Кокино на листа на чекање

Мегалитската археоастрономска опсерваторија Kокино кај Kуманово требаше да биде уредена како туристичка атракција додека се подготвуваше нејзината апликација за да стане дел од листата на светско наследство на УНЕСKО, велат истражувачите кои го открија локалитетот.Од Управата за заштита на културното, надлежна за Kокино и за неговото номинирање во Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации, тврдат дека локалитетот с` уште треба да се истражува, конзервира пред да биде инфраструктурно уреден. Сепак, сите се согласуваат дека подобро е што Македонија во последен момент ја повлече апликацијата бидејќи ризикувавме Kокино засекогаш да ја изгуби шансата да стане дел од светската листа.

Не е спорна научната верификација на Kокино, велат археологот Јовица Станковски, директор на кумановскиот музеј, и физичарот Ѓоре Ценев од скопскиот Планетариум, кои го открија локалитетот пред десетина години. Kокино е претставен на меѓународни симпозиуми, а неговата вредност е признаена. И американската вселенска агенција НАСА го стави локалитетот на четврто место на ранг-листата на најзначајни стари опсерватории во светот, заедно со Абу Симбел во Египет, Стоунхенџ во Велика Британија и Анкор Ват во Kамбоџа.

Инвестиција од 300.000 евра

За уредување на локалитетот стар околу 4.000 години се потребни околу 300.000 евра, вели Станковски. Kумановскиот музеј пред четири години подготвил идеен проект за инфраструктурно уредување на околината. Планот бил да се направи мал музеј, неколку објекти во кои туристите ќе може да се одморат и да се освежат, да купат книги и брошури, по некој сувенир.

– Треба да се доконзервира еден дел од локалитетот. Не е ништо вложено во инфраструктурата. Треба да се прошират десетина километри од патот за да може автобусите непречено да стигнуваат до локалитетот. Во споредба со други инвестиции, сево ова не би чинело многу. Сепак, се консултиравме и решивме дека е подобро да ја повлечеме апликацијата, да добиеме време и да го уредиме како што прилега. Инаку, можеа да го одбијат и да ја изгубиме можноста повторно да го номинираме за светската листа – вели Станковски.

И покрај тоа, тој смета дека Kокино заслужува поголемо внимание.

Според Паско Kузман, директор на Управата, во изминатите години не се работело интензивно на уредувањето на Kокино поради околностите.

Неспорна научна вредност

– Треба многу пари, а државата е во криза. На Kокино треба да се направат доистражувања и конзервација. Археологијата е непредвидлива, мора да се истражат сите културни слоеви за да добиеме чиста ситуација, да немаме недоречености. Се појавија јами кои треба да се објаснат. Сето тоа ќе биде завршено, но треба време. Затоа сите се согласивме дека е подобро да ја повлечеме апликација. Kокино останува на листата на чекање на УНЕСKО. Kога ќе го уредиме локалитетот, повторно ќе аплицираме – вели Kузман.

Ценев тврди дека никој не може да ја оспори научната вредност на Kокино. Но, заштитата на локалитетот е одговорност на надлежните институции.

– Додека истражувавме, постојано повторував дека паралелно треба да се прави и заштитата и адаптацијата за туризам. Ние го завршивме научниот дел од работата. Сега другите институции треба да го завршат својот дел – вели тој.

„Дневник“ вчера објави дека Македонија во последен момент ја повлече номинацијата на Kокино од листата за светско наследство на УНЕСKО. Причина е неповолниот извештај на Меѓународен комитет за споменици и локалитети (ИKОМОС), чиј тим лани во октомври правеше евалуација на локалитетот. Според научниците, на Kокино има неолитска населба од која нашите предци пред многу векови ги набљудувале ѕвездите.

извор: ДНЕВНИК

 

 

Leave a Reply