Monday, 21 August 2017

Информациско општество

Во светот на бескрајните можности историјата дојде до една општествена состојба, скоро непредвидлива до пред неколку декади. Иако овој момент во еволуцијата на човечките потенцијали беше навестен од одреден број футуролози и мистици, онаа мала група луѓе кои Провидението ги надарило со големи знаења, но и со прониклива интуитивност, сепак,  еден огромен број од човештвото зјапа во новонастанатата реалност со ококорени од зачуденост и неверица, очи, кои иако интензивно гледаат, малку тоа видуваат. И оваа парадоксална дихотомија ги вознемирува и ги прави несигурни и анксиозни, но како товарот на длабинското промислување и можните констернирачки визии просто еруптираат од ваквата поставеност на работите, тие, едноставно,  воспоставуваат цензура на тие когнитивни патувања во иднината, а содржините, што така експлицитно се наметнуваат, луѓето попрво ги потиснуваат во потсвеста во името на  уште еден безгрижно проживеан ден.

Развојот на технологијата отсекогаш ги детерминирал односите во општествената структурологија и создавал нови епохални модалитети на опстојување.  Денес сме сведоци на една глобална транзиција која се одвива на планетарно ниво, транзиција, при која класичниот капитализам полека, но сигурно се трансформира во информациско општество, кое допрва ќе ги покажува своите предности, но и своите недостатоци.

Предностите на оваа нова технологија, која веќе со децении суптилно влегува во општествените структури се многубројни и евидентни и тие внесуваат маса олеснувања, во скоро сите сфери на општествената интеракција, посебно на планот на комуникацијата меѓу луѓето и институциите, а нивната цел, пред сè, е во супститутивноста, која овие технолошки новитети му ја овозможуваат на секој оној, кој е во состојба на перманентен недостиг од време поради комплексноста на задачите, што ова забрзано време ги наложува. Истовремено, непристапните зони на потенцијален интерес со овие нови технолошки помагала стануваат пристапни, а до вчера неможните и непоимливи потфати на било кој план, денес се сведени на рутина. Можностите за спознавање, споделување на искуствата, попрецизната организација на супер сложените системи,  лукративните проекти и синергиите од многу области на човековиот интерес, денес стануваат секојдневие. Но, сепак, не гледаме некоја преголема среќа која го заплискува човештвото, напротив. Како луѓето да не бенефитираат суштински во ова ново време, во овој, наводно, утописки период од развитокот на човековото глобално искуство. Зошто е тоа така, наспроти сите рационални очекувања да биде поинаку?

На ова по малку наивно, а во голема мера и тривијално прашање, има многу одговори, но сите тие можат да се слеат во еден, можеби недоволно задоволувачки одговор, но одговор, кој се наметнува, синтетизирајќи ги сите оние зачудености што флуктуираат низ мисловните димензии и еманираат во тој единствен одговор, како што водотеците и речните сливови на крајот завршуваат во бескрајната водна маса на морињата и океаните. Тој одговор се содржи во евидентниот и ноторен недостаток на слобода, а без слобода нема ни радост на живеењето, она што е многу посуштинско прашање за нашата среќа, отколку било какво усовршување на функционалноста на, во основа, илузорните потфати, кои системот катадневно нѝ ги наметнува како императив,  со цела една палета стимулативни парадигми, кои на крајот суптилно, но беспоговорно се престоруваат во цела една мрежа од уцени и закани по нашиот мир и егзистенција.

Значи, како во древните митови и легенди или пак во длабочината на религиозните преданија, создадени и имплементирани во светите писанија на мудрите луѓе кои доаѓаат од понорите на искушителните времиња, конформизмот и лесните решенија за повеќето формални проблеми, проблеми, кои немаат круцијална важност за нашиот живот, нè прават неспособни за решавање на, во основа  суштинските предизвици  на  нашите животи, за оние предизвици, кои се однесуваат на душата и духовното издигнување. А, без хармонија на душата и без духовно созревање, нема  радост и среќа, па дури и некои индивидуи сето ова да го отфрлат како наивен идеализам, потполно потопени во концептот на рационалните стратегии за успехот и аналогно на тоа, за среќата, набргу ќе се уверат во нереалноста на нивните ставови, и тоа во процесот на соочувањето со директната животна пракса, која сакале ние да ја согледаме,  или не, таа едноставно се наметнува, преоѓајќи и рушејќи ги сите наши ментални, па и физички механизми на одбрана. Така стануваме безначајни, корумпирани од системот, бројки, кои хипнотизирани од конформизнот, на навидум лесните решенија за животот, заглавуваат во лавиринтот на виртуелноста, во безизлезот на една  артифициелна стварност, која освен безброј комбинаторики, нема никаква генеричка сила, нема никакви животни енергии и возвишувања, ами е само еден добро искреиран кафез, во кој контролата на нашите битија тотално ги уништила сите возможни потенцијали за согледување на вистината и  обезбедување на слободата, пред сè, слободата на избор.

Овој систем, кој во основа нема обезграничувачки и космички потенцијали, од проста причина што е само сурогат на хтонски создадените егзистенцијални  потенцијали, кои ние сакале да признаеме, или не, не можеме артифициелно да ги генерираме, како што е тоа со технолошките аспекти, во основа води кон презаситеност на системот и кон ентропија. Ова е карактеристично за сите артифициелни системи, понекогаш и на природните кога доаѓа до насилство  од страна на еден био-фактор во однос на хармонизираната средина.

Оваа ентропија во преданијата на светите отци и мудреците од разните мистички традиции е самата Апокалипса.

„8. И му се поклонија сите жители земни, чии имиња не се запишани во книгата на животот при Агнецот, заклан од созданието на светот…. 16. И ќе направи на сите – мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови – да им се стави белег на десната рака или на челата нивни, 17. та никој да не може ни да купува, ниту да продава, освен оние, што го имаат тој белег, или името на  ѕверот, или бројот на името негово. 18. Тука е мудроста. Кој има ум, нека го пресмета бројот на ѕверот, бидејќи е број на човек, и бројот му е шестотини шеесет и шест.“ (Откровение на Св. Јован Богослов).

Имплантацијата на чиповите во телата на живите битија е почеток на ова претскажување, зарем тоа не е така очајно видливо, а сето тоа во име на конформизмот и лесниот живот.

Ацо Станковски

Пентаграми на средновековни прстени
Вампирите во македонските народни верувања и преданија
Загадочни шифри заклучени зад рими
Границите на Овчеполската котлина
Македонија на австриските мапи од 1910та година
Уметноста и режимот
И сам Исус Христос ако слезит от небоно неможит да го уверит Македонеца оти је блгарин или србин
Венецијански грошеви и српски динари
Стара фотографија од свештеничко семејство од Кокошиње, Овче Поле
Ќе гледаме како нè продаваат и предаваат или ќе ја ослободиме Македонија?