Thursday, 20 October 8822

Мистеријата на Билазора

Очигледно е дека Пајоните биле одлични градители. Знаеле како да се справат со големи камења, како да изградат големи одбранбени ѕидови, а тоа го правеле без малтер и без цемент, вели Вилијам Најдингер, археолог од Тексас

Кои биле Пајоните, каде ж

ивееле, какви објекти граделе, во што верувале? Какви биле нивните обичаи, како се облекувале, биле воинствени или мирољубиви? Група археолози од целиот свет деновиве се обидуваат да одговорат на овие прашања. Веќе еден месец го истражуваат локалитетот „Градиште“ кај светиниколското село Кнежје.
Наоѓалиштето кое археологот и професор д-р Иван Микулчиќ уште во 1976 година го посочил како Билазора, упориштето, главниот град на Пајоните денес дава се од себе да го потврди тоа. Иако с` уште не се појавил натпис, монета, артефакт кој неоспорно ќе потврди дека мистеријата наречена Билазора е веќе историски факт, археолозите се цврсто убедени дека ги откриваат слоевите на пајонската метропола.
Под раководство на археолошки тимови од земјава и од Тексас, истражувањата ги спроведуваат млади луѓе од целиот свет. Доаѓаат од секаде, од САД, Полска, Србија, Шпанија, Франција. Поголем дел од нив се археолози или студенти по археологија, но има и волонтери кои едноставно сакаат да ја почувствуваат возбудата што ја нуди археологијата, да научат нешто ново за културата на ова подрачје.
– Не е лесно да станеш наутро во 4.45 часот и да работиш на локација каде нема сенка, ниту едно дрвце. Возбудливо е да се работи на проект кој има потенцијал да стане дел од историјата. Првпат сум на Балканот и с` ми е ново. Многу е поинакво од сите места каде што сум била досега, но интересно е, има пријателски луѓе – вели младата Никол Хаскоуала од Њу Џерси, САД, студентка по археологија на Универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Истражување на два сектора

Локалитетот Градиште е оддалечен три километри од Свети Николе. Неколку патокази го олеснуваат стигнувањето до таму. На голема табла пишува дека се истражува сектор 3, акрополата на Билазора. Дел од екипата ја истражува акрополата, а друг дел на сектор 6 се обидува да фати дел од бедемот на градот. Тешко им оди. Наместо ѕидини, откриваат просторија со осум питоси, големи глинени садови во кои чувале храна.

Ископувањето на просторијата со питоси го надгледува археологот д-р Вилијам Најдингер од Тексашката фондација за археолошки и историски истражувања (ТФАХР). Четврта година со својот тим работи на Билазора. Македонија ја познава од поодамна. Во деведесеттите години го истражуваше старомакедонскиот град Гортинија, на Вардарски Рид, кај Гевгелија. Нивната организација организирала археолошки истражувања во Израел, Бугарија, Франција, Шпанија и Грција, но Билазора ги натера последните четири години да ги посветат единствено на Македонија.

Мистеријата на Билазора

Во просторијата со питоси откриле еден невообичаен артефакт – капител (горен дел од столб) кој не личи на ниту еден од трите стандардни форми. Не е ниту дорски, ниту јонски, ниту коринтски.
– Ваков експонат досега не сум сретнал. Има боја на една страна. Проверував на многу места, не најдов ништо слично. Можеби е нешто уникатно на Пајоните, кој знае?! – вели Најдингер.
Правејќи споредба меѓу Вардарски Рид и Градиште, Најдингер вели дека и во двата града се меша пајонската и македонската историја.
– За Вардарски Рид знаеме многу повеќе од историските извори. Античките историографи само двапати ја спомнуваат Билазора и кажуваат многу малку. Само велат дека е најголемиот град на Пајоните – објаснува тој.
Археолозите знаат дека во 358 г.п.н.е. во Билазора дошол Филип Втори. Од тој ден нештата добиле македонски карактеристики.
– Пропилонот е изграден пред да дојде Филип и тој е чисто пајонско дело. Сличен немам видено ниту во класичната грчка ниту во македонската архитектура досега. Можеби има некој вид пајонска архитектура која е специфична само за нив. С` уште не знаеме. Но, очигледно е дека биле одлични градители. Знаеле како да се справат со големи камења, како да изградат големи одбранбени ѕидови, а тоа го правеле без малтер и без цемент. Близу пропилониот ископавме длабока сонда. Почна да излегува керамика од железно време, од 7 и 6 век.п.н.е. Нема ништо класично, ништо слично на Атина. Како одиме надолу, полека излегуваат вистински пајонски нешта – објаснува Најдингер.

Рано е за научни тези

Најдингер и неговата сопруга Јула Метјуз студирале класична археологија, античка Грција и Рим. Метјуз вели дека се во Македонија оти имаат можност да истражуваат за луѓето кои живееле тука многу порано, дури пред Македонците.
– Тоа се луѓето пред Филип и Александар. Многу е возбудливо бидејќи оваа област досега не била истражувана – вели Метјуз.
Тие с` уште немаат доволно податоци да раскажат кои биле Пајоните. Имаат уште многу работа. Сега ги пронаоѓаат нивните згради и силно веруваат дека го истражуваат градот Билазора, иако с` уште нема материјал кој дефинитивно ги потврдува тоа.
– Веруваме бидејќи се совпаѓа со литературата. Но, сe` уште е многу несигурно од каде дошле Пајоните, со кои биле поврзани. Преклани пронајдовме една монета. Многу се израдувавме, но беше толку оштетена, што не можевме да видиме што пишува – вели Метјуз.
Археолозите се сместени во хотелот „Овче Поле“. Во 5 часот наутро се веќе на локалитетот, кој зафаќа површина од 20 хектари. Напладне се враќаат во хотелот. Ручаат, па имаат попладневна настава. Ја чистат керамиката и целиот материјал, цртаат, проучуваат и анализираат с` што сработиле тој ден. Секој викенд го користат да ги посетат останатите археолошки локалитети во земјава. Одат на Калето во Скопје, Стоби, во Охрид, ја запознаваат Македонија.

Археолозите одушевени

Истражувањето го финансира американската фондација. Студентите само ги плаќаат билетите до Македонија, а фондацијата го обезбедува нивното сместување, храна, предавања. Нашиот тим располага со 300.000 денари, но и тие с` уште не се префрлени на сметката на Музејот.
– Можеби не се многу, но ни се неопходни. Буџетот е ист како и лани. Секој ќе забележи дека се малку пари за да може нешто покрупно да се направи. Да не е американскиот тим, со нивниот буџет и луѓе, тешко дека би можеле нешто да направиме. Ние како установа и како држава имаме само корист од нивното доаѓање. Се надевам дека в година ќе дојдат во поголем број – вели Стоилев.
Фредерик Меж, археолог од Франција првпат е во Македонија. Во моментот нема ангажмани дома, па решил да се пријави за истражувањата на Билазора.
– Локалитетот е прекрасен и сакам да откривам нови хоризонти. На секое ископување се учи нешто ново. Сум работел во Франција и во Италија, но ова е поинакво од с` што знам. Првпат доаѓам во Македонија. Убаво е, луѓето се љубезни – вели Меж.
Кери Плет, од Минесота е волонтер во американската владина програма Пис Корпс. Веќе две години предава англиски јазик на основци во Гостивар. Втора година доаѓа да помогне во археолошките ископувања.
– Археологијата и историјата ми се многу интересни. Бидејќи веќе живеам во Македонија се обидувам да научам што е можно повеќе за оваа земја, за културата, а тоа значи и за културата на минатото – вели Плет.

Билазора поинтересна и од Египет

Археологот Словак Шушка од Полска четврта година работи на Билазора. Останува по два месеца колку што трае ископувањето. Работел во Египет, Полска, Италија, Чешка, Ирска, Велс, Англија, но фасциниран е од Билазора. Негов научен интерес се праисториски локалитети.
– Веројатно работиме на древен главен град. Не е вообичаено да се работи на вакво место. Има многу материјал и с` е ново. Добиваме многу информации за луѓето што живееле тука. Тоа дава импакт на нашето знаење за Пајоните и тоа е интересно. Секој ден носи сосема нова информација. Досега сум работел во осум земји, но ова е најинтересниот локалитет на кој сум работел досега. Бидејќи Пајоните биле поделени на многу племиња, се обидуваме да лоцираме кое било на Билазора. Се обидуваме да пронајдеме монети од племињата и тоа може да донесе многу новини на приказната, а од тоа ќе ја градиме историјата. Планирам да дојдам и идната година – вели Шушка.

извор: Дневник