Thursday, 21 September 2017

Угинувањето на македонската лоза

Во новиот, современ и брз 21 век Македонците се соочуваат со најголемиот и воедно најболниот проблем во историјата-малкудетноста. Малите семејства не се дел од Mакедонската традиција и култура, но сепак под пресингот на современите увезени културолошки и општествени вредности и низа други мултифактори се наметнаа како неминовен ефект. Комплицираната мултифакториелност на малкудетноста доведува и до потешкотии за нејзина превенција и елиминација. Општо познато ни е дека само една до две генерации во минатото нашите предци биле во многубројни семејства па и со по двоцифрен број на членови. Додека денес се соочуваме со ситуација да имаме за пример физички,психички и социјално здрави брачни парови кои се во добра економска состојба но сепак не се одлучуваат да имаат повеќе од едно до две деца, а некои пак и не се одлучуваат за потомство.

Мораме да размислиме за нашите животни текови и одлуки во текот на животот кои доведуваат до вакви запрепастувачки факти. Можеме да наведеме многубројни фактори кои доведуваат до малубројни семејства а произлегуваат од нашите одлуки во текот на животот. Денес луѓето се одлучуваат за сосема поразличен начин на живот, се воздигнуваат над својот биолошки нагон и потреба за потомство дури и егоистички се однесуваат спрема своите предци,и не го перцепираат како должност тоа да создадат широки поколенија. Иако многубројните семејства се вбројуваат во многуте традиционални вредности на Македонците.

Во последните години се губи чувството на света должност како кон предците така и спрема татковината па и кон својот народ за создавање на многубројно потомство. Некои размислувања афирмираат тврдења дека не толку добрата економска состојба во Mакедонија е главен причинител за малкудетноста, мои размислувања се дека тоа е парцијално точно, зошто едни од економски најслабите земји се со најголем наталитет,и  обратно најразвиените економии имаат најголем проблем со падот на наталитетот. Поточно мислам дека недовербата во безбедноста и политичката неправедност,посебно во 90-тите години и почетокот на 21 век  поради текот на настаните кои случајно или намерно се одвиваа (распад на Југославија,колективни отпуштања од работа,конфликтот во 2001 и др.) доведоа до некоја колективна депресија кај Македонците и еден вид на социјално пропаѓање на македонскиот граѓанин. А сега како индиректен ефект од тие настани е влијанието кое доведува до негативни одлуки на младите за неосновање семејства и за несоздавање многубројно поколение. Во основата на психологијата на младите се согледува дека страдаат од несигурност,недоверба и нестабилност и тоа може да го согледаме во нивните постапки,размислувања и одлуки во животот. Најпрво што можеме да забележиме денес е дека мнозинството млади си поставуваат секогаш некои други цели пред бракот и семејството, како да немаат доволно самодоверба за да се одлучат на семејство и брак или како да се премногу егоистични да го делат животот и проблемите со друга личност. Секогаш има нешто поважно прво диплома,па работа,стан или куќа, па автомобил па потоа кариера ,па се нема време за деца или ако се одлучат за деца тоа ке биде едно. Ако ги погледнеме статистичките показатели, во 1950 година во Македонија имало 1,229 милиони жители, истата година имало 49 560 живородени деца а наталитетот изнесувал 40,3 ‰ а фертилитетот 188,1, додека во 1994 со 2,075 милиони жители имаме 33 477 живородени деца и наталитет од 15,7 ‰. Значи имаме разлика од 746 000 жители повеќе, бројот на живородени деца е намален за 16 083, значи во проценти бројот на жители на државата е зголемен за 60 % а бројот на живородени деца е намален за 30 %.

Во периодот од 1999 до 2009 го задржуваме природниот прираст од само 1,5 % или бројот на жители е зголемен за  31 144 лица.

Бројот на живородени деца во 1999 година е само 24 964, 2004 година е 23 361 а додека 2009 година е 23 684, и имаме пад во стапката на наталитет од 1999 од 12,4 ‰ до 11,5 ‰ во 2009 година. Овие стапки на наталитет се далеку под потребните 17 ‰  или 2,1 до 2,2 деца по брачен пар кои се потребни за проста смена на генерациите. Ако пак ги погледнеме процентите во однос на новородени по етничка припадност ќе забележиме пад од 62,5 % во 1950 година до 49,3 % во 1994 година кај Македончињата,а пораст од 19,1 % во 1950 до 35,9 % во 1994 кај новородените од албанска припадност.Значи во 1994 година новороденчињата од мајки Македонки паднал под 50 % значи се малцинство во својата држава во однос на сите други етнички заедници.Ако репродукцијата на албанките продолжи да се покачува со ова ниво, а прокреацијата на македонките застане на ова ниво разликата во бројот на новородени од 13,2 % ке ја снема за 35 години, значи ке се раѓаат ист број на новороденчиња од мајки Албанки и од мајки Македонки годишно.

И ако ги земеме во обзир големите имигрирања и емигрирања, и разликите во морталитетот кај Македонците, заради нивната поголема бројност во понапредните старосни групи за разлика од Албанците, ќе заклучиме дека не очекуваат сериозни промени во односот на бројот на жители од Македонска и албанска националност.

А додека во однос на стареењето на населението бележиме значајни промени во однос на старосната структура на населението. Во периодот од 1999 до 2009, учеството на младото население (0-14 години)  во вкупното е намалено од 22,8 % на 17,7 %, а учеството на старото(65 и повеке) е зголемено од 9,8 % на 11,6 %.Овој показател е и најклучниот и најалармантниот што ни укажува дека треба да се преземат ригорозни популациони политики,и да не се врти главата пред проблемот.

Мораме да сфатиме дека ништо не е поважно од потомството, ниту најврвните човекови достигнувања не се поважни од децата, зошто ако исчезнеме никакво откритие и достигнување ќе нема значење.

Мора да има промени во односот на сфаќањата кон градењето и создавањето на потомство како круцијално за младоста и силата на една нација. И рестартирање на перцепирањето на многудетното семејство како основна здрава градбена клетка на нашето општество, со цел просперитет и светла иднина на целата нација.

  Кристијан Кузелов, Свети Николе 2012