Sunday, 19 October 7766

Нацијата и аспектите на културата

Да запнеме да се негува литературниот јазик како во Германија. На германските телевизии често сум видел титл на правилен германски кога интервјуираат некој селанец, кој и не мора да зборува хохдојч. Што канали ќе се забранат во Македонија, особено оние со СМС-пораки на макароникс латинизиран македонски. Контактните емисии со јавувања на гледачи ќе се редуцираат стравотно. Собранискиот канал ќе остане без директните преноси.

Има еден своевиден спонтан мултикултурализам во Македонија. Пред се’, во медиумите. На радио ќе чуете музика од секаде. Кабелските куќи пренесуваат руски, турски, бугарски, грчки и српски канали.
Во Грција, на пример, не е така. Еден пријател од Грција ми потврдува и вели: апсолутно не е така.
И овој „мултикулти“ важи и за Македонците и за Албанците во Македонија. Во Охрид е особено интересно. На албанските канали може да гледате американски филм, синхронизиран на италијански, со албански титл. Многу јако.
Ова е спонтан или неконтролиран мултикултурализам. На Запад теоретичарите го викаат и дескриптивен.

Тој е производ на многу фактори и најверојатно затоа има многу малку истражувања кај нас кои се занимаваат со него. Воопшто, културата на овие простори, каква е последниве 50-60 години ретко кој ја истражувал. Сум налетал на неколку обиди од Македонци, Бугари и Срби, но тие добрите или се изгубиле во својата алтернативност или се направени со многу погрешни и површни импресии. Оние „понаучните“ се неатрактивни и заглавени во неинвентивно интерпретирани податоци од анкети и истражувања. Некој сигурно ќе се заинтересира за тоа дека Македонците одат повеќе на театар од Европејците. Мене не ми е толку интересно. Далеку поинтересно е да се истражуваат разликите меѓу Македонците и Бугарите, направени во тој период (од пола век). На пример, до 1990 година Македонците се гастарбајтерска култура, Бугарите се само емигрантска култура.

А за „охридскиот случај“ и за филмовите на албанските телевизии има многу да се зборува. Се работи за „фатени“ филмови од Раи Уно, Дуе, Тре… (А, знаеме, Италијанците ги синхронизираат филмовите). Потоа, филмовите се копирани и преведени – по правило во Албанија. Лесно се наоѓа преведувач од италијански во Албанија. И тука имаме цела културолошка студија. Албанија се отвори кон светот со помош на телевизиските антени. Таа радикална промена на перцепцијата на светот со помош на телевизијата е се’ уште провокативна тема. Паѓањето на Берлинскиот ѕид го подготвија токму антените што ги пренесуваа информациите за еден друг и поинаков свет од комунизмот. Во Источен Берлин пред падот на ѕидот (бев таму) впечатливо беше да ги видиш сите тие ТВ-антени на покривите на зградите и куќите, сите свртени кон Западен Берлин.

Сето ова со медиумите има врска со националниот идентитет и култура. Зашто, таа не е зададена, туку е во постојана динамика.

Еднакво важно е и да се укаже на ваквиот мултикултурен контекст поради политичките импликации. Во Македонија нема национализам кој се присвојува или покрива, забранува однадвор или комуникациски „го национализира“. И тоа е порака која мора да се упати до ЕУ.

И тоа е наш белег и не можеме да избегаме од него. Не ни знаме колку сме среќни што Рамбо не е синхронизиран на македонски (како во Германија или како во една Бугарија и Полска). И кој може да го синхронизира Еди Марфи. И што е тоа со синхронизирањето. И зошто не одат до крај во културното приспособување на странските филмови и да фатат да ги ретушираат. За мене синхронизирањето е како на Мерилин Монро да и’ ставиш шамија во сите филмови, зашто многу е слободна жената за да ја пуштиме пред конзервативна публика.

Дали и ние можеме да бидеме „понационалисти“ на овој план? Скептик сум.

Да речеме, да запнеме да се негува литературниот јазик како во Германија. На германските телевизии често сум видел титл на правилен германски кога интервјуираат некој селанец, кој и не мора да зборува хохдојч. Што канали ќе се забранат во Македонија, особено оние со СМС-пораки на макароникс латинизиран македонски. Контактните емисии со јавувања на гледачи ќе се редуцираат стравотно. И на крај, собранискиот канал ќе остане без директните преноси од Собрание, ќе ја изгуби смислата да се вика собраниски и ќе се укине. Најверојатно на големо разочарување на мнозинството гледачи.

Затоа е важно е да се истакнува дека наш белег е тоа дека ние немаме уплав од странско влијание… И тука сме можеби пред Европа.

Реномираниот исламист Басам Тиби, во својата книга „Европа без идентитет?“ зборува за растргнатоста на Европа меѓу панично бранење од се’ што е странско или странец и мултикултурен релативизам кој не може да им се спротивстави на фундаментализмите и радикализмите.

Еве неколку изјави на еден британски политичар што си ги запишав летово: „Би требало да им забраниме на имамите да проповедаат на кој било друг јазик освен на англискиот. Не можеме да продолжиме со овој мултикултурен апартхејд“. Или, „треба да им го вградиме британството на младите муслимани. Треба да подучуваме британска историја. И веројатно треба да ги баталиме верските училишта“. Минатата година истиот политичар изјавил дека „локализмот ќе води кон шеријатско право“ затоа што „големи делови од муслиманската популација не се чувствуваат како Британци“.

Претпоставувам како би поминал македонски политичар со вакви изјави. Само од прстите вперени од Брисел човекот ќе биде изрешетан како од Рамбо (второто продолжение, синхронизирано на германски).

Мора повеќе да им се дава простор на луѓе што се занимаваат со овие аспекти на македонската култура. Со неа ние се легитимираме и како нација и како држава, и како Македонци и како Албанци, и како Турци и Роми и како сите што живеат во Македонија.

И како култура вредна за почит.

Бранислав Саркањац

ДНЕВНИК

23.11.2007