Saturday, 19 October 5591

Наметнати разлики

Во 2012та година се давиме во масовна култура чија единствена придобивка е рушење на бариерите кои нè опкружуваат нас – луѓето.

 

 

Македонскиот народ уште од дамнина бил познат по својата отвореност и широкоградост. Тој својот национален идентитет не го изразувал преку конзервирање и изолирање на својата култура,  отфрлајки ги туѓите или потчинувајки ги како помалку вредни или инфериорни, напротив, најстарите аргументи во полза на македонскиот космополитизам влечат корени уште од древна Македонија, која на светот му покажала дека дека Mакедонскиот народ е обединител на култури, не освојувач…

Но, сметам дека воопшто не е неопходно аргументите кои го цементираат мојот став околу не-национализмот на оваа земја и овој народ, да ги поврзувам со минатото, секако, тоа нема да биде занемарено, но иднината и оправданието на ваквиот став лежат токму во сегашноста.

Тргнувам од себе, како гласноговорник на мојата генерација, со ставот дека јас сум граѓанин на оваа планета. Премногу е излитен муабетот за различностите кај човекот. Да, тие ги има и треба да се почитуваат, и толку. Премногу е старомодно сфаќањето дека различностите не прават повеќе или помалку луѓе, а уште по патетичен е фактот дека денес, во комуникациска ера, сеуште веруваме во нацртаните граници, јазици, бои и обичаи… Тие постојат, но тоа е нормално. Дури  и ми е привлечно. Кога разговарам со девојка од друга националност и кога на момент, стереотипите ке завладеат со мене и  кога таман ке помислам: „ете, нормално е да не ме сфати, сепак сме ние различни“, таа ќе се насмевне со истата насмевка како и било која девојка од македонска националност, и таа различна сличност кај мене ќе разбуди чувство на топлина, дека сепак ние се разбираме.. Говорот на телото е пресуден… гримасите и гестикулациите кај сите нас се исти, безразлика на која вероисповед или етничка група припаѓаме.

Пропагандите кои ги шират владите на државите се најлошото средство за рушење на добрососедтските односи и претставуваат вирус во „општествениот софтвер“ кој ги напаѓа сите линкови кои ги поврзуваат различните нации…

Темава е премногу општа но ќе се обидам да ја конкретизирам преку неколку примери.

Источниот сосед Бугарија, пропагира наводна омраза од страна на нас македонците према бугарскиот народ. Ова го заклучив на еден концет во Скопје кој беше од интербалкарен карактер, бугари, срби, албанци, босанци … Кога во еден момент бевме собрани 10тина луѓе од Mакедонија и двајца бугари, при сета таа возбуда, понесени од еуфоријата и магијата, сите заедно игравме, скокавме и пиевме на музиката која сите ја сакаме а не е ни Mакедонска ни бугарска, едниот бугар ме праша зошто ние Mакедонците ги мразиме нив…
Беше толку апсурдно што не ми се веруваше како, во целата таа атмосфера дечкото најверојатно понесен од некои национални емоции предизвикани од алкохолот, можеше да ме праша такво нешто.

Дали е логично,  да ги мразиме оние кои сме ги прифатиле како наши, оние за кои не сме ни помислиле дека се различни од нас, во момент кога музиката не спојува сите во еден зарипнат глас и врзан јазик од алкохолот кој сите тогаш го зборуваме?
Исто така нелогични и неиздржливи се аргументите на бугарскиот врв кој ја обвини Македонија за нарушување на добрососедските односи. . .
Јас сум млад човек, го почитувам минатото но ја претпочитам сегашноста, во име на уште подобра иднина. Кога мојот колега, студент од Бугарија, дечко со кој заедно работевме во еден хотел во САД, во една сосем обична дискусија ме пресече со слично прашање, „зошто вие Македонците, не нè сакате нас бугарите(потенцирајки на фактот дека Македонците се бугари),“, му одговорив: „како не ве сакаме, еве јас на пример, многу ве сакам, особено бугарските девојки!
Добив полу блага насмевка назад, затоа што знаеше дека одговорот е со мала доза на иронија, исто колку што беше цинично и неговото прашање, и затоа што во најмала рака доби пријатен одговор од моја страна каде изразувам симпатии особено према понежната половина на неговиот народ…

Нешто слично се случуваше и со моите пријатели од Србија . . . и покрај моите признанија дека највкусната плескавица доаѓа од Лесковац, дека особено ја почитувам „роштилијадата“ во истот град, на која за жал не сум бил ниеднаш до сега, дека особено почитувам одредени српски рапери и нивната музика, дека српските девојки се исклучително сексипилни и „средени“ кога е во прашање впечатливоста, јас наидов на не толку национализам колку супериорност во нивното размислување и однесување, коај пак е прв чинител на дистанцирање врз база на национална основа.  Таа суперирност била развиена врз база на незнаење.
Недоволна информираност. Дечки и девојки на возраст од дваесетина години освен покојниот Тоше Проески на никаков начин не се поврзани со македонската култура, музика и обичаи.. српската младина толку малку знае за нас што кога мојот пријател Урош од Белград дојде во Скопје, беше пријатно изненаден од тоа колку е убав нашиот град, нагласувајки ја ексклузивноста на погледот од „средно Водно“, која неговиот роден град Белград ја нема…
Пријатно е да слушате како човек  пријатно се изненадува од вашиот град, неговата урбаност и мултиетничност. . .

Истото се случува и со „спорот“ на српската со Македонската православна црква, предизвикан од очигледни политички побуди, бидејки смешно би било оправданието дека постои некоја драстична разлика во црквите, божји храмови каде сите луѓе се еднакви, боси и обуени, гладни и најадени, убави и грди…
Каде е запишана таа градација во светоста на двете сестрински цркви??
До кога ќе веруваме во наметнатите разлики, кои не прават повеќе слаби отколку оригинални и ортодоксни… Демек Бог пасош би ми побарал на влезот во некој  српски храм…
Грчкиот национализам и неговата ригорозност се комплексна тема врз која нема многу да мудрувам,  туку само ќе потсетам, народот кој не смета за крадци на нивниот идентитет, односно македонскиот, кој всушност е грчки, е вчудоневиден како и покрај сериозно заострените билатерални односи и меѓуетничка тензија, ние, македонците, кои всушност сме грци, односно не сме македонци, сеуште си одиме на  летен одмор во Грција, нашите скромни примања ги оставаме во локалната грчка таверна каде јадеме гиро подготвено од раце низ кои тече грчка пот. . . Тука ќе прашам, дали Македонската флексибилност е резултат на слаб национален идентитет или едноставно, ненационализам!? И дали грчката ригорозност се должи на силниот грчки национализам или пак поткопаниот национален идентитет!? „лулката на цивилизациите“ не обвини, а отпосле почна да ги бара доказите… За поздравување е чинот – манифестација на мотоциклистите од двете држави кои трет пат до сеа се дружеа меѓу себе, подржана од европската Унија, Мотоциклистичката федерација на Македонија и Мото клубот од Серес, Грција. Во рамките на проектот „погранични тркала“…
Праќам апел до младината, не до политичките врвови, туку до моите врсници, младите луѓе во Србија, Бугарија, Грција… Пријателска нота која ќе нè сплоти сите, за конечно да се почитува квалитетот и доблеста а не политичките убедувања. Пуштам глас до секој кој може да ме чуе, до секој кој ги чувствува вибрациите на мојот крик…