Tuesday, 20 October 3665

Мојата сламка

.

МОЈАТА СЛАМКА

Петар Волнаровски

Нејзиното тело се грееше од моето.
Беше студена.
Нормално. Секој мртовец е студен… Ја греев, како и обично.
– Дали знаеш дека ти си, всушност, мртва? – прашав.
Не ми одговори. А јас знаев дека не ме разбра. Секогаш е така. Оди, објасни некому дека е мртов. А мене ми беше јасно дека тоа не е лесна работа. Не постојат прирачници за тоа.
А толку е убава.
– Би сакал да оживееш – повторно ѝ прошепотив на увото. Ветрот на мојот шепот ги разигра меките, златесто-жолти влакненца што се спуштаа надолу по нејзината слепоочница, и безобразно се наместиле баш така, да му пречат на моето шепотење да допре до нејзиното уво.
– Да оживееш. Можеш ти тоа… – повторив, во моментот подгреан со една искра што повторно ме излажа, како и секогаш кога ќе ја викам во моите мисли.
Надеж? Надеж.
И нејзината вечна ролја на предавник. А секогаш – ќе ме потера напред. Да се обидувам, знаејќи од коренот уште, дека моите зборови пак во ветар ќе заминат, а жарот во градите напразно ќе се исперчи со својот сјај како да сум дувнал во него.
– Не можеш ваква во мојот живот, знаеш…
– Каква? – прашува. Не разбира.
Како да ѝ објасниш дека е мртва? А мртва е. Одамна.
Само што таа тоа не го знае. А ти оди, па објасни ѝ. А колку е само убава!
Еве! Еве, очите ѝ се пак челично-сиви. Знаев! Знаев дека кога-тогаш денес, ќе ја добијат таа боја. Посебно денес, знаев! Денес беше облачно, цел ден. Тогаш; секогаш, во облачен ден очите ѝ стануваат челик; сиви како пепел што се претворил во најубавиот кристал на светот…
И јагленот е дијамант, знаете… Само, вечност ги дели. Како бездна, непремостлива, длабока, непозната… А нејзините очи секогаш успеваат да ја премостат таа бездна, само да е облачно небото, и…
А сега, тие очи – гледаат во мене. Низ мене. Така се наместив. Како и секогаш. Само да ме гледаат, а јас да тонам во нив како во бистро, студено езеро.

А тоа што е студено, го разгорува пламенот во мене.
За да ја загрее.
Да ѝ помогне да разбере.
– Знам дека не е лесно да оживееш – ја убедувам, јас проклетникот што не знам ни зошто правам работи, на кои којзнае дали имам право.
– Но, обиди се… Тука сум, знаеш… Знаеш дека ќе го направам тоа… Тука сум, знаеш…
А нејзиниот поглед… Па, нејзиниот поглед ме натера повторно да ја изменам својата изјава:
– Барем ќе се обидам да ти помогнам… – Ете, тоа веќе беше подобро. Но, тоа само јас го знаев. По краевите на нејзините усни – за момент – насмевка. Збунета.
Нормално.
Како и секогаш, повторно, одново.
О, барем мене некој да ми даде сила да престанам да се обидувам…

 * * *

Знам, со сигурност, дека никогаш не го почувствувала она што морам да го преживувам со секое мое будење…

 … Студена е смртта, како мраз во градите ми се нафаќа, секогаш кога ќе умрам, по мојот сон. Секој излез од моите сништа е нова, повторна моја смрт, по која повторно, за жал, останувам жив.
Повторно крај неа. Безнадежно крај неа.
Не може таа тоа да го знае. Нити го знаела. Нити ќе го знае.
А којзнае колку пати сум умрел. Но, телото живее упорно; заради сништата. Таму е сè во ред. Таму сум Жив. Таа е Жива.
И повторно ќе се разбудам, а таа е Мртва, и јас умирам а останувам жив, за повторно да се обидам, а залудно, и бегам потоа во Сонот, таму е сè во ред, и се будам, и умирам, но жив сум сè уште, и…
– Што треба да направам? Помогни ми… Ти би требало да знаеш… – зборувам, и секоја реченица е ново, а веќе изветвено дежа ву: зборовите ги знам уште пред да дојдат до мојата свест. Не знам од која страна на увото одговорите доаѓаат побргу – однадвор или однатре. Веќе е сеедно. Бесмислено. Бесмисла ми е името, веќе одамна…

– Знаеш, нема да се откажам. – кој рекол дека смислата е нужна? Би му се насмеал в лице, да го познавав. За хомо сапиенс, можеби. Штета што таков не постои. А и него би му се насмеал в лице; ако постои.
Оти Јас барем ги научив моите солзи да течат навнатре.

 * * *

Се сеќавам… Да…

    Сигурно. Многу добро се сеќавам: ѝ реков дека нашата гордост не трае подолго од нас… А мислев да ѝ речам дека Зборот лекува. Ако не повеќе, барем додека го слушаш…
А јас – само сакав да ја стоплам. Да е Жива:
Мојата сламка со која си ја вадам душата.

Скопје, јуни 1994

Блесок бр. 03, јуни-јули, 1998