Самовили

Во митологијата самовилите се женски натприродни суштества кои им се наклонети на луѓето. Замислени се како убави девојки со златна коса и со крила. Живеат далеку по планините, покрај вода или во облаците. Постои верување дека се раѓале од росата на некое цвеќе, кога паѓа дожд и грее сонце или кога на небото се појавува виножито. Своите раскошни дворци ги граделе на облаците. Можат да се преобразуваат во различни животни, лебед, сокол, коњ или волк.

Нивниот опис одговара на митските суштества нимфи. Понекогаш ја поседуваат способноста и за пророкување.
Самовилите се мошне популарни ликови и во македонските народни приказни. Им се потчинуваат само на оние што ќе им ја земат облеката, а ако некој им ги одземе крилата, се преобразуваат во обични жени. Губењето на моќта, може да биде причина за нивна преобразба. Помошта на самовилата, најчесто е условена, јунакот треба да исполни една или три задачи за да го добие нејзиниот совет или нејзината помош. Како што е познато, во народната поезија, така и во народната проза многу често е застапен мотивот на побратимување па дури и брак со самовилите. Како што е забележано во зборникот на браќата Миладиновци: „Самовилите живеат на планини; љубет многу да играет оро. Тие се чинет посестрими со големите јунаци, и на нуждата им помогват и ги спасвеет од смрт; а в обште за луѓето сет лоши. Тие љубет да ослепват човекатого.“

Самовилите поседуваат неверојатна моќ да го заведат и маѓепсат човекот. Многу чести се мотивите на вљубување и брак со самовила. Браковите со самовилите се нешто неприродно и необично и затоа таа врска тешко се оддржува.Самовилата не може да се поттчини на правилата на брачниот живот. Дури и кога станува мајка самовилата бара можност да се врати во неограничениот свет на природата. Ја користи можноста да се фати на орото облечена во својата самовилска облека и повторно слободна да одлета во облаците. (Овчарот и трите самовили бр. 61, Цепенков,) Овчарот им ги грабнува кошулите на самовилите додека се капат во реката
и ја зема за невеста најмалата сестра. Сестрите самовили, во овој случај помошнички, му откриваат дека тајната на нејзината сила лежи во кошулата. Самовилското оро е причина самовилата да побегне и да се врати во својот свет. За да ја исполни својата цел, јунакот превзема долго патување и потрага по самовилата. Двете сестри самовили го воведува јунакот-овчарот од обичниот во магискиот простор Кушкундалево, каде живее неговата побегната невеста-самовила. Кога веќе целта е постигната, имаме забрзување на дејството со воведување на волшебно средство. Сестрите самовили ја врзуваат невестата самовила, за седлото на еден коњ што лета, за да ги прелетаат трите планини и побрзо да стигнат. Овчарот на крајот ја уништува нејзината врска со натприродниот свет, и ја фрла кошулата во огнот.Тајната на нивната сила понекогаш лежи и во нивната коса. Момчето ги заврзува самовилите за косите за да не му побегнат.

Самовилата поседува трансформациска способност, (Чорбаџискиот син и младата самовила, бр. 116, Верк.,) во функција, на исполнување на целта, го престорува момчето во патка, а таа се претвора во кладенец. Нивниот противник, мајката партал-самовила, пукнува од пиење вода на кладенецот. Тие двајцата пак се преобразуваат и си живеат среќно. Самовилите живеат во еден меѓупростор, помеѓу небото и земјата. Тие се невидливи и можат да се трансформираат и во ветер. Во македонската сказна се среќаваат и мажи самовили, тоа може да биде синот на самовилата, или пак некој змеј. Самовилот ја потенцира својата мажествена сила во директен дуел со главниот јунак.(Дете јуначе со чудесна сила, бр.84, Верк.) самовилот, синот на кривата самовила се бори со детето јуначе.
Самовилите ја обожаваат музиката и танцувањето. Во некои варијанти (Свирачот Костадин и самовилата, бр.90, Верк.) самовилите го тераат момчето да свири на шупељката три години, или пак во други варијанти, сè додека не се измори. Ако престане, ќе му ги земат очите. Свирачот Костадин се трансформира во пиле за да ја види својата љубена. Во следниот момент и момчето и девојката се престоруваат во птици. Но кога добиваат пород, повторно се преобразуваат во својот човечки облик. Самовилите се согласуваат да го ослободат момчето од своите стеги преку посипување мед на нивниот пат. Детето задоено од самовили поседува неверојатна јуначка сила. Понекогаш
самовилите ја поседуваат моќта на плодноста и пророкувањето. (Бездетната жена ветува, ако роди дете, да го даде на самовили, бр.86, Верк.) Жената ветува дека ако господ и подари дете, ќе го даде на самовили. Пророкувањето на самовилите добива пресвртница од лошо се претвора во добро. Место да и ги извадат очите на девојката, благословуваат од очите бисер да и се рони. Зборот јуда понекогаш оди заедно со зборот самовила. Јуда самовила,
најверојатно, затоа што самовилите се среќаваат во близина на водите. Според некои верувања, потеклото на самовилите се врзувало и со култот на душите на претците.

– од

Софија Тренчовска 
ДЕМОНОЛОШКИТЕ БИТИЈА ВО МАКЕДОНСКИТЕ ВОЛШЕБНИ ПРИКАЗНИ

 

1 Comment

Leave a Reply