Monday, 26 September 7481

Кокино – Света Планина

Според историските и археолошките податоци долината на реката Пчиња како природен коридор во централниот дел на Балканскиот Полуостров во далечното минато имала големо значење во преселбите на народите како и во воените походи кои се движеле во насоката север – југ. При посетата на овој регион од левата страна на реката Пчиња лесно се забележува необичниот облик на планинскиот врв Татиќев Камен кој доминира на источниот хоризонт.

Карактеристичниот изглед на андензитните карпи и природните пукнатини на праисториските жители им овозможиле  на релативно лесен начин да обликуваат структури кои се користеле како планинско светилиште, како и елементи на мегалитска опсерваторија. Сите овие структури распоредени се на две скалесто поставени платформи со висинска разлика од дваесетина метри.
Археолошки истажувања на Кокино
Археолошки истажувања на Кокино

Археолошките истражувања на локалитетот започнаа во 2001 година и уште при првите откопи беше евидентно дека се работи за еден од најбогатите археолошки локалитети од бронзенодопскиот период во Република Македонија. Систематските археолошки ископувања кои продолжија во наредните години открија големо количество археолошки материјал, пред се фрагменти од керамички садови како на пример:поголеми и помали чинии, големи биконусни амфороидни садови, варијанти на лонци за готвење на храна, повеќе типови на шољи и кантаросовидни садови, камени секири, рачни мелници за мелење жито, пирамидални тегови итн.

Посебно значење има ископувањето на калап за лиење на бронзени секири  и приврзоци кој за првпат се наоѓа во Македонија, но и во поширокиот регион. Формите на керамичките садови хронолошки му припаѓаат на целиот период на бронзеното време во Република Македонија, при што најраните наоди се датираат во периодот на раното бронзено време (19 – 17 век п.н.е.), а доминираат садовите од доцното бронзено време (14 – 11 век п.н.е.).

Се работи за монохрома керамика која во разни варијанти може да се сретне на еден поширок централно – балкански, јужно-тракиски и македонски простор, но со елементи на локална еволуција. Нејзини најблиски паралели се во истовремената керамика од пра-историските населби од средно и долно Повардарие, а во периодот на доцното бронзено време и во керамиката на културните групи во долината на реката Јужна Морава.

Најновите истражувања и пронајдените артефакти покажаа дека локалитетот бил населен во 7 век п.н.е. што ја продолжува неговата употреба на повеќе од 1200 години. Токму затоа на локалитетот, но и во поширокото подрачје се наоѓаат огромни количества на фрагментирана керамика.
Повеќе топографски карактеристики на локалитетот како што се добра видливост од највисокиот дел на ридот, кон кој се стигнува преку поширока пристапна патека огреана од сонцето, укажуваат на негова употреба како света планина на која се изведувани планински обреди, врзани за верувањето на праисториските жители дека карпестиот планински врв е место каде присуствуваат боговите и каде е можно да се комуницира со нив.