Сестра Макрина – Чикаго 2012 (1)

Самитот во Чикаго повторно покажа: Грција се плаши од Македонија. Сè што треба да направи Македонија е да го зачува мирот, присебноста и самодовербата. Бидејќи, стравот е на страната на Грците, а топката е на страна на Македонците.

Во ваква ситуација каква што е сега, имаме идеални шанси да извојуваме „победа“. Е сега, што е тоа – победа? Победа е доброто за сите. Не само за нас, и не само за нив. Првото лице множина и третото лице множина се изедначуваат во лицето на Севишниот. Од птичја перспектива сите сме негови деца, сите сме божји чеда и нема добри и лоши, затоа што сите добиваме еднакво количество на љубов и светлина.

Некој ќе рече, да, ама луѓето од јужниот континент имаат повеќе сонце и заради тоа потемна боја на кожата. Дали бојата на кожата ги прави поблиску или подалеку од Бог? Овие од северната полутопка, пак, имаат бела кожа, ладна крв и се секогаш освојувачки расположени. Дали е тоа така заради помалиот број сончеви денови во еден круг на земјата околу сонцето? Од жабја перспектива секако дека процесот на набљудување добива инаква димензија.

Но еве еден од многуте можни увиди, се разбира од човечка перспектива којашто нас во моментов најмногу не интересира. Каква е врската помеѓу Стравот, Парите и Самодовербата?

Ние мораме најпрво да постигнеме внатрешен мир, рамнотежа и непоколеблива сигурност во сопствената исправност, оти законот за рамнотежа делува однатре („правдата е слепа“) – тој се спроведува на ниво на твар, како механика на постоењето. Кога „они“ видоа дека „ние“ јакнеме во самодовербата (последниве 5-6 г), кај нив почна да се прелева стравот. Тоа губење на парите, толку извиканата т.н. економска криза е само симболичка манифестација дека тие ја загубија главата, се избезумија од стравот којшто нападна однатре. Значи никој нив нема да ги „казнува“ со меѓународно право. Тие самите си го направија тоа, преку совеста којашто делува однатре.

Грција во однос на нас, прави една ваква математика –ако ние влеземе во ЕУ, таа ќе треба да си ги плати долговите кон нас, коишто во неколку историски наврати успеа да ги забошоти.  Но, тоа е само одложување, слично како кога се одложува плаќањето на некоја сметка од кои било причини. Потоа износот на долгот ескалира, заради обвиненијата и заради каматата. Во Божјиот домострој на спасението (на човештвото) постои совршена правда, за која нашиот народ има една многу мудра изрека – Господ можеби ќе забави, ама нема да заборави (изворно малешевски гласи вака – Господ забавја, ама не заборавја). Од аспект на таквата комшиска теодикеа, нашиот јужен сосед нема каде да бега. Космичкото книговодство е неумоливо.

Ние можеме и да им го простиме долгот, но тие треба да се сетат, да побараат… Оти прошка со сила, не бива… Затоа, Оче наш…

прости им ги долговите наши

1 Comment

  • […] …Прости им ги долговите наши… да, да, оваа кратка заменска форма не е лапсус на тастатурата, туку ставање во функција на самата суштина на заменскиот облик воопшто, којшто кај „нас“ се преиспитува преку точката на идентитетот, а упатува на можноста дека, и покрај тоа што сме точно оние коишто сме, (не)можеме да бидеме и други. Заменките ги заменуваат личните форми, но не можат да бидат лицата. […]

Leave a Reply