Saturday, 19 August 2017

Алшар – Сонцето на Македонија


Планината Кожуф е предизвик за луѓето што ги мами природната убавина. Таа го зазема крајниот јужен дел од општина Кавадарци и е гранична планина со соседна Грција. Зафаќа површина од 265 км2, а највисокиот врв Зелен Брег, достигнува 2176 м. Подрачјето на Кожуф со своите особености како големата надморска височина, пространите и бујни шуми, долгото задржување на снежната покривка, разновидната флора и фауна, нуди можности за викенд излети, планинарење, зимски спортови, лов и друга рекреација. Македонската убавица Кожуф е преди-звик и за луѓето што ги мами богатството на минералите. Покрај малото село Мајден се наоѓа рудникот “Алшар” кој освен со златото, антимонот и арсенот, е единствено најбогато наоѓалиште во светот на црвеникавиот талиумов минерал – лорандит. Името Алшар е кратенка од презимињата на истражувачите Алатини и Шарито, кои го експлоатирале пред повеќе од стотина години. Лорандитот, кој во 1894 г. го открил физичарот од Будим-пешта, Етвос Лоранд, е уникатен минерал со кој се смета дека би можело да се дојде до еколошки чиста енергија. Имено, тој е природен детектор на честичката “неутрино” и единствено тој ги препознава реакциите што доаѓаат директно од јадрото на Сонцето. Доколку неутриното се изолира, ќе може да генерира енергија слична на сончевата и ќе стане нов моќен енергетски извор, па таканареченото “вештачко сонце” би ослободувало огромна бесплатна енергија. За да се заштити, од 2004 г. Алшар е прогласен за споменик на природата и е дел од мрежата на “Емералд” – мрежа за заштита на природните реткости.Во минатиот век минералите во Алшар ги истражувале познати светски американски и европски научници. Но, поради недостаток на финансиски средства, денес рудникот е затворен и неискористен и постои само едно отворено окно кое се наоѓа на 25 метри во планината над Црвената долина, како го на-рекуваат мештаните теренот околу Алшар. Само ретките видови флора и фауна, како и некои влекачи и диви темјанушки со големи димензии сведочат за тајните во утробата на Кожуф. И легендите исто така. Наводно, Александар Македонски прв ја открил мистериозната моќ на лорандитот. Се раскажува дека неговите војници со него ги премачкувале своите штитови пред секоја битка, па под влијание на пладневното сонце ги заслепувале противничките војници и така ги победувале. Затоа и имале изгравирано сонце на штитовите, па оттаму и поврзаноста на Македонците со Сонцето. Вистина или не, не е докажано, но едно е сигурно, Алшар претставува вечна енигма за научниците.

Е. Петровска

извор: Македонски Глас

СПИСАНИЕ НА ЗАЕДНИЦАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО РЕПУБЛИКА ХРВАТСКА