Monday, 26 September 7408

Ѕуница

 

Се појавува кога врне дожд, животворната течност, капките што значат живот. Во нашиов крај се вика појасот на дедо Господ. Ѕуницата го симболизира патот и врската меѓу небото и земјата, горе и долу. Таа е мостот што го поставиле боговите и героите меѓу нивниот и нашиот, земен свет.

Според Библијата, ѕуницата е материјализација на Заветот: “Бог уште рече: Еве го белегот на Заветот што јас го поставувам до вечните поколенија меѓу мене и вас и сé живо кое е со вас… и ѕуницата ќе биде белег на Заветот меѓу мене и земјата.“

Според народното верување, кога небесната вода на облаците завршила, се појавила ѕуницата за да се напие вода од реката или морето.

Таа, како најраскошно исткаен шарен појас, се протега на хоризонтот и го украсува небото од кое штотуку престанал да паѓа дожд.

Нашиот народ по боите на ѕуницата предвидува каква ќе биде летината и што ќе се роди.

Ако преовладува зелената боја, тоа значи дека ќе има бујни ливади и многу трева за добитокот.
Ако преовладува жолтата боја – нивите ќе родат многу жито и храна ќе има во изобилие.
Ако, пак, најзабележителна е црвената боја – ќе се роди многу грозје и бочвите ќе се наполнат со вино.

Ѕуницата се појавува на чистиот, кристално измиен небесен свод.
Кога грее сонце, врне дожд и се појави зуницата, нашиот народ кажува дека тогаш мечката се жени.
Во секој случај, ѕуницата, тој небесен украс, позитивно делува на луѓето, ги мотивира на размислување и тие во својата свест ја доживуваат како знак на универзалната хармонија и на плодородието.

од Иван Котев