Петар Поп Арсов – ВАРДАРСКИ

(с. Богомила, Велешко, 21 октомври 1872 – Софија, 1 октомври 1941) – македонски културнонационален и револуционерен деец,  „лозар”, гимназијален професор, писател и публицист. По школувањето во родното село, во Велес и во Солун, како еден од антиегзархиските бунтовници, заедно со поголема група ученици од Солунската гимназија, се префрла на школување во Белград (1889). Како студент на Великата школа рано ја почувствувал манипулацијата на пропагандите и на почетокот на следната година се префрла на Историско – филолошкиот факултет на Вишото училиште во Софија. Тогаш главно од солунските и белградските бегалци се создава јадрото на  “лозарското” движење. Член е на „Тајната дружба” (крајот на 1890), од која се создава Младата македонска книжовна дружина, која од јануари 1892 г. почнува да го издава својот орган  „ЛOЗА”, а тој е еден од главните нејзини редактори и соработници. Поради националната концепција на Програмата на ММКД и национално – сепаратистичката ориентација на списанието и македонската јазичноправописна тенденција, во бугарската јавност се поведува кампања и терор против „македонскиот национален сепаратизам”. Наскоро Дружината и сп. „Лоза” се оневозможени.

По дипломирањето Попарсов станува професор во Солунската гимназија и заедно со петмина други млади интелектуалци ја поставуваат основата на МРО (23. Х 1893). Како член на ЦК на МРО, присуствува на организационата средба во Ресен (1894), а под псевдонимот Вардарски ја објавува брошурата „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници# (1894) што ги претставува основните концепции на Програмата на МРО. Активно учествува на Солунскиот конгрес на МРО (1896), но по Виничката афера (1897) е уапсен и осуден на 101 година робија. Откако е амнестиран (1902), ја продолжува дејноста во Велешко, но спроти Солунските атентати одново е уапсен и од Скопскиот затвор излегува еден ден пред објавувањето на Илинденското востание.

Станува учител во Скопје (1903/ 04), а потоа во Солун. Одново е кооптиран во ЦК на ТМОРО, но скоро се повлекува. Од јули 1904 г. е интерниран во родното село, а во август е надворешен претставник на ТМОРО во Софија. Иако не учествува на Рилскиот конгрес (1905), избран е за член на Задграничното претставништво. По убиството на Сарафов и Гарванов (1907) е уапсен во Софија, но наскоро пуштен и се враќа во Скопје (мај 1908). Активно учествува во задушувањето на султановата контрареволуција (1909). Како учител во Педагошкото училиште во Скопје (подоцна и директор и моарифски инспектор), неуспешно учествува во изборите за пратеник, а заедно со

К. Мисирков и со бившиот митрополит скопски Теодосија Гологанов, прави обид да се отвори македонска Висока педагошка школа во Скопје (1910). Во Првата балканска војна се засолнува во Велес и со Д. Чуповски ја организира Општомакедонската конференција за спас на окупираната Македонија, на која Македонската колонија во Петербург е ополномоштена да ги застапува македонските интереси во странство (декември 1912). Спречен е да заминат со Чуповски во Париз и Лондон. По Букурешкиот договор (1913) станува учител во софиското село Костенец. Член е на Привременото претставништво на обединетата поранешна ВМРО во Софија, потписник на Апелот (15 март 1919) и соработник на органот „БÓлетинÍ”. По Версајскиот мировен договор и конечната поделба на Македонија наполно се повлекува од јавниот и политичкиот живот. Автор е на драмскиот спев на македонски јазик  „Самуил Брсјак”.

 

– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009

3 Comments

Leave a Reply