понеделник, 20 октомври 2014

ОРБЕЛО – Роман што трага по Македонскиот код

РЕЦЕНЗИЈА

„ОРБЕЛО“, ПЕТАР ТРАЈКОВ И ЃОРЕ ГОНЕВ, „АКВАРИУС“, СКОПЈЕ

Роман што трага по кодовите на нашата земја

превземено од ДНЕВНИК

Објавувањето на романот привлекува внимание зашто го следи трендот кој веќе неколку години владее во светот, а тоа е интересот за древните религиски и окултистички мистерии, мистификација на ракописите и на авторството и решавање големи загатки

 Во стилот на сценаријата за акционите филмови, на домашна почва, главно околу Струмица, се одвива драма која во основата ја крие потрагата по златото и по гробот на Александар Македонски, но и уште многу митови и легенди што оставиле печат во оваа земја. Без поголеми книжевни претензии, без стилски акробации, читлив и забавен, но со мноштво интересни информации, романот „Орбело“ сам по себе е своевиден истражувачки потфат во кој се обединети големото познавање на Библијата, на христијанството, но и на мистичните учења синтетизирани или оттргнати од поголемите религии.

Интересно е решението да не постои еден главен лик, туку група ликови и секој од нив од свој аспект, во одделно поглавје, да зборува за чудните работи што им се случуваат во заедницата. Инаку, тоа е затворена група организирана според комплексна структура од семејства, деца посвоени и крстени од еден човек-кум и уште неколку значајни органи и функционери што работат за благосостојбата на заедницата, но и на општеството во целост. Во една таква затворена целина, која опстојува во посебна населба, од Москва пристигнува таен агент и како на филм почнува да ги расплетува мистериите што ги крие заедницата и заканите што им претстојат.

Само во еден роман се синтетизирани сите податоци за (не)знајните религиски и окултистички учења и струења што се поврзани со местото Орбело или местото кое древните египетски свештенички го избрале во близината на Струма, како гроб за делови од телото на Дионисиј, а потоа и како место на посветување на двајца големи владетели и освојувачи – македонскиот Александар Велики и римскиот Цезар. Меѓу фактите, за кои сведочи и историјата, се испреплетуваат податоци или верувања што се во доменот на митологијата, а потоа и поврзаноста со тајните светски организации, како и борбата на два огромни клана или

семејства – она на доброто, на континентализмот или на потомците на Давид и на злото, или потомците на Голијат, кои се верува дека се мрачни, хтонски и масонски заговори на морската цивилизација. Постојат и неколку совпаѓања со делови од нашето секојдневие, на пример меѓународниот конгрес на верски заедници во Охрид и засега непознатиот таен собир на неколкумина членови од тие заедници токму во Струмица.

Како и да е, „Орбело“ е интересен експеримент на хартија да се стават многубројните верувања што се судираат на ова парче земја, почнувајќи од култот кон Големата мајка, матријархатот, потоа верувањето во богот Кресте како основа за христијанството, како и многуте пагански и древни ритуали што оставиле трага и до денешни дни (пр. Струмичкиот карневал). Возбудливи се и совпаѓањата на легендите со топонимите (како на онаа за преубавата девојка Струма), бидејќи во целиот роман преовладува идејата дека светот е поделен според одредена сакрална геополитика, која не ги одминува ниту Македонија ниту останатите словенски земји. Тука се уште и тајните на масоните, темпларите, илуминатите и неколку познати организации и движења за кои се претпоставува дека управуваат со светскиот поредок.

Интересен податок за романот „Орбело“ е што зад авторството стојат две имиња, двајца млади автори, Петар Трајков и, за жал, прерано починатиот Ѓоре Гонев (1978-2007). Трајков го довршува заедничкиот потфат во чест на загубениот пријател како вид „споменик од хартија“. Од друга страна, објавувањето на „Орбело“ привлекува внимание зашто го следи трендот кој веќе неколку години владее во светот, а тоа е интересот за древните религиски и окултистички мистерии, мистификација на ракописите и авторството и решавање големи загатки. Се чини дека трендот го разбуди Ден Браун со својот роман „Кодот на Да Винчи“, а по него следуваа уште многу други, главно странски автори. Овој пат нашата публика има можност да трага по „кодовите“ што се дел од тајните на оваа земја и несомнено значаен дел од актуелната светска геополитика.

Александра Јуруковска