Saturday, 20 October 3010

Симеон Радев – прв дипломат на Софија

Ресенчанецот Симеон Радев со право го сметаат за најголемиот бугарски дипломат. Тој бил првиот претставник на Софија во Друштвото на народите и нејзин амбасадор во најмоќните джави во свегтот. Радев ќе биде и во составот на бугарската делегација која во Букурешт во 1913 година која ќе го потпише договорот за распарчување на Македонија по Балканските војни. Неколку години подоцна заедно со Андреј Љапчев во Солун ќе ја договорат и капитулацијата на Бугарија по поразот во Првата светска војна.

Не само како дипломат Радев е познат и како публицист. Бугарските историчари негово капитално дело го сметаат “Градителите на современа Бугарија”. Неговата активност е поврзана и со македонското револуционерно движење. Се зборува дека тој лично се заложил кај бугарскиот цар да биде спасен од сигурна смрт Павел Шатев. Како човек од перо уредувал повеќе весници во кои ја пропагирал македонската револуционерна борба. За таа негова дејност нашата јавност дозна пред шест години кога во Париз, владата на Љупчо Георгиевски постави спомен-плоча на куќата каде бил печатен весникот “Македонско движење”, чиј главен уредник и автор на повеќе текстови бил тој. Весникот излегувал една година, од 1902-1903 и биле отпечатени 24 броја.

Симеон Радев се чувствувал Бугарин. Всушност, за тоа негово определување ќе остави аманет непосредно пред неговата смрт во 1967 кога починал. “Во 1954 година бев многу депримиран и кога размислував како можам да го ослободам својот дух од тој притисок, решив дека најдобро средство ќе биде да ги опишам моите спомени од младоста, кога се школував во Македонија и Цариград, живеев со гордоста да кажувам дека сум Бугарин и со радоста дека се школувам. Го направив тоа. Ми олесна”, ќе напише тој во предговорот на својата последна автобиогравска книга “Рани спомени”. Ракописот за шечат ќе го потпише во болницата во Софијаа два дена пред да почине.

Најпознатиот бугарски дипломат бил миленик и голем почитувач на Егзарх Јосиф, човекот кој со формирањето на Егзархијата, преку бугарската црква и училиштата што ги формирл низ Македонија ги побугарчувал Македонците. Во “Рани спомени” Радев ќе напише: “За него сум пишувал не еднаш со восхит, кој со годините постојано се зголемува. И со својата личност, и со своето дело тој зазема едно од најголемите места во новата бугарска историја. Бугарштината во Македонија е создадена со векови. Големи дејци и бесмртни имиња ја пробудија по долго ропство. Но тој е човекот што ја организира врз поставените основи. Во тек на 36 години , од денот кога тој стапи на својот престол, до фаталната Балканска војна, по која тој требаше да го напушти, тој и го посвети на неа целиот живот…За тие кои што имале привилегија да го познаваат одблизу и се способни да ја видат неговата огромна дејност, тој блешти со ненадмината величина…”пишува Радев за човекот кој направил многу за неговото школување и кариера.

Радев е роден во Ресен во 1879 година. Се школувал во родното место, во Охрид и Битола. Во Охрид ќе има можност како ученик да го гледа и Григор Прличев во црквата “Свети Климент”, но тој нема да му остави таков впечаток каков што очекувал, и според него бил пргав и избувлив старец. “Знаев дека тој е жив и живее во Охрид и се надевав таму да го видам. Меѓутоа, моето разочарување беше многу големо, дека не го видов како што очекував. Како си претставував еден поет”, ќе напише Радев во неговата последна книга.

Егзархот Јосиф во тоа време водел посебна политика и им обезбедувал на најинтелегентните Македончиња да го продолжат школувањето па така Радев ќе биде запишан во Цариград во францускиот лицеј “Галата Сарај”. Тоа ќе му помогне да го научи францускиот јазик. Во 1918 година на француски ќе ја напише книгата “Македонија и Бугарската преродба во 19 век”, која десетина години подоцна ќе биде преведена на бугарски јазик. Кога по завршувањето на лицејот во Цариград егзархот Јосиф му предложил да работи со него, Радев сакал да го продолжи школувањето, па заминал во Женева каде завршил право. Имал блескава дипломатска кариер. По Првата светска војна бил бугарски претставник во Друштвото на народите во Женева и амбасадор во Хаг, Анкара, Вашинтон, Лондон и Брисел.

Спомен- плочата подигната во Париз на зградата каде се печател весникот “Македонско движење” беше подигната на иницијатива на тогашниот македонски амбасадор во Франција, Јордан Плевнеш. По повод рекациите зошто се подигнува обележје на весник што го уредувал човек кој и по создавањето на македонската држава се чувствувал Бугарин Плевнеш ќе ни изјави дека Радев имал европски хоризонт на мислење и дека тоа биле најубавите години од нашата историја кога немало поделеност меѓу духовните и интелектуалните сили на Македонија, а весникот учествувал во подготовката на крунисувањето на македонското национално движење.

Весникот излегувал на француски во Париз и како и другите македонски весници што се печателе во Женева, Виена, Санпетербург бил подготвуван од македонската интелегенција, чиј што сон бил создавање на македонската држава. “‘Македонско движење’ е резерват на нашата македонска национална-политичка историја. Ако било тоа движење српско, бугарско или грчко така ќе се викало.”, објаснува Плевнеш и подвлекува дека за весникот знаеле и Гоце и Ѓорче и Даме.

“Ние сите треба да бидиме горди за тоа. Што станало после со протагонистите на тој чин, што пишувало во нивните биографии нас не не интересира”, одговара Плевнеш кој препорачува дека денес треба да дојде до ослободување на нашата свест и “ние сите тие тенденции во Санкспетербург, во Париз во Женева, во Лозана, во Одеса да си ги прибериме, бидејќи тие отвораат македонски хоризонти, а што станувало приватно со личностите, тоа е сосема друго прашање”.

Според него, тоа што Симеон Радев подоцна станал бугарски дипломат тоа е друга работа и такви примери имало илјадници во европската историја. Македонија тогаш не создала своја држава и тогаш голем број личности отишле во Софија и во Белград

“Ние денес имаме интерес присустноста на македонската интелегенција во светските центри да ја приклучиме кон нашата меморија”, додава Плевнеш и затоа, според него, не треба да се навлегува во размислувањата за ваква или онаква биографија и да гледаме дека Македонија била прашање и сон на еден цел народ, на милиони луѓе. “Имало контроверзи и различни колебања што било присутно и кај сите народи. Важно е што Македонецот во европскиот лавиринт го има своето место, и што тој е една цивилизациска вредност. Ние сме имале традиции кои не се врзани со соседските пропаганди, тие се отворени кон светот, независно од фактот што голем број протагонисти на тие движења подоцна се убивани или ликвидирани или стануваат поданици на туѓи држави и заштитуваат туѓи интереси”, заклучува тогашниот македонски амбассадор во Париз.

Со излегувањето на “Македонско движење” се поврзани уште две личности од македонската револуционерна борба, а тоа се Борис Сарафов и Владимир Робев. Сарофов обезбедил пари за печатење на весникот. Мошне интересно е како тој дошол до нив. Во своите спомени ќе објасни како имал некој англиски пријател, чии име не го споменува, кој му дал голема сума пари. “Тогаш добив од него 50 илјади франци. Човекот изгледаше дека не е политичко лице. Изгледаше богат. Кога ги зедов тие пари, имаше група студенти – Симеон Радев и др – во кафеаната им ги истресов 50 банкноти по илјада франци. Реков веднаш да се почне во Париз издавањето на “Македонско движење”.

Владимир Робев бил секретар на редакцијата. Тој припаѓа на познатото македонско семејство Робевци, кое било мошне богато. Тоа имало свои трговски фирми и филијали во Виена, Трст, Задар, Сараево и Белград. И Владимир, го завршил лицејот “Галата Сарај” во Цариград заедно со Симеон Радев со кого подоцна студирале право во Женева.