среда, 17 декември 2014

Христо Силјанов ја раскажа драмата за Илинден

Охриѓанецот Христо Силјанов не е големо македонско име во бугарската политика, но затоа, пак, зазема врвно место според умешноста и начинот на презентирање на македонското минато, независно од неговите пробугарски определувања. Македонската револуционерна борба, посебно Илинденското востание, раскажана од него изгледа многу повеличествено и подостоинствено отколку што сме ја знаеле пред да ги прочитаме неговите книги.

По повод 100-годишнината од Илинденското востание, во издание на „Култура“ на македонски јазик беше преведен првиот од двата тома на „Ослободителните борби на Македонија“. Иако за оваа извонредна хроника за македонската борба се знаеше од поодамна, поради идеолошки предрасуди на македонската јавност и’ беше претставена дури по седумдесет години од објавувањето во Софија.

По прочитувањето на последните страници од првиот том, најсилната асоцијација што се појавува кај секој е дека Илинденското востание било извонредно величествен настан од македонското минато. Не поради изобилството на факти што очигледно умешно ни ги соопштува Силјанов за да не’ пренесе во крваво и судбоносно време, туку поради начинот како ја презентира македонската борба и духот што провејува низ секоја страница.

Никој досега не успеал да ја пренесе македонската борба така автентично, непосредно и човечки како Силјанов. Тој е истовремено и историчар и хроничар, но и емотивен раскажувач кој умешно ни ги претставува херојските подвизи и погроми на нашите предци. Тој знае да ни ја наслика нивната гордост и ранета душа, да ни ги пренесе нивните надежи и очекувања, да побуди силни патриотски чувства. Со еден збор, знае да ја направи историјата да се чита како роман.

На страниците на „Ослободителните борби“ секој факт, секоја бројка, секој настан е гарниран со по некој револуционерен лик, со имињата на многу наши знајни и незнајни јунаци. Благодарение на Силјанов, дознаваме дека во Костурско пред 100 години постоел храбриот убавец Дине Абдураман, кој опколен во својата куќа сам четири дена се борел со аскерот, кој за да му се доближи како штит, ги зел пред себе неговата жена, ќерка и сестра. Но, Дине го направил она што никој не го очекувал, ладнокрвно ги убива своите најблиски, но и душманите и со јатаган в рака излегува надвор за да го заврши својот живот. Тој знае дека е подобро да умре херојски отколку тој и семејството да бидат измачувани до смрт.

Од Силјанов дознаваме и за едно момче, исто така, од Костурско, кое не пуштило ниту глас додека Турците му го сечеле увото за да видат дали е жив по битката со нив. Дознаваме и за војводата Кузма Стефов, кој ранет се крие кај својата пријателка, учителката Василка Иванова. Аскерот, трагајќи по него, насила влегол во станот на учителката и таму ги пронашле нивните трупови.

Силјанов, неоспорно, има смисла да им даде живот на историските факти, а на тој што го чита да му ја приближи историјата од човечката страна, за да му стане поблиска. А ние треба сите да ја знаеме драмата на Илинден од сите аспекти. Тој е учесник во некои од епизодите на таа драма. Присуствувал на многу состаноци заедно со големите револуционери кои решавале за судбината на Македонија на расправите по солунската одлука за пребрзано кревање востание. Ги познавал Гоце, Даме и сите големи револуционерни имиња, а со четата на Марко Лерински го придружувал Делчев на неговата најважна обиколка низ Македонија, низ селата на Костурско. Благодарение на неговиот усет за времето во кое живеел, денес знаеме за драмата за Илинден во која главни актери биле нашите предци.

Силјанов говори за македонски Бугари, за бугарски села на македонските простори. Наместа го употребува и терминот Македонци, но очигледно во географска смисла. Но, тоа треба да се разбере и сфати. Такви биле времињата и условите во кои војувале Македонците. Нема поголемо македонско име поврзано со македонската борба, а да не престојувало во Бугарија и по силата на приликите потпаѓало под влијание на средината која отворено настојувала да ги асимилира луѓето што се засолнувале таму. На крајот на краиштата, во тоа време на македонските простори главниот збор во воспитувањето и школувањето го имала бугарската егзархија. Над 100 илјади Македончиња поминале низ нејзините училишта во кои се проповедала бугарштината. И нашите најголеми револуционери Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев и други биле егзархиски учители. Тоа бил единствениот начин да бидат меѓу народот и со народот, да ја организираат борбата. Дали сега мора заедно со валканата вода да се фрли и детето. Неоспорно е дека тоа востание било македонско, а не бугарско, неоспорно е дека таа голема борба била македонска, дека тие храбри и големи луѓе биле наши луѓе.

И самиот Силјанов говори за посебноста на македонската борба и самиот тој целосно ќе застане на страната на Гоце Делчев и до крај ќе ги брани неговите ставови за нејзината посебност, дека победата можат да ја извојуваат само Македонци. Тој во книгата ќе го осуди врховизмот и жестоко ќе ја нападне Бугарија поради нејзиниот сеирџиски однос спрема востанието. Додека востаниците со месеци крвавеле, кнезот Фердинанд патувал во странство, а бугарската влада настојувала да и’ се приближи на Отоманската Империја. Затоа Силјанов треба да се чита без предрасуди и стравови дека тој може на некој начин да влијае на нашата национална свест. Напротив, илинденската епопејата раскажана од перото на Силјанов може само да ги збогати нашите сознанија, да го подигне македонскиот дух.

Силјанов ги напишал „Ослободителните борби на Македонија“ по барање на Илинденската организација во Софија. Првиот том излегол во 1933 година, а вториот четири години по неговата смрт, во 1943 година. Академик Иван Катарџиев, во поговорот на вториот том на македонското издание, вели дека Силјанов во првата книга, главно, објективно ја пренесува борбата на македонското ослободително движење, во која жестоко го осудува врховизмот, што не може да се рече за втората, во која ја напаѓа левицата, која настојува да се ослободи од бугарското влијание и да ја развие свеста за сопствено човечко, културно и национално достоинство.

Во вториот том Силјанов нема ниту збор за Мисирков и за неговото познато дело, за барањата да се воведе македонски јазик за кој пишувале дури и англиските весници. Академик Катарџиев го поставува прашањето дали Силјанов намерно го сторил тоа или, пак, тоа е дело на оние кои по неговата смрт го редактирале и го објавиле вториот том? Според него, нема дилеми дека постојат разлики во начинот на конципирањето на структурата и излагањето на содржината меѓу првиот и вториот том.

„Од кусиот опис на живописот на Силјанов може да се види дека близината со идеите на Гоце Делчев во еден период имале влијание и врз неговото залагање за самостојност на македонското национално ослободително движење, како и за поддршката на демократските сили во него. Промените на Силјанов настапиле по поразот на Илинденското востание”, заклучува Катарџиев.

Христо Силјанов е роден во 1880 година во Цариград. Неговиот татко, охриѓанецот Иван Силјанов, починал млад, а за малиот Христо се грижел неговиот чичко. Се школувал во Истанбул, Солун и Битола. Историја завршил во Софија, а специјализирал во Швајцарија. Починал во 1939 година во Софија. За време на османлиското владение, бил учител во Прилеп, Леринско и во Костурско. Подоцна го напуштил учителствувањето за да се бори со пушка в рака и и’ се приклучил на четата на војводата Марко Лерински. По Илинденското востание, се прибрал во Софија, а за време на Првата балканска војна предводел чета во Костурско.