Thursday, 20 October 3650

Програмски Принципи на ММКД

 

Поминаа цели 54 години откако покојниот Македонец Барон Костадин Бели  од Виена “кон своите еднородни Македонци” го испратил повикот од претходните редови, во кој што е излеана целата му душа, срце и нерви. Жално што неговите патриотски совети, основани на вечни вистински начела, до сега не биле чуени од оние за кои што биле наменети. Напишани на грчки, тие можеле да се искористат само од грците. Но, затоа никој не смее да го обвинува покојниот Барон: нашата татковина тогаш била покриена со дебел мрак, народниот ни јазик бил погазен, во нашите училишта и цркви се читало и пеело на грчки, – и Костадин Бели се служи со тогаш царскиот грчки јазик.
Да, нашиот сонародник ни напоменува еден најсвет долг. И навистина, што е посреќно, што е поблагородно од она – да служиш и работиш за татковината, за општонародно добро, од кое што зависи и нашата лична среќа?
Надвор од татковината, отфрлен од народот, човекот е најнесреќен, дури и да е облечен во злато. Народ, татковина, општество се нешто, човек единка – ништо…
Зборовите на нашиот сонародник се прекрасен доказ за тоа.
Претрупан со богатства, кои што му спечалиле и почесто и баронска титула во главниот град на Австрија, нашиот сонародник се чувствува незадоволен, нешто многу му недостига.
Но над тоа незадоволство тој не извикува ко Соломон: “Суета на Суетите”, а вика низ далечната туѓина: татковина, народе!
Тој човек има потреба од татковината и народот, но и татковината има потреба од човекот, денес нашата татковина има нужда од нас.
Само еден поглед е доволен за да се видат очајните нужди на нашата родина. Благодарение на последните политички случувања на нашиот полуостров и географската положба на Македонија, денес таму се собрале секакви возможни надворешни елементи кои што, воодушевени од своите уништувачки идеи за нашата иднина, планови и интереси, слободно и со молскавична енергија го засилуваат антагонизмот кој што и онака постои во земјата. Само еден силен отпор од наша страна може да нè предпази од злобните посакувања. Но при денешната состојба ние не можеме да извршиме такво дело, за тоа ни се потребни сили, а нашите се разнебитени, раздробени. Треба значи, да ги соединиме, да ги собереме во една општа, моќна сила – народна сила, ако сакаме да ја зачуваме иднината на нашата татковина.
Тоа треба да е стремежот на секој кој што се чувствува Македонец, каде и да се наоѓа. Младата Македонска Книжовна (Литературна) Дружина во предвид ја има точно таа цел. Очевидно е дека таа претенција е многу голема. И навистина, таа ги надминува силите со кои што дружината располага засега. Но во истото време, Дружината верува дека нема за долго да е изолирана од родољубите.
За постигање на таа цел Дружината ја издава својата “ЛОЗА”.
Останува на оние што се интересираат, да се придружат со моралната и материјалната си подршка со кое што, меѓу другото, ќе насочат и една книжовна организација.

Јануари 1892 г.