Кокино

На 35 километри од Куманово, на надморска височина од 1013 метри, сместена на неовулкански рид веднаш под врвот Татиќев Камен, се наоѓа мегалитската опсерваторија Кокино. Кој од нас барем за миг не посакал да биде крал? Да биде владетел, да биде меѓу ѕвездите? Моќно, многу моќно било чувството четири илјади години наназад да бидете дел од магијата и мистиката на оваа света планина, каде што и камењата имаат душа. Едноставно ви застанува здивот од уметноста на вашите предци кои со неверојатна прецизност ги длабеле маркерите за одбележување на изгревањето на Сонцето и на Месечината.

Со математичка прецизност ги утврдувале местата на Сонцето во денот на долгодневицата, пролетната и есенската рамноденица, минималното и максималното отстапување на Месечината во зимскиот период и слично. И точно знаеле дека сето тоа ќе се повтори точно по 18,6 години. Опсерваторијата е стара четири илјади години и преку неа може да се одредат четирите главни позиции на Месечината и трите главни позиции на Сонцето во текот на една година.

Возбудува податокот дека некои членови на племенската заедница имале задача секојдневно да ги следат движењата на небесните тела и да прават календари за одредување на деновите на ритуалните обреди, како и за започнувањето на сезонските работи во земјоделството и сточарството. Инаку, на локалитетот е лоцирана централната позиција за набљудување на небесните тела, како и седум маркери изработени во вертикалните карпи со кои се означувале местата на изгрејување на сонцето и на месечината. Тука ќе ги најдете камените седишта наречени тронови, издлабени во карпа, поставени во правецот север-југ. На овој начин, доколку сте седнат на ова и само на ова место, вас и само вас ве осветлува првиот утрински сончев зрак. И вие и само вие сте во онаа непосредна врска со Бога.

Во 2005 година НАСА го стави Кокино на четвртото место на листата со најстари и најважни астрономски опсерватории на светот. Првите наоди биле добиени истата година кога била откриена населба од бронзениот период, населба што според својот изглед и димензии се разликувала од слични вакви археолошки населби. Карактеристично е дека Кокино е комплексен локалитет. Пред да стане опсерваторија, најверојатно бил света планина на која се изведувани повеќе култови, а еден со сигурност бил присутен: култот на Големата Мајка Божица (Магна Матер), значи Мајка на сите богови. Вториот култ е најверојатно култот на светиот брак меѓу Мајката Земја и Сонцето, култ што во тој период бил распространет низ Медитеранот. Зборуваме за вториот милениум пред нашата ера, кога карпестиот планински врв се персонофицира како тело на Мајката Божица, Мајката Земја и во одредени временски периоди на овие одредени места, првите сончеви зраци што паѓале го означувале почетокот на таа света врска, свет брак меѓу Земјата и Сонцето, од кое понатаму ќе заживее сè живо во природата.

Ова е света планина и секое приближување кон неа буди чувство на почит. Четирите илјади години побиваат четири илјади говорници за нашето (не)постоење. Мистичноста на овој простор ве води во размислување за едно место на кое еден народ живее со генерации.

Во оваа моја чудесна земја, мигот тешко се повторува.

 

Leave a Reply