Sunday, 24 September 2017

Воскресната Македонија

Во истражувачкиот текст на Симе Алушевски понудени се многу историски податоци и имиња на Слободни Масони од Македонија, почнувајќи со Петар Ичко кој како Масон на преминот од осумнаесеттиот во деветнаесеттиот век, заедно со тогашниот голем везир Мустафа-Паша, членувале во белградската Ложа Али-Коч”; па Кондо војвода од Вевчани, Струшко; приказната за Марко Цепенко; за Масонот – Тале Алавантија од Прилеп; капел-мајсторот Димитрие Лала од Битола; архитектот Ѓорѓи Пулески, Рајко Жинзифов… Тој го наведува постоењето на неколку Ложи (деветнаесеттиот век) во Македонија, меѓу кои штури податоци наоѓа за три Ложи во Битола: “Terra e Sole”, “Heraclea” и “Aurora de la Libertas”. Најпозната е Ложата “Macedonia Risorta” која работи во Солун под закрила на Големиот Ориент на Италија. Оваа Ложа “Macedonia Risorta” или “Воскресната Македонија” ќе одигра голема улога во настани со големо историско значење во почетокот на дваесеттиот век, како што е “Младотурската револуција”. Членови на оваа Ложа биле и Мустафа Кемал Ататурк и Талат-Паша, министер за внатрешни работи кој во 1907 година станува Мајстор на Шкотскиот ритуал во Отоманската Империја.

Алушевски понатаму ги споделува неговите сознанија за Масоните во македонските револуционерни редови – гемиџиите; за Илинденците” Масони; за неспорната блискост со масонските учења, но непотврдено членство со цврсти факти, на Даме Груев, Гоце Делчев, Ѓорче Петров…; за Масонот Кирил Прличев (син на Григор Прличев), познатиот дипломат Симеон Радев од Ресен или Масонот д-р Аврам Балабан (лекар, хирург и гинеколог кој работел во Битола на почетокот на дваесеттиот век), овековечен со објективот на Милтон Манаки, а фотографијата на која е прикажан со украсна регалија – лента врз себе со масонски ознаки – Алушевски ја лоцирал во државниот архив, подрачно одделение во Битола. Сепак, веројатно, најмаркантна личност во масонската хиерархија е охриѓанецот Александар Протогеров кој е првиот Голем Мајстор на Големата Ложа на Бугарија основана на 27 декември 1917 година, со посебно одобрение и признание од Големата Ложа на Франција. Во периодот помеѓу двете Светски Војни, големо влијание за Масонеријата во вардарскиот” дел на Македонија, има и Големата Ложа на Југославија чиј прв Голем Мајстор е Ѓорѓе Вајферт, тогашен директор на Народната Банка на Кралството Југославија. Под јуриздикција на ГЛЈ работела Ложата Косово” во Скопје… Тука уште еднаш ќе повторам – сложените игри” на нашата историја, за жал, никогаш не створиле услови за формирање и осветлување” на самостојна, национална масонска организација.

извор: Масонски Мозаик