Sunday, 19 October 8183

Киклопските ѕидини кај Охрид

На самиот влез во Охрид од правецот на Струга, се наоѓа локалитетот Киклопски sидини , утврден град, војнички позначаен дури од Самуиловата тврдина. Археологот Паско Кузман претпоставува дека градот во 358 година пред нашата ера го подигнал Филип Втори Македонски. Големиот војсководец, според археолозите, ја изградил тврдината кога поминувал на овие простори. Таа опстојувала околу седум века.
На почетокот од триесеттите години од минатиот век, првите истражувања на Киклопските sидини ги вршеле археолозите Грбиќ, Унверцакт и Келер. Тие откриле питоси во кои се чувала храна и вода, и други археолошки предмети. Не е познато зошто ги прекинале истражувањата, но има претпоставки дека сметале оти градот не бил довршен.

“Најдобро зачуван е североисточниот бедем од градот. Sидот е долг околу 240, а широк 2,40 метри. Моја претпоставка е дека камењата долги 1.80 сантиметри и широки 90 сантиметри, се носени од ридот што се наоѓа во близината на Филиповиот град”, објаснува Кузман.

Според димензиите, утврдениот град, чии sидини го опкружуваат целиот рид, сместен на околу 800 метри надморска височина, може да се спореди со Самуиловиот град, но стратешки бил многу позначаен.
“Од врвот на градот, бидејќи имало и подградие, како што претпоставуваме, Филип Втори Македонски го контролирал целиот простор покрај Охридското Езеро. Очекувам за време на ископувањата да откриеме и шест кули околу бедемот на градот и една на неговиот влез”, кажува Паско Кузман.
“Сметам оти претпоставката дека градот не бил довршен не е точна и тоа ќе го докажеме со понатамошните ископувања. Аргумент за тоа ни е златото што го откриле дивите копачи во годините кога овој простор не беше заштитен. Тоа значи дека тука се одвивал организиран живот. Градот опстојувал околу седум века, а бил напуштен кога се промениле тогашните услови”, вели Кузман.
Иако моментно до утврдениот град кај Киклопските sидини тешко се стигнува и со џип, изминативе години дивите копачи го преорувале просторот. На повеќе места се видливи големи дупки каде што се вршени ископувања.

И денес во близина на Охрид стои пештерата со црква на Св. Еразмо, а во нејзина близина во 1974/1975 г. беше ископана старата базилика од петтиот век која му била посветена на овој маченик. Тврдината над базиликата, до главниот пат се вика Киклопски ѕидишта поради големите мегалитни камени блокови што се вградени во тврдината. Киклопските ѕидишта и’ припаѓаат на престолнината на Енхелеите – племе што живее на овие простори во 7, 6 и 5 в. п. н. е. и податоците што ќе ги обезбедат археолошките истражувања таму ќе бидат од огромно значење. Најверојатно ќе се констатира дали Енхелеите биле македонско, илирско или некое друго племе, што е многу значајно за нашата историја.