Monday, 20 November 2017

Гробот на Александар, тајната на Олимпија

Паскал Камбуровски кој по дваесетгодишно проучување на античката македонска историја преку делата на античките историчари Аријан, Диодор, Плутарх, Јустин и Куртиј Руф и современите, пред се, светски проучувачи на античката историја на Македонија и Македонското кралско семејство своето тврдење го поткрепува по откривањето на македонската гробница во близина на Додонското светилиште во областа Молосија во Грција, што ја отворија Грците пред четири месеци, а која била празна. Камбуровски вели дека освен оваа гробница треба да постојат уште две од кои едната би била во близина на Пела, а другата на големите пеонски гробишта во близина на Гевгелија и Валандово или античките градови Гортијана, Аталанта и Идомене.
– Јас верувам дека гробницата што ја пронајдоа Грците е една од трите што неговата мајка Олимпија ги градела за сместување на златниот саркофаг во кој било положено балсамираното тело на Александар Македонски. Бидејќи Грците гробницата ја најдоа празна се потврдува дека телото не било положено таму. И јас, во моите истражувања за гробницата во Молосија, сметав дека се најмали шансите таму да биде телото на Александар па затоа на неа типував само со дваесет отсто од шансите саркофагот со другите царски прилози да биде таму. Триесет отсто сметам дека златниот саркофаг е во гробницата кај Пела, а најголема е можноста, во што сум цврсто убеден, дека саркофагот е зачуван на големите пеонски гробишта. Верувам дека за скоро време ќе имам можност и да го видам лицето на најголемиот цар во историјата на човештвото – вели Паскал Камбуровски.

Според Камбуровски голема е заблудата на светските, но и на нашите историчари дека златниот саркофаг е закопан во Египет и тоа во Александрија. Ова го потврдуваат и истражувањата на англискиот историчар Хамонд, еден од најдобрите познавачи на античката македонска историја, кој на едно место во неговите дела вели дека телото на Александар најверојатно е закопано во Македонија.

– Досега никој со сигурност не кажал каде е гробот на Александар Македонски. Во историјата стои дека кога од Вавилон, Персија тргнала поворката со златниот саркофаг во кој било балсамираното тело на Александар, на пола пат била дочекана од Пердика, кој по смртта на Александар го добил царскиот прстен и бил прогласен за чувар на царското семејство, и го сменил правецот на поворката, наместо кон Македонија да се движи кон Египет. Ова е малку веројатно зашто не се даваат никакви причини патот на поворката да биде сменет, а уште повеќе што во античките документи стои дека Македонското собрание одлучило телото на Александар да биде донесено во Македонија и тука погребано.

Исто така Македонското собрание донело одлука пред да биде погребан Александар, неговиот, тогаш се уште нероден син од единствената законска жена персијанката Роксана, да биде крунисан за наследник пред саркофагот со телото од таткото. Сето тоа требало да се случи во Пела, македонската престолнина, на најголемиот македонски празник Ксантика кога од светилиштето во Егеја се изнесувале опремата, оружјето, дијадемите и царските книги на сите македонски цареви. Според тоа повеќе од сигурно е дека телото на Александар било донесено во Македонија и погребано тука, зашто никој не смеел да ги прекрши одлуките на Македонското собрание, а најмалку Пердика, најверниот офицер на Александар – вели Камбуровски.

За тоа што се случило по смртта на Александар и како било донесено неговото тело во Македонија, Камбуровски вели дека дошол до податоците проучувајќи ги античките историографи кои ги пишувале своите дела по делата од Аристотел, учителот на Александар и од неговиот војсководител Птоломеј, кој бил назначен за владетел на Египет, а чии книги се чувале во Александриската библиотека. Овие книги исчезнале кога била запалена библиотеката. Камбуровски вели дека неговото сознание е оригинално по тоа што тој за прв пат докажува дека наместо еден во Вавилон биле направени два златни саркофага. Во едниот било сместено телото на Александар, а другиот бил лажен и наполнет со мед. Лажниот ковчег требало да се пушти да патува со царската поворка кон Македонија, а вистинскиот да биде сместен во царската флота и заедно со даровите што Александар не успеал да и ги прати на Олимпија, преку море да стигне на пристаништето во Амфиполис каде ќе го дочека мајка му Олимпија. Па така лажниот ковчег стигнал во Александрија, а мртвото и балсамирано тело на Александар било предадено на мајка му тврди Камбуровски.

– За праќање на даровите на Олимпија што не и ги испратил Александар бил задолжен Пердика. Токму тој и го смислил планот со двата саркофага за да може да го пренесе телото на царот. Знаејќи го фактот дека Александар пред смртта лично му го предал својот царски прстен на Пердика и му ја доверил најсветата должност да биде чувар на царското семејство, а посебно да се грижи за неговата љубена жена Роксана и нероденото дете, целото свое внимание го насочив кон Пердика. Уште повеќе што Пердика имал многу силни врски со Олимпија и ги почитувал нејзините желби, од кои најголемата била Александар да се врати во Македонија, а нејзиниот внук Александар Четврти да биде крунисан за цар на Македонија покрај телото од татко му. Со сознанијата за овие две личности сфатив дека клучот за тајната на гробот на Александар лежи во личноста на Пердика. Ако Пердика бил задолжен да ги пренесе царските дарови за Олимпија единствено поволно време било по победата на војсководителот Антипатр над Грците кога меѓу македонските генерали постоеле добри односи и разбирање. Пердика го искористил тој момент, ги натоварил бродовите со подароците, но скришно го натоварил и златниот саркофаг. За флотата бил задолжен Клит Белиот кој безбедно ја донел до Амфиполис. Но, тој не можел да ги предаде подароците. Тоа требало да го стори Пердика и Итан братот на Олимпија, вујкото на Александар, кои требало да стигнат преку копно во Амфиполис. Во меѓувреме Пердика требало да се ожени со Клеопатра, сестра на Александар и во Македонија да влезе триумфално како член на царското семејствао. Но Касандар ги открил плановите на Олимпија, го нападнал Пердика и во таа борба тој бил убиен. Касандар имал претензии кон царскиот престол па затоа се што потекнувало од лозата на Аргеидите го ништел. Така Олимпија ги земала царските дарови во Амфиполис без Пердика, но таму не можело да биде растоварено и телото на царот. Тоа се случило во пристаништето Пидна од каде Олимпија го однела во нејзиниот дворец во Молосија. Телото на Александар во Молосија стоело три години додека Олимпија не направила поход и ја завзела Пела. Но, Олимпија била итра жена и со себе не го понела саркофагот на Александар туку само неговата жена Роксана со малиот Александар. Во Молосија ја оставила ќерка и Клеопатра и и дала инструкции ако нешто и се случи каде да го положи саркофагот. Тоа биле претходно изградените три гробници и тоа кај Додонското светилиште, кај Пела и на Пеонските некрополи по инструкции на Олимпија. Откако Олимпија ја завзела Пела таму требало да биде донесен саркофагот на Александар и да се случи званичното крунисување на малото царче. Но, плановите на Олимпија биле поматени со ударот на Касандар. Касандар ја нападнал Пела и повторно ја завзел. Олимпија била каменувана по стариот македонски обичај како предавник, а Роксана и малиот Александар заробени. Тогаш Клеопатра постапила по инструкциите на мајка и и го погребала телото на мртвиот цар. Телото според сите показатели го закопала во гробницата на Пеонските гробишта, поради тоа што Пеонските гробишта се најблиску до македонската престолнина Пела и затоа што Пеонците најдолго време останале верни на царското семејство, па таму и телото на мртвиот цар било најбезбедно – раскажува Кумбаровски.

Камбуровски има сознанија дека Грците подготвуваат големи археолошки истражувања токму на местата кај Егеја и Пела, за докажување на античката историја во северните делови на Грција. Камбуровски вели дека веќе биле изградени и монтажни населби за овие истражувања, а како што вели Грците го уништуваат се она што дава показатели за постоењето на македонска историја. Ова го поткрепува со фактот што минатата есен Грците до темел урнале една античка градба во близината на Пела.

– Оваа градба беше изградена на едно ритче, а населението таму од памтивек ја нарекува “Сотир”. Сотир бил прекарот на македонскиот генерал Птоломеј кој на ова место го спасувал народот во борбите со Илирите. Во негова чест била подигната оваа градба и никој досега ја немаше допрено ниту пак извадено едно камче од неа. Сега Грците ја урнаа, па дури и темелите и ги извадија – вели Камбуровски.

Во Музејот во Истанбул како еден од највредните експонати е изложена античка копија на саркофагот на Александар. Ова е всушност копијата од вториот златен саркофаг наполнет со мед кој стигнал во Египет. Овој саркофаг бил однесен во Египет по барање на Птоломеј за да можат Египјаните за последен пат да се поклоната пред мртвото тело на царот пред да биде однесен во Македонија. Но, саркофагот никогаш не се вратил во Сидон. За Птоломеј кој долго време владеел со Египет се знае дека од царските книги ја пишувал историјата за Александар. Но, како што тврди Камбуровски, Птоломеј пред смртта го известил војсководителот Лизимах дека ќе го испрати ковчегот со телото на Александар и царските книги и опремата во Македонија. Кога флотата била спремна да тргне од Сидон, Птоломеј го отворил саркофагот да го види за последен пат царот, но внатре нашол, само мед. Така Лизимах ги превзел само царските книги, опремата и дијадемата, а лажниот ковчег останал во Сидон. Златниот ковчег го претопил египетскиот цар Птоломеј Единаесетти сметајќи дека тој не вреди без телото на царот, а златото е потребно. Но, за да не биде уништено едно толку вредно уметничко дело наредил пред да го претопат да направат копија од мермер. Мермерниот саркофаг во подземните гробници на Сидон што му припаѓале на царот Абдолоним ги пронашле турските власти во 1887 година. Овој саркофаг е за сега единствен материјален доказ за случувањата по смртта на Александар и погребувањето на неговото мртво тело.

Паскал Камбуровски ја објави неговата книга “Гробот на Александар Македонски”. Книгата е напишана како роман, лесна за читање, но обилува со историски податоци за времето на Александар и по неговата смрт. Во книгата е дадено и едно негово видување и размислување за создавањето на античката македонска држава, за посебноста на македонскиот народ и на нивниот јазик, со обичаи и традицијата на античките Македонци.

извор