Бисери и Безимени

Сигурно постарите генерации, оние што во Македонија први почнаа да ја практикуваат рокенрол-културата и да создаваат едно специфично општествено милје, во многу што спротивставено на мејнстрим музиката, која главно се движеше во распон од партизанските револуционерни песни, па народните напеви – на што инсистираше и самиот Маршал Тито, па подоцна некако, на секогаш наострените цензори им се измолкнаа прозападните шлагери и малку џез, значи, сигурно на овие нови, за тоа време рокенрол-подвижници им е многу добро познато името „Бис-без“,рокенрол-група која се создаде од две други групи кои се споија во една, а името на оваа нова група беше синтеза од првите слогови на двете прелиминарни ВИС (вокално-инструментални состави), со имиња „Бисери“ и „Безимени“.

Така настануваше рокенролот во Македонија, а оваа нова општо светска културолошка појава, тука пред сè мислам на културното милје на „слободниот свет“, создаде еден сосема нов сентимент и сензибилитет, но и една нова животна филозофија на младите авангардни личности во западниот свет, уметност и култура, на која ѝ требаше голем напор за да се организира и да дејствува во правецот на една нова визија, чии главни пароли беа „Мир и љубов“ и „Не им верувајте на тие што имаат повеќе од 30 години“. Ова последното беше промовирано од еден од највлијателните поети на рокенрол -културата – Алан Гинзберг, кој, заедно со Тимоти Лири, Гери Снајдерс, Џек Керуак и Џером Селинџер, беше главниот претставник на таканаречената „Бит генерација“, група литерати кои извршија стравотно влијание врз американската, но и врз светската книжевност. Секако, тука може да ги придодадеме и Вилијам Бороуз, но и Томас Пинчон. Во секој случај тоа беше еден голем поетски и филозофски прелудиум на рокенролот, една голема духовна инфлуенца, која ќе ги изнедри најголемите и најфасцинантните поетики на оваа младешка авангарда, какви што беа оние на Боб Дилан, Битлси, Стоунси, Дорс (Џим Морисон како фронтмен) и многу други.

Оваа голема група анархоидни творци и мислители создадоа една енормна критична маса, која, иако во основа спонтано и стихијно организирана, стана силно политички влијателна, а прекинувањето на виетнамската војна може слободно да се препише, во најголема мера, на нивниот отпор и масовните демонстрации, што во името на мирот („Give peace a chance” – Џон Ленон) ги организираа токму овие рокенрол-лидери.

Одгласот во бившата ни држава, што се распадна како резултат на геостратегискиот виор на Студената војна, во која пропадна комунизмот, беше силен и новата културна авангарда на рокенролот масовно се појавуваше насекаде по републиките на СФРЈ.

Раскинувањето на титовата држава со СССР и вртењето кон Западот овозможи оваа нова и, во голема мера, провокативна култура за тогашниот политички режим, да се развива со одредена толеранција, иако имаше многу ортодоксни комунисти и правоверни Југословени, кои навалија на збунувачките млади хипици со невидена јарост и со бес на раздразнети пци. Воопшто не беше лесно во тие времиња да се биде претставник на долгокосите. Често пати се случуваше да бидат апсени од локалната Милиција и во станиците да бидат жестоко малтретирани, а и насилно да им бидат исечени долгите им коси. Еднаш бев и сведок, како група наелектризирани комунистички активисти подмолно со запалка му ја запалија косата на еден мој другар, со кој ја споделувавме хипи-идеологијата и по тој ужасен чин моравме да скокнеме во Вардар, за да му се изгасне огнот од главата, кој навистина можеше да предизвика трагедија, доколку брзо не реагиравме. Среќа, случката беше во близина на реката, на кејот. За цело време тие нè опсервираа и слатко се забавуваа со хистерично смеење, кое не престануваше. Чинам, дека во тие моменти на нечовечко однесување на овие младинци од КПМ и КПЈ во мене се создаде непомирливо непријателство и одвратност кон овие претставници на неслободата, но и кон нивната идеологија и начинот на кој ја спроведуваа во политичка практика.

Значи, не беше мојот антикомунизам произлезен од некаков порив кон независна Македонија или од некое мое илегално замешателство во некое тајно политичко здружение, формирано врз националистичка основа. Напротив, немаше во мене никаква омраза или одбојност кон претставниците на другите народи и народности во бившата ни СФРЈ. Сите луѓе од светов, кои беа за мир, љубов и уметност беа мои браќа и сестри по дух и верба.

Некоја деценија подоцна, овој нечовечки режим падна насекаде во Европа каде што беше зацарил, а неговиот слом дојде однатре, од дрскоста и нетолеранцијата на комунистите, но и од нивната неспособност за приспособување, толеранција и отвореност. Сепак, ми се чини дека токму во Македонија овој нечовечки режим и најдолго се одржа. Тука, овие тоталитаристи брзо се реорганизираа и во екот на транзицијата ја ограбија земјата, иницирајќи невидена масовна економска катастрофа Сега, кога конечно се обезвластени по полувековна тиранија, еве ти ги пак, желни за власт, како никогаш порано. А во тоа свое тежнение не избираат средства. Како историската лекција да ги заобиколи, тие се поагресивни од кога било досега, но, за среќа, веќе немаат моќ оваа своја опака нарав да ја практицираат во општеството од позиција на владетели. Сега нивниот „playground“ е мрежата и оттаму дејствуваат со невидена вулгарност и сарказам, клеветејќи ги своите непријатели (власта) и заканувајќи се со убиства и уцени, воедно деградирајќи ги личностите, кои не се согласуваат со нивниот мизерен пристап. Затоа ги евоцирав спомените на рокенролот и на „Бис-без“ („Бисери“ и „Безимени“). Во моите одговори до клеветниците и заканувачите никогаш не ги спомнувам нивните имиња. Нивните „бисери“ остануваат со безимени автори. Толку е сето тоа дегутантно.

Leave a Reply