Sunday, 24 September 2017

“Едното си пее: сиве, сиве, а другото – чуле, чуле.”

-од Софија Тренчовска –

 СИЛЈАН ШТРКОТ

КАКО ПСИХОАНАЛИТИЧНА ПРИКАЗНА 

2

Во ликот на непослушниот и изгубениот син се случуваат низа
внатрешни психолошки процеси, затоа оваа приказна ќе биде предмет на ова
психоаналитичко толкување. Наведувањето на податокот дека Силјана го
ожениле на 16-17 години, зборува за неговата инфантилност, недораснатост и
разгаленост. Мрзливиот Силјан не сакал ништо да работи, туку само да оди на
пазар во Прилеп и да арчи пари. Неговиот живот се одликува со досада и
апатија кон сѐ што се случува околу него. Јунг нагласува дека доживувањето на
некоја единка во истражувањето на своето несвесно и трагањето по други
простори, создава урамнотежен однос со јаството.

Така, Силјан трагајќи по
просторите на својата изгубена личност, ќе мора повторно да го воспостави
односот со јаството. Морал да се одвои од колективот, од семејството, за да се
пронајде себеси. Јаството е често симболизирано со некое животно, кое ја

претставува човековата нагонска природа и нејзината поврзаност со средината.
Заради тоа во митовите и бајките има толку многу животни-помошници.

Во ликот на таткото Божин, Цепенков изградил карактер на чесен и
вреден човек, кој според своите можности сака да го предупреди својот син да
се оттргне од лошите патишта. Силјан тука ја прекршува традицијата и не го
слуша родителскиот совет:
„Тие те лажат, бре синче, да арчиш пари по пустина, та и ти да се
осиромашиш после како нив!“
Потоа доаѓа предупредувањето од татко му:
„Слушај, ќе те вати клетва од нас! Секој син и ќерка што не слушале
татко и мајка големо наказание од Бога добиле.“
Раскажувачот сака да ја потенцира силината на родителската клетва. Но,
совеста сѐ уште не се разбудува кај Силјана. Раскажувачот се обидува во повеќе
наврати да нѐ убеди во вистинитоста на приказната: „…тебе можи да ти се
чини лага, ама мене за вистина“…
Додека татко му го советува, Силјан потсвесно си мисли:
„Утре, дај Боже здравје, одење в град и назат нема да се вратам од
овие тешки лакрдии што ми и рече стариот, да знам оти за вистина клетвата
негоа ќе ме ватит, пиле да се сторам, бело море и црно ќе прелетам“.
Силјан има експлозивно однесување. За инает ќе го напушти
родителскиот дом: „…чекај да ме видиш што маж сум јас. Лели за инает, еден
тоар сол ќе јадам, ама не му се поклонуам.“ Невротската личност на Силјан
покажува знаци на незрелост и знаци на Нарцизам. Тој не знае да ги почитува и
сака луѓето околу себе. Неспособен е да се соочи со сопствените недостатоци,
бидејќи нема развиено чувство на самокритичност. Многу луѓе развиваат во
себе сили кои дејствуваат негативно, а за тоа не се свесни. Тие несвесни сили
влијаат на човековиот живот и можат да доведат до тешки последици ако не
бидат навреме откриени.

Поимот на несвесното ја означува состојбата на потиснатите или
заборавените содржини. Несвесното не може да биде лично или индивидуално,
тоа е дел од колективното несвесно. Содржините на личното несвесно се т.н.
архетипови. Појавата на архетиповите во соништата и во визиите е многу
поиндивидуална, понеразбирлива, отколку во митот. Архетипот претставува
несвесна содржина што се менува.
Јунг вели дека митот треба да се доведе во врска со душевното. При
објаснувањето на митот се помислувало на сè друго, само не и на душата. За
сите работи на душата секогаш сме имале одредена религиска формула што е
многу поубава и посеопфатна. Митовите се психички манифестации што ја
предочуваат суштината на душата.

Јунг преку експерименти докажува дека
постои сродност со длабинските елементи на соништата и фантазиите на
невротичарот со митологијата на разни народи што сведочи за
општопсихичките елементи на човековата фантазија.

Ако го земеме за пример митот за Икар, ќе дојдеме до извесни допирни
точки со приказната за Силјан. Икар се стреми да добие крилја на птица за да
излезе од стегите на заробената личност и да полета кон слободата. Силјан

добива крилја на птица исто така, со тоа што се трансформира во штрк, но
притоа исто како и Икар, тој е неуспешен во својот лет кон целта, поради
неслушање на татковскиот совет. И митскиот јунак Икар и нашиот јунак Силјан
доживуваат неуспешна трансформација на личноста.
Раскажаното предание за Сиве и Чуле, претставува архетипска
претстава која се пренесувала од генерација на генерација и се всадила во
колективното несвесно на поединецот. Силјан ја прифаќа сликата за таа
архетипска претстава и таа се всадува во неговата потсвест, што дури силно
верува дека тоа нему навистина му се случило. Ликот на Силјан страда од
духовна и морална осаменост. Она што му се случило на Силјан наликува на
сон. Како првичен знак дека неговата личност треба да помине низ духовна
преобразба е појавувањето на духовникот кој ќе оди на богопоклонение на
Божигроб. Тој и духовникот тргнале заедно да собираат милостиња. Но, кога се
нашле на сред море, фатило големо невреме и гемијата потонала. Кога Силјан
ќе се разбуди, се случува премин во еден друг свет. Тогаш почнува да се
појавува и каење. Видел „…едно поленце опколено со планинки и ридои,
прилично како Прилепцкото. Дали на Крушоо се наоѓам овде и го гледам
нашето поле?“