Tuesday, 19 September 2017

Лов по езотерични знаења

Третиот рајх, како окултна воена машина, не се појавува од ништо. Тула по тула тој е изграден од разновидни тајни редови, какви што во Германија, во тоа време има премногу. На крајот се добива необичен мозаик од традиции и од ритуали. Притоа се прифаќаат само оние што на Хитлер и на неговите соработници им се чинат највлијателни.

Рицарскиот ред – тоа е, пред сé, добро организирана хиерархиска структура со неприкосновено потчинување, која е толку ценета од нацистите. Таа се одржува со сложен систем од обреди, кои овозможуваат најдетаљно контролирање на животот на сите членови на редот. Посебна улога игра и неприкосновниот авторитет на раководителот – мајстор, кој, како што се смета, поседува совршени знаења и натчовечки способности.
Не треба да се пренебрегнува и фактот дека во Третиот рајх се врши вистински лов по езотерични знаења. Од таа причина се организирани експедиции до Тибет и на Антарктикот, каде што се претпоставува дека се чуваат остатоци од древната архиевска култура. Територијата на родната Европа, исто така, не е исклучена од такви пребарувања.

Се смета дека тајните организации се чувари на древните мистични традиции што водат потекло до големите магови на минатото, меѓу кои често се споменуваат Соломон и Хермес Трисмагист. Најпознати се масоните, или Братството на слободните ѕидари, поврзани со кабалата и со алхемијата, а исто така и розенкројцерите и воинствените рицари – монасите темплари кои се нарекувани и храмовници.

Мнозина познати водичи на нацистите, меѓу кои на прво место треба да ги споменеме Хитлер, Химлер и Хес, се членови на окултни друштва. Се разбира, токму во тие средини тие ги наоѓаат своите најблиски соработници. А бидејќи обично водачите на нацијата се неспособни за мистични откровенија, тие собираат околу себе учители чии совети строго ги следат.

Во СС, исто така, е создадено окултно биро чии членови се занимаваат со истражувања во областа на езотеричното знаење за благото на Третиот рајх. Како огромен сад тоа ги собира во себе сите информации од тајните друштва до кои може да дојде. Се конфискуваат архиви, се спроведуваат распити во традициите на собите за мачења на СС, а добиените резултати се користат како тајно оружје.
Не е необично тоа што работите во таа насока се вршат толку интезивно. Од една страна, има толку мистични идеи што со нив можат да се снабдат неколку организации слични на „Аненербе“. Од друга страна, пак, се што е наброено до тука, покажува дека соработниците на Хитлер искрено веруваат дека моќта на нацијата може да се прероди токму со помош на магијата. Затоа, рајхот вложува толку средства во развојот на окултното биро колку што Америка вложува во менхетенскиот атомски проект.

Но сите лидери на тајни организации не работат за нацистите. Мнозина од нив брзо се разочаруваат кога гледаат како се реализираат нивните идеи. А другите идеи нацистите ги прибираат сами, очигледно плашејќи се од конкуренцијата.

Но без сомневање дел од окултните научници, сепак, преминуваат под крилото на СС. Како што ќе одбележиме подоцна, организацијата на рајхот и тајните редови имаат многу заеднички работи.

„АРМАНЕНШАФТ“ И ТАЈНИТЕ МАСОНСКИ ЛОЖИ

Создавањето на ова тајно друштво е поврзано, пред сé, со Гвидо фон Лист. Токму неговите откровенија влегуваат во основата на Уставот и на ритуалите. Но „Арманеншафт“ никогаш не постоел одвоено од другите мистични организации. Тој има најтесни врски со масонските ложи и со розненкројцерите.

На крајот на дваесеттиот век Лист врши револуција во наследството на древните редови. Општохуманистичките настроенија се менуваат со пангермански, нордиски идеи. Тоа е времето кога од длабочините излегува спонтаната самостојна германска окултна традиција.

Како јадро на секоја традиција за митско господарство се јавува идејата за постоење на тајната власт и на посветени лица. Најнапред, таа е искажана од Лист, уште на крајот на деветнаесеттиот век, а потоа тој продолжува да ја развива.

Самиот збор „армененшафт“ означува древен сталеж на свештениците на Водан, главниот бог на Тевтонците. Потпирајќи се врз митот изложен од римскиот историчар Тацит, Лист во својата книга „Германија“ создава нов принцип за толкување на легендата.

Во оригиналниот текст, три племиња, наречени во чест на синовите на богот Манус – инеговони, хермиони и истевиони – се поделени според географски принцип: првите живеат по крајбрежјето, вторите на континентот, а третите ги населуваат долините во подножјето на планините. Според новиот приод, тие имиња не ги означуваат имињата на племињата, туку кастните групи внатре во една народност.

Власта се наоѓа во рацете на свештениците-хермиони, кои раководат од името на мистичниот сончев крал Тархнари, Гвидо фон Лист го менува латинизираниот изговор на зборот во „арманен“, од каде што и произлегува терминот „арманеншафт“ кој во превод значи „братство на Арманите“.

Кралевите-свештеници одговараат за сите други касти. Затоа, нивните знаења и нивната мудрост стојат на едно скалило повисоко отколку на другите членови на заедницата. Чувањето на тајните се смета за основа на политичкото владеење и хиерархијата се гради врз тој принцип.

Опишувајќи го уредувањето на „Арманеншафт“, творецот на учењето користи некои принципи на франмасоните и на розенкројцерите. Служителите на култот се делат на три ранга, според нивната посветеност. Мајсторите-масони, кои го управуваат братството, го сочинуваат врвот. Најниско во хиерархијата стојат неофитите, оние што допрва се запознаваат со основите на учењето.

Секоја група има свои сопствени ритуали, поздрави и знаци. Нејзините членови разменуваат меѓу себе информации со помош на специјален код, разбирлив само за прифатените во општеството. Тоа го прави практично невозможен пристап до информациите за туѓинците: за откривање тајни, следува итна ликвидација.
За да влезат во редот, заинтересираните треба седум години да го изучуваат Уставот, да читаат древни сакрални текстови и да ја усвојуваат основата на рунската магија. Во следната етапа, тие извршуваат поклонение во мистичните центри, поврзани со Водан и со други богови, стекнувајќи дополнително искуство и добивајќи благослов.