Масонеријата старее

Најголемиот дел (околу 4 милиони) живеат во САД. Само информативно, еден преглед претпоставува дека во Англија и Велс има околу 550.000; Шкотска 400.000; Ирска 48.000; Канада 250.000; Европа 100.000; Австралија 370.000; Латинска Америка 50.000; Филипини 10.000; и другите делови како Индија, Јапонија, Формоза, Африка, Израел околу 290.000. Но, овие статистички податоци делуваат нереално оптимистички доколку се споредат со некои други прегледи

Задржувајќи се накратко на анализа на статистичките параметри за бројноста на регистрираното членство во светот, прво мораме да имаме предвид дека и самите изготвувачи на таквите извештаи нагласуваат дека бројките се релативни, односно не можат да бидат прецизни и служат само како ориентир за да се согледа трендот во определени временски периоди. Во еден таков извештај” од 2005 година се претпоставува дека во светот активно се регистрирани околу 6 милиони Слободни Масони. Од оваа глобална бројка, се уште се смета дека најголемиот дел (околу 4 милиони) живеат во САД. Статистичките показатели, посебно за Ложите кои работат во јурисдикција на ОГЛА, се дополнително непрецизни и заради фактот дека таму индивидуален Слободен Масон може да биде регистриран, односно да членува во повеќе од една Ложа. Сепак, само информативно, овој преглед претпоставува дека во Англија и Велс има околу 550.000; Шкотска 400.000; Ирска 48.000; Канада 250.000; Европа 100.000; Австралија 370.000; Латинска Америка 50.000; Филипини 10.000; и другите делови како Индија, Јапонија, Формоза, Африка, Израел околу 290.000.

НЕРЕАЛНА СТАТИСТИКА?
Но, овие статистички податоци делуваат нереално оптимистички доколку се споредат со некои други прегледи, посебно за состојбата со бројноста на членството во САД, каде најголем пад, за повеќе од 50%, е забележан во периодот од 1960 до 1970 година. Овие прегледи прикажуваат максимална бројка од само 1,9 милиони Слободни Масони во САД, регистрирани како активни, на почетокот на 21-от век.

Настрана непрецизноста на апсолутните бројки на членството, далеку позагрижувачки показатели кои укажуваат на евидентната криза, се податоците за генералното стареење” на членството, како и високото ниво на неактивно” членство кое ги подмирува обврските кон организацијата, но не присуствува редовно на работа во Ложите. Доколку кон средината на 20-от век просечната возраст на масонското членство во САД, била околу 40 години, на крајот на 20-от век таа е само нешто малку под 65 години. Уште полоши се податоците кои ја отсликуваат редовноста на регистрираното членство во САД – од високи 60-65 проценти забележан е пад до само 10-15 проценти.

Ваквите негативни трендови секако биле повеќе од доволни за да ги запалат сите алармни уреди кај масонското лидерство во таканаречената масонска држава” – САД. Во 1988 година, повеќето Големи Ложи нарачале изготвување на посебна истражувачка студија од една од најеминентните професионални компании во САД. Целта на студијата била да се испита јавното мислење, односно да се добијат анкетни одговори од профаното население – што знаат за Масонеријата и кој е нивниот интерес за евентуално пристапување и иницирање во Редот.

Добиените резултати само ги препотврдиле претходните индикатори за длабоката криза со која се соочувала Масонеријата, посебно во САД. Студијата покажала дека само 15 проценти од испитаните граѓани покажувале интерес за членство во некаква организација, наведувајќи дека главна причина за тоа е динамичниот живот и хроничен недостаток на слободно време кое можат да си го посветат на себе. Само околу 2 проценти од интервјуираните покажале активен интерес за евентуално членство, а други 22 проценти одговориле дека би биле заинтересирани само доколку со членството добијат доволно привлечни поволности!?

Фрапантен податок за САД, но дури 71 процент немале поим што е Слободната Масонерија; 26 проценти пак одговориле дека имаат само груби сознанија за древната организација кон која генерално имаат позитивен став. Нешто помалку од 3 проценти се изјасниле дека имаат неутрален или негативен став. Истата професионална компанија, следната 1989 година ја проширила студијата со додатни испитувања на состојбата на самото членство. Значи, во 1989 година, истражувачкиот тим дошол до податок дека просечната старост на членството е преку 60 години – бројка која, видовме претходно, се зголемувала до крајот на 20-от век. Околу две третини од членството припаѓале на организацијата повеќе од 20 години, но дури 95 проценти од нив (поради возраста) престанале да бидат активни и редовно да присуствуваат на работа во нивната Ложа. Сепак високи 90 проценти одговориле дека се задоволни и немаат што да забележат на Редот на кој му припаѓаат и дека главна причина за неактивноста е недостаток на слободно време.

Во сумираните наоди на студијата, професионалната компанија навела дека во САД е драстично опаднат имиџот” и активниот интерес за Масонеријата! Поголем дел од регистрираното членство ги подмирува обврските за членарина” и е задоволно со нивниот претходен ангажман, но сега е неактивно и незаинтересирано за личен придонес во евентуални позитивни промени внатре во Братството. Во исто време потенцијалните нови кандидати, високо ги вреднуваат принципите и начелата на Масонеријата, вредноста на семејството, братска љубов и пријателско дружење, добродетелство, лидерство, личен придонес за доброто за заедницата и т.н., но – немаат слободно време.

МАСОНИТЕ СТАРЕАТ
Традиционалната “затвореност”, односно “low-profile” појавност и присутност на Масонеријата, посебно во најнапредната мегасила во светот, со најразвиена информатичка технологија и тотално зависна од електронската комуникација, неизбежно резултирала со несфатливо ниско ниво на базични сознанија за Занаетот”!

Студијата безмилосно заклучува дека сите анализирани елементи неминовно довеле до опаѓање на бројот на активното членство како и до континуирано стареење” на организацијата. Во таквиот, пролонгирано негативен тренд за Масонеријата еден поголем дел од Старешини на поединечните Ложи, прифаќаат и применуваат тактика” која, за жал, на подолг рок може да метастазира во уште поголем проблем. Имено, сакајќи да го стопираат трендот на опаѓање на бројот на активното членство, како и евидентното стареење” на Братството, некои Ложи драстично ги намалиле традиционалните критериуми за проценка и одобрување на квалитетот кај секој нов кандидат за прием и значително ја релаксирале и поедноставиле самата постапка.
Сосема очекувано, ваквиот пристап на краток рок, покажал статистички позитивни разултати – со тенденцијата за зголемување на бројноста како и делумно подмладување на членството. Но, не треба да се заборави дека ние не зборуваме за организација за еднократна употреба”, туку за Масонеријата како посебен начин на живеење” нераскинливо и безвременски поврзана со постоењето на човештвото. Во тој смисла, компромисот со квалитетот” на новото членство, на подолг рок е апсолутно разорен за иднината, долговечноста и авторитетот на Редот, за улогата на Масоните кои во сите епохи ја претставувале мистичната, духовна аристократија на општествата на кои им припаѓале. Сосема намерно избрав да ги споделам со вас далеку најдрастичните, негативни показатели за состојбите во Масонеријата во последните децении од минатиот век, посебно затоа што се (донекаде) релевантни и се однесуваат на најмасонската креација” – САД! За среќа, состојбите во истиот временски период ни приближно не се толку негативни во европската Слободна Масонерија. Сепак немаме право да ги затвораме очите и да не согледуваме дека знаците на демотивираност и незаинтересираност на членството се глобално дијагностицирани. Тука мора да се потенцира дека вистинско освежување, нова енергија и толку неопходниот нов квалитет во право време доаѓа токму со бранот на обновени и рестартирани национални Големи Ложи во Југоисточна Европа: Унгарија, Романија, Чешка, Полска, Литванија, Естонија, Русија, Украина, Словенија, Словачка, Бугарија, Србија, Хрватска и секако, без лажна скромност, скапоцениот нов бисер во фамилијата на регуларни Големи Ложи – Големата Ложа на Македонија. Дури и површна анализа на структурата на членството кај овие јурисдикции, покажува дека во последниве дваесетина години интересот за прием во членство е далеку поголем од реалните можности за регуларна иницијација во поединечните Ложи.

ВЕЧЕР пренесува дел од книгата на Живко Груевски, првиот современ македонски Масон кој јавно се произнесе дека е она што е. Издавач на делото е Култура”

Leave a Reply