историски податоци и имиња на Слободни Масони од Македонија, почнувајќи со Петар Ичко кој како Масон на преминот од осумнаесеттиот во деветнаесеттиот век, заедно со тогашниот голем везир Мустафа-Паша, членувале во белградската Ложа Али-Коч”; па Кондо војвода од Вевчани, Струшко; приказната за Марко Цепенко; за Масонот – Тале Алавантија од Прилеп; капел-мајсторот Димитрие Лала од Битола; архитектот Ѓорѓи Пулески, Рајко Жинзифов… Тој го наведува постоењето на неколку Ложи (деветнаесеттиот век) во Македонија, меѓу кои штури податоци наоѓа за три Ложи во Битола: “Terra e Sole”, “Heraclea” и “Aurora de la Libertas”. Најпозната е Ложата “Macedonia Risorta” која работи во Солун под закрила на Големиот Ориент на Италија. Оваа Ложа “Macedonia Risorta” или “Воскресната Македонија” ќе одигра голема улога во настани со големо историско значење во почетокот на дваесеттиот век, како што е “Младотурската револуција”. Членови на оваа Ложа биле и Мустафа Кемал Ататурк и Талат-Паша, министер за внатрешни работи кој во 1907 година станува Мајстор на Шкотскиот ритуал во Отоманската Империја.

Алушевски понатаму ги споделува неговите сознанија за Масоните во македонските револуционерни редови – гемиџиите; за Илинденците” Масони; за неспорната блискост со масонските учења, но непотврдено членство со цврсти факти, на Даме Груев, Гоце Делчев, Ѓорче Петров…; за Масонот Кирил Прличев (син на Григор Прличев), познатиот дипломат Симеон Радев од Ресен или Масонот д-р Аврам Балабан (лекар, хирург и гинеколог кој работел во Битола на почетокот на дваесеттиот век), овековечен со објективот на Милтон Манаки, а фотографијата на која е прикажан со украсна регалија – лента врз себе со масонски ознаки – Алушевски ја лоцирал во државниот архив, подрачно одделение во Битола. Сепак, веројатно, најмаркантна личност во масонската хиерархија е охриѓанецот Александар Протогеров кој е првиот Голем Мајстор на Големата Ложа на Бугарија основана на 27 декември 1917 година, со посебно одобрение и признание од Големата Ложа на Франција. Во периодот помеѓу двете Светски Војни, големо влијание за Масонеријата во вардарскиот” дел на Македонија, има и Големата Ложа на Југославија чиј прв Голем Мајстор е Ѓорѓе Вајферт, тогашен директор на Народната Банка на Кралството Југославија. Под јуриздикција на ГЛЈ работела Ложата Косово” во Скопје… Тука уште еднаш ќе повторам – сложените игри” на нашата историја, за жал, никогаш не створиле услови за формирање и осветлување” на самостојна, национална масонска организација.

Токму затоа, во периодот на последната декада од дваесеттиот век, ние и не можеме да зборуваме за некакво обновување” или реактивирање”, туку единствено – можно почнување од самиот почеток, поставување на цврсти темели за трпелива изградба на
величествената градба” – Прва Национална Голема Ложа на Македонија” или регуларно воведување на Редот на Слободните Масони во суверена Република Македонија.

1995 ГОДИНА, ПОЧЕТОЦИ

…За мене, се започна со еден сосема вообичаен, пријателски телефонски разговор, некаде есента 1995 година, не знаејќи дека во тие моменти всушност извршив резервација на билет во еден правец”, за највозбудливото и најдрагоценото патување” во мојот живот. Повикот беше од еден од моите најдобри другари, од детските години, при што покрај другите регуларни теми, изненадувачки од него добив и серија на прашања како: Што знаеш за Масонеријата?; Кој е твојот личен став?; Дали си имал прилика на некое од твоите патувања во САД, Канада, Англија, Австрија… да се запознаеш со некој Слободен Масон? и слично. Не се сеќавам прецизно кои беа моите одговори, но она што е суштински важно за оваа лична сторија е што само неколку дена подоцна со него отидов на првата неформална средба со другите”, односно со малата, иницијална група од неколкумина добри луѓе” кои, веќе евидентно, беа магнетски привлечени од езотеричниот предизвик да се втурнат во длабоките води на масонската филозофија на животот.

ВЕЧЕР пренесува дел од книгата на Живко Груевски, првиот современ македонски Масон кој јавно се произнесе дека е она што е. Издавач на делото е “Култура”