Новиот албум на La Colonie Volvox

Почитувани, La Colonie Volvox со задоволство Ви го претставува новиот албум “Blue Bird”, со кој го заокружија музичкото патување кое ги донесе повторно на базичните музички концепти – пишување текстови, мелодии и аранжмани. За разлика од повеќегодишното експериментирање со џезот, слободната импровизација и традиционалната музика, отсликано во претходните пет изданија, “Blue Bird” е албум со 10 песни (8 авторски и 2 обработки) и со естетика која наликува на онаа од нивните музички херои – The Beatles, Pink Floyd, The Doors и Frank Zappa, но и на Nick Cave и Tom Waits, како и на старите блуз мајстори. Од кабаретската атмосфера на љубовните песни кои го сочинуваат првиот дел од ова издание, албумот преоѓа во жесток блуз, рок , па дури и кантри, а политичките и социјални теми ги заменуваат љубовните мотиви. Како што велат самите учесници, создавањето на “Blue Bird” беше тест за нивните композиторски вештини и креативност, кои долго време беа тргнати на страна. Јадрото на бендот овој пат беа Сашо Гигов – Гиш, Драган Стојковски и Предраг Икономовски кои во еден спонтан момент решија да создадат музика која ќе ги врати назад на корените – авторски песни кои може да се пеат во секоја прилика. Во процесот им се придружија Гоце Наумов и Ненад Неделков (членови на овој колектив уште од самите почетоци), но и бројни гости и пријатели кои допринесоа во креирањето на ова дело – Владо Манчевски, Игор Атанасовски – Харе, Сашо Ѓорѓевски, Ади Имери, Златко Михајловски – Бумбар, Симон Киселички, Александар Николовски, Сашко Николовски и Огнен Анастасовски. Албумот е миксан во студиото MarryPhat од страна на Ивица Јанкуловски и Драган Стојковски, а обвивката е дело на Анастасија Величковска. Албумот може да се симне преку директно од нивната страна на Bandcamp, а официјална промоција на CD-то ќе има во Април, по која албумот ќе може да се купи во тврд формат во продавниците во Скопје и земјата.

https://la-colonie-volvox.bandcamp.com/album/blue-bird

La Colonie Volvox FB fan page

Leave a Reply