Сеништа, итн

Кога станува збор за сеништа и вампири, разликата е очигледна. Тие иако се суштества на имагинацијата не се ситуирани во свет кој е имагинарен, туку навлегуваат во реалниот свет.Сеништето кај Цепенков е прикажано преку преданието раскажано од некој човек Јован Донев. Сеништето најпрвин се јавува на полноќ, како кокошка, потоа
се престорува во коза со страшни рогови. Третиот пат се трансформира во голема сенка која почнува да го гази човекот.

Јудите се жени кои се удавени во вода, а потоа престорени во мажи. Тие одат пред облакот и облакот го водат, и кога врне тие одат напред. Удавените со облакот одат: од вода во вода. Оној што е удавен го викаат јудејко, (јудеј-с‘јудајил), наведува информаторот на Обрембски.

Во словенската митологија навите се олицетворение на смртта. Тоа се демонски суштества кои настанале од душите на мртвородените и некрстените деца. Во бугарските преданија се замислени како птици кои испуштаат страшни крици и облетуваат околу куќите каде што има трудници, доилки и деца. Исто така и кај Цепенков е даден сличен опис на обликот во кој се јавуваат навите: „ѓоа биле некакви пилци што летале многу нависоко по лошите ветрови и си пееле накако песни латински…“ Пеењето на навите можеле да го слушнат само трудните жени. Понекогаш навите завивале и плачеле како мало дете и влегувале низ оџакот каде што имало жена што треба да роди. За растерување на навите се прикажани разни обичаи и баења, Се прскало со мед и босилек или при истерувањето на навите се кажувале некакви магични зборови.

Според верувањата од Скопско, стијата е жена, слична на грчко-митолошката сирена. Стијата е еден вид жена со многу долги коси, која живее во длабочините на некои застојани води. (Шапкарев, бр. 240)

Цепенков забележува уште една страшна појава – таласами. Таласами е место кадешто имало луѓе отепани и закопани од арамии.

– од

Софија Тренчовска 
ДЕМОНОЛОШКИТЕ БИТИЈА ВО МАКЕДОНСКИТЕ ВОЛШЕБНИ ПРИКАЗНИ 

1 Comment

  • […] Сеништа, јуди, нави, стии […]

Leave a Reply