Tuesday, 21 November 2017

Вампири

Славата на вампирите во словенските книжевности доминантно не е поврзана за нивното словенско потекло, туку за вознемирувачките фикционални можности кои ги нуди страшното суштество, кое ги преминува границите на животот и смртта.

К. Пенушлиски во зборникот посветен на народната култура на Македонците од Егејска Македонија, објавува повеќе варијанти на вампирски приказни (Мара и вампирот, бр. 25; Вампир и момиче, бр.26; Момата и караконџолут или „Што мислиш другому, ти дохожда на главата“, бр. 27).
Вампирот доаѓа по својата жртва во воденицата. Помошниците, кучето, мачето и петелот и помагаат на девојката да го избегне несреќниот крај. Помошниците, во овој случај, животните ја советуваат девојката како да го надмудри вампирот. Таа бара тој да и го донесе сето богатство од најбогатиот чорбаџија, со цел да помине времето, за да се раздени и да пропее петелот, со што и исчезнува вампирот. Освен религиозните методи за уништување на вампирот, (светена вода, крст, темјан, босилек и др.), во приказните а и во народните верувања и преданија, се запишани и други начини и методи.
Цепенков соопштувајќи ни ги своите записи за сеништата и вампирите, инсистира на прифаќање на вистинитоста, бидејќи тоа не се преданија, туку тоа вистина се случило. Демонската природа на вештерката (бабата) и нејзината
магиска надмоќ, често се потенцира и преку нејзината грдотија и старост, што сугерира дека таа во себе носи голема сума на опасно значење.
Освен појавата на маж-вампир, позната е појавата и на жена- вампирка. Случајот на свампирување на жени е поредок, но ако некоја претежно постара, или поретко, помлада жена имала сторено некој грев, се занимавала со баење и други нечисти работи, по нејзината смрт, се претворала во вештерка. Според кажувањата на Цепенков вештерките се јавувале во облик на огнена топка, која личи на полна месечина.
Во записот на Цепенков, Вампир во Крушово е прикажана вештерка која излегува од едно дупче од гробот и пак се враќа. Мажот истура топла вода, за да ја уништи, но не успева. Ликот на вампирот/вештерката е најтесно поврзан со мотивот на непомирување со смртта. Со враќањето на мртвите души во живиот свет и желбата за понатамошно општење со живите постои тежнеење смртта како негација на животот да се трансформира или измени. Никогаш не може да постои заедништво меѓу живиот и мртвиот свет, бидејќи тие два света се различни.Човекот мора да го поврати природниот ред на нештата, затоа и се бори тоа демонско суштество да се врати во својот свет. Во приказната Мртвиот маѓосник (бр. 29, Цепенков), маѓосникот (екимот) подготвува чудотворна течност од разни билки, од кои кога ќе умре, треба повторно да оживее. Но господарот на животот и смртта, Господ, не дозволува да оживее целосно, тој оживува само до половина, затоа што шишето во кое се наоѓа течноста се скршува. Во приказната Оживеан мртовец, (бр.80, Верковиќ) го насетуваме влијанието на митот за Гилгамеш кој ја бара
тревката на бесмртноста што ја чува змијата. Змијата како господар на подземјето ја чува тајната на бесмртноста. Царската ќерка го оживува својот мртов маж со една чудотворната тревка која ќе ја види кај змиите. Змијата се јавува како симбол на трансцеденција, како посредник меѓу „овој“ и „оној“ живот. Оваа приказна кореспондира и со уште еден мит, а тоа е митот за Данаидите. Царската ќерка откако конечно ќе го најде своето момче, царскиот син, го погубува на првата брачна ноќ и пак го оживува. Во старогрчките легенди Данаидите се ќерките на аргонскиот крал Данај, кои ги погубуваат своите мажи на првата брачна ноќ.

Во истерувањето на злото, забележително е дека музиката има благотворно влијание дури и кај некои натприродни и митолошки суштества. Во народното творештво бројни се примерите каде самовилите привлечени од звукот на
музиката на овчарот, се фаќаат на познатото самовилско оро, змејот ја грабнува девојка од орото итн. Се чини дека народниот творец сакал да ја истакне важноста на орото и традицијата како еден можен начин да се победат негативните сили.
Вампирџиите кога се зафаќаат со уништување на вампирот, прво колат црна кокошка и од крвта прават вампирџилак, чалгаџиите свират, а селаните се фаќаат на оро. Вампирот, привлечен од музиката се фаќа на орото и тогаш вампирџијата го уништува со куршум. Тогаш настанува нова преобразба, вампирот станува пивтија и засекогаш исчезнува. Вампирџијата кој инаку, според верувањето е син роден од жена која зачнала од свампирен маж, има вродена способност да ги гледа вампирите. „Чунки вампирите се како сенки и само вампирџиите можат да ги видат, а друг чоек не може“…, пишува Цепенков. Во некои случаи, способноста да се продре и да се гледа во тој трансцедентален свет, произлегува од некоја чудотворна тревка која вампирџијата ја клава под јазик, за да го види вампирот. Причината за вампиросување, може да биде различна, доколку обредот на закопување на мртовецот не е извршен правилно или доколку го прерипало некое животно. Вампирите, можат да се јават трансформирани во разни животни. Кај Обрембски е забележана метаморфозата на мртовците во пеперутки: „Кога умират мртовцине, пеперуги излагат“…
Едно предание за вампирите, раскажано на разлошки говор под бр. 43, дава податоци за преобразбите на караконџулот:
„.. На времету ф Елешница се плашеа фногу људету ут караконџере. Ваобразјава хја си ќе некакви духуве куиту се преправаа на куче, на вол, на гуде, па и на чувек…“
Танас Вражиновски издвојува повеќе типови на вампири: вампир-сопруг или сексуален партнер, кој се враќа во светот на живите, со цел од својата жена да добие потомство, затоа што тоа додека бил жив не го остварил; вампир-домаќин, кој се враќа во своето семејство и го помага, со пари, со одгледување на стоката и др., од причина, што кога бил жив го оставил семејството во сиромаштија; вампирот-штетник, е најзастапен во преданијата и приказните, тој нанесува штета врз имотот и добитокот на луѓето; вампирот-касап, најчесто се среќава вработен
во касапниците, каде има крв од животните, и тој спаѓа во редот на добрите вампири кои не нанесуваат никаква штета; вампирот-животно, обично доживува второстепена трансформација. Од трансформацијата: мртовец-вампир, доживува повторна трансформација, во животно, најчесто куче или некое друго животно.
Во една турска приказна собрана од Битолско, с. Кременица, го имаме мотивот на брак со мртовец или вампир. Дејството во приказната насловена Момче – вампир се одвива во многу страшна атмосфера. Овде постои безгранично мешање на двата света, живиот и мртвиот. Поранешниот свршеник-вампир, ја моли девојката жива да влезе во гробот со него. Момчето – вампир се трансформира во црно куче и ја напаѓа својата свршеница. Дејството на приказната непрестано се врти во цикличниот круг на стравот и ужасот. Девојката бегајќи влегува во една куќа каде пречувуваат мртовец. Вампирот разговара со мртовецот и му наредува да го пушти внатре, девојката умира од страв.

– од

Софија Тренчовска 
ДЕМОНОЛОШКИТЕ БИТИЈА ВО МАКЕДОНСКИТЕ ВОЛШЕБНИ ПРИКАЗНИ