Tuesday, 21 November 2017

Како Свети Никола доби име за меѓународна употреба

Пред многу години Бог заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, а за свети Никола два дена. И не само тоа, туку за преподобниот Кисијан, кој најмногу го кодошел, наредил само еднаш на четири години да му се празнува денот 29 февруари.

Ако се преведе со денешен јазик, Кисијан бил лустриран, па пред Бога се појавува еднаш на четири години, како пратеник за нов пратенички мандат. Но шегата настрана, тема на овој текст не се ниту Кисијан ниту лустрацијата, ами свети Никола, еден од култните светци на христијанството, кој во Македонија се празнува речиси масовно. Дел го слават како именден, или како домашна слава, но многумина се чини не знаат дека токму овој христијански светец е инспирација за создавање на таканаречениот Дедо Мраз, глобалниот светец на потрошувачкото општество. Затоа некои велат дека свети Никола, по старо, всушност е Дедо Мраз по ново. Таквата замена на името за „внатрешна употреба“ со ново име за „меѓународна употреба“ се случила тогаш кога бил измислен преводот на Санта Клаус со Свети Никола. За фолклористите, пак, свети Никола бил трансформиран во Дедо Мраз затоа што во народните верувања, песни и приказни, но и на старите икони и фрески редовно е прикажуван како старец со долга бела коса и брада. Сепак, засега, се разбира, сé уште не се знае точно како настанала приказната за Дедо Мраз, која доаѓа од север, и како таа приказна се вклопила во биографијата на свети Никола?


СКОПЈЕ БИЛ ГРАД НА ЧУДОТВОРЕЦОТ!

Според проф. д-р Марко Китевски, свети Никола зазема значајно место во традицијата и верувањата на македонскиот народ, а многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник, празнувајќи го неговиот ден – денот на неговата смрт, 19и декември. Еве што вели Китевски за овој светец.

– Во народното верување овој светец е присутен како еден од најголемите култови во христијанството, а Македонија го има прифатено масовно. Постојат сведоштва дека во Скопје, на пример, овој празник се славел буквално во секое второ семејство, а сега градот нема дури ни црква посветена на овој светител. Славењето на чудотворецот е меѓу најраспространетите наши празници, а дека е така потврдува и тоа што единствено нашата земја во овој дел на Европа има град со името на Свети Никола. Инаку, култот кон неговиот живот и неговите дела е познат од 6 век, а најстарото житие за него потекнува од 9 век. Важел за заштитник на сите луѓе, па затоа високо го ценат не само православните туку и католиците. Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците, кои, како што стои во некои записи од тоа време, го нарекувале Ад’р-баба. Се верува дека луѓето ги штител од секакви неприлики, дека ги помагал сиромашните, ги заштитувал затворениците, неправедно осудените и слично. Сепак, во народното предание, најмногу е запаметен како господар на водите и на морињата, а со тоа и како заштитник на корабите и на патниците што патувале со нив. Затоа пред него се молат особено оние што тргнуваат на пат по вода, зашто се верува дека тој многумина спасил од давење уште додека бил жив. Во едно предание се раскажува дека еднаш кога патувал со брод, бродот потонал, а тој шест недели поминал на парче штица во водата. За цело време се молел да биде спасен, а Бог не само што го спасил туку, затоа што бил исполнет со верба кон него и затоа што го молел со искрено срце, го назначил за заштитник на морепловците. Во таа смисла Марко Цепенков запишал дека свети Никола е постојано присутен на морињата за да ги „варди луѓето од талазите“, додека во записите на обичаите во Гевгелиско, пак, е забележано дека овој ден се празнувал „поради дождови и поплави“. На Дојранско Езеро, на пример, рибарите на свети Никола не влегувале во чуновите, а во Солунскиот Залив престанувал целиот сообраќај.

И Ефтим Спространов во обичаите од Охрид забележал дека светецот Никола бил тој што „праит чудесија“. Од друга страна, во македонските народни песни, пак, овој светец е опеан како „стар свети Никола, кој може да го одмрзне дури и замрзнатото море, но и да гради цркви и манастири“. Во една од песните што останале во меморијата на нашиот народ се спомнува и жртвувањето риба како курбан за црквата што светецот ја градел. Тоа се поврзува со обичајот да се јаде риба за празникот, кој спаѓа во божиќните пости, како и со обичајот во некои места за курбан да се готви крап.
И во песните на „Зборникот на браќата Миладиновци“ се зборува за делбата меѓу четири ангели, меѓу кои е и свети Никола, кој во таа делба ги добил водите, бродовите и гемиите по морето, или, како што вели песната, „он да ги имат, он да и повељат“. Токму затоа што правел само чуда и добрини, но и затоа што секогаш бил прикажуван како старец со бела коса и бела долга брада, западната комерцијална фантазија го искористила како урнек за да го создаде ликот на Дедо Мраз, старец што исполнува желби, правејќи чуда и добрини насекаде каде што ќе стигне со својата глобалистичка суперсонична санка.

Кодошот има празник на четири години!

– Во една приказна, запишана од Јосиф, ѓакон од манастирот „Света Пречиста“ кај Кичево, објавена во цариградскиот весник „Новини“ кон крајот на 19 век, меѓу другото се раскажува дека едно време другите светци му завидувале на свети Никола затоа што бил многу почитуван од луѓето, па се поплакале на Бога за тоа, а Бог ја примил поплаката и веднаш испратил двајца ангели да го повикаат кај него. Откако не го нашле на небото и на земјата, го здогледале среде море како крепи една гемија готова да потоне. Штом го виделе веднаш му ја пренеле заповедта на Бог, а тој ги замолил најпрво да му помогнат да ја извадат гемијата на суво. Виделе-невиделе ангелите му помогнале, а потоа, така накиснат, вели приказната, жива вода сторен, и со искинати алишта, го одвеле пред Бога. Тука во тој момент биле собрани сите светци што се оплакувале на него. Господ само ги погледнал и ништо не рекол, а тие од погледот разбрале дека, ако сакаат да бидат почитувани како свети Никола од луѓето, треба да го прават тоа што го правел тој. И тогаш, се вели во приказната што ја запишал монахот Јосиф од манастирот „Света Пречиста“, Господ заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, а за свети Никола два дена. И не само тоа, туку за преподобниот Кисијан, кој најмногу го кодошел, заповедал еднаш на четири години да му се празнува денот 29 февруари – вели д-р Китевски.

И според д-р Михајло Георгиевски, свети Никола е еден од врвните христијански светители, голем чудотворец, кој зазема посебно место во животот и обичаите на македонскиот народ.

– Многу семејства во Македонија утрешниот ден, Денот на свети Никола, 19 декември, го имаат за свој домашен заштитник. Интересно е тоа што овој светец важи за заштитник на сите луѓе од секакви неприлики, независно од верата, расата и нацијата. За животот, чудата и светителските дела на свети Никола дознаваме од неговото житие од 9 век. Според житието, идниот свети Никола се родил во втората половина на 3 век во Патара, град во малоазиската област Ликија. Како момче неговиот чичко Никола, по кого бил крстен, а кој бил епископ патариски, ги наговорил неговите родители да го посветат својот син на служење на Бога и наскоро го вовел во службата во чин презвитер. За време на ракополагањето епископот се свртел кон народот и, меѓу другото, рекол дека тој ќе им биде „утеха на сите онесреќени и помошник на сите страдалници“. И, навистина, цел живот не престанал да им помага на страдалниците, да ги заштитува невините, да ги закрепнува слабите со словото на вистината и верата. Биографијата на презвитерот Никола, објавена во најстарото житие за него од 9 век содржи и други настани и чуда што ги правел додека бил во патарската епархија, но и подоцна.
И подоцна, како архиепископ на Мираклиската црква, секогаш бил строг кон себеси, а истовремено уште повеќе се трудел за доброто на народот. За поуспешно да ја врши својата работа одбрал двајца соработници од презвитерите, а сите луѓе ги примал со таткова љубов, ги сослушувал молбите и поплаките, беспоштедно давал помош и совет, строго се застапувал за невините и обесправените. Со такви грижи го затекнала бурата на прогоните против христијанската црква, која во текот на претходните 50 години работела во мир и тишина. Страшните прогони предизвикани од императорите Диоклецијан и Галериј продолжиле полни 10 години, а почнале во главниот град на Никомидија, каде што на самиот празник Рождество Христово во храмот живи била запалени околу 20.000 христијани. Оттаму прогоните се прошириле речиси низ целата Римска Империја. Сепак, свети Никола доживеал длабока старост, починувајќи тивко и блажено, по кратко боледување, во 342-та година. Телото му било погребено во катедралата во градот Мир, а потоа миро од неговите свети мошти за исцеление добивале сите верници што доаѓале на поклонение. Во 1099 година моштите биле пренесени во градот Бари, Италија, каде што се чуваат и денес.

„КОКА-КОЛА“ ГО РАШИРИЛА КУЛТОТ ЗА ДЕДО МРАЗ БЛАГОДАРЕНИЕ НА СТАЛИН?!

Во Македонија утре се празнува свети Никола, чудотворецот што за секој човек имал подарок. За жал, сега тој веќе не носи подароци како што носел пред стотина години. А тогаш, дури и во овие краеви на светот, децата подароците ги чекале само од него. Сега го чекаат Дедо Мраз. Како свети Никола од иконите и фреските се преселил на камионите што носат „кока-кола“ и како станал дедо со црвени образи и со карактеристична глобална насмевка?

Првпат денешниот Дедо Мраз, метафорички потомок на свети Никола, бил прикажан на цртеж во 1931 година, облечен во црвен костим со бело крзно, како комерцијален бренд на компанијата што правела пијалак за целиот свет. Таков, каков што со мали измени се задржал до денеска, го нацртал Хадон Синдлом, со намена да се зголеми продажбата на пијалакот, а истовремено компанијата да се прикаже низ благороден добродушен човек што дели подароци насекаде во светот.

Инаку, освен свети Никола, односно освен овој трансформиран свети Никола со „кока-кола“ во раката, кој е светски лидер во оваа област, во Франција подароците ги носел Пер Ноел, во Англија – Фадер Крисмас, во Италија – Ла Бефана, во Шведска тој се нарекува Јултомтен, во Холандија го нарекуваат Синтерклас, во Финска е Јоилипуки, кој како лик е најсличен со оној од приказната на „Кока-кола“. Впрочем, скандинавските ликови влијаеле најмногу врз американската приказна за оној што носи дарови со санка што ја влечат суперсонични ирваси. Затоа најпрво Дедо Мраз е нацртан како стар и весел дебелко, како холандскиот Синтер Клас од почекот на 19 век. Во Америка се појавил како лик со име Санта Клас, кој личел на некакво добродушно животно со рилка завиткана во американско знаме. Во вториот обид, Санта Клас станал човек со широко лице и дупченца на образите, црвен нос, бела брада и голем тркалезен стомак. Облечен е во бојата на „Кока-кола“, се разбира.

Сепак, најинтересно е тоа што по Втората светска војна, власта на СССР, најголемата христијанска земја во светот, односно другарот Сталин лично забранил да се употребува името на свети Никола, а со тоа отвора простор христијанскиот светец во глобални рамки веднаш се замени со Дедо Мраз. Оттука, Дедо Мраз е измислица на западната комерцијална машинерија, но во исто време тој е и трансформација на свети Никола, односно искомерцијализиран лик на светецот од Мирликиската митрополија. Да не беше Сталин, свети Никола можеби сé уште ќе делеше подароци без да има обврска да се појавува на камионите на „Кока-кола“!

извор: Нова Македонија

Боженствено доживување
HLA гените кај Македонците и суб-сахарското потекло на Грците
Детето што немало страв
Француски патепис за Македонија (1547ма година)
Змејската љубов во македонскиот фолклор
Пророштвата на старците од Кратовско
Ако народот покаже дека сака слобода, ние ќе му го отвориме патот кон совршенството
Солената земја во прастарото Овче Поле
Ново во етерот - Имагинариум на брановите на Радио Свети Николе
Интервју со Јанаки Митровски