Monday, 25 September 2017

Митрополитот Теодосиј

Митрополитот Теодосиј е роден во село Трлис, Неврокопско, денес Гоцеделчевско. Еден е од активните учесници за создавање на самостојна македонска црква уште во 1874 година. Доаѓајќи на чело на Скопската епархија во почетокот на последното десетлетие на XIX век владиката Теодосиј почнал систематски и доста внимателно да работи за издвојување на македонските епархии од составот на Егзархијата. Меѓутоа условите за создавањето на нова независна црква во рамките на Отоманската империја не биле благопријатни, немало никакви изгледи таа да биде признаена. Единствената можност што давала некакви изгледи за успех се состоела во тоа, македонската црква да се стави под покровителство на некоја од оние цркви кои Отоманската империја ги признавала и чија што дејност во државата била одобрена.

Шансата за тоа Теодосиј ја видел во соработка со Католичката црква, односно во поминувањето во Унија. За таа цел на 3 декември 1891 година во Скопје дошло до средба помеѓу Теодосиј и претставникот на католичката црква во Цариград Бонети. Во разговорите Теодосиј ги поставил следните барања:

– да се обнови самостојноста (автокефалноста) на Охридската архиепископија во канонско единство со Римската црква;

– за поглавар на обновената Архиепископија да се постави Теодосиј;

– сето свештенство од високиот клер (епископите) до свештено-монасите и мирските свештеници да бидат родом МАКЕДОНЦИ и да ги назначува Теодосиј, а епископите да бидат потврдувани од Папата;

– границите на Архиепископијата да се поклопуваат со границите на Македонија со тоа што нема да се менува постоечката поделба на епархиите итн.

Активностите што ги развил Теодосиј за одделувањето на македонските епархии од бугарската егзархија и за создавањето на нова самостојна македонска црква во сојуз со Католичката црква предизвикале остра реакција на бугарскиот егзарх. Последниот ги презел сите мерки што му стоеле на располагање да го спречи реализирањето на овој план. Со помошта на турските власти тој го уапсил Теодосиј и стражарно го довел во Цариград од каде што бил префрлен во Бугарија. Овде бил заточен во еден манастир каде што останал до крајот на својот живот.

 

извадок од Историја на Македонскиот Народ,

издавачи Македонска Книга, Култура, Мисла, Наша Книга

Скопје, 1988 г.