Sunday, 24 September 2017

Новиот археолошки музеј ќе урива рекорди на посета

На подовите ќе има оригинални раскошни мозаици, а во лапидариумот, покрај античките скулптури што сега се наоѓаат пред Владата, ќе има вредни примероци на камена пластика. Поставката на Археолошкиот музеј, кој треба да биде готов кон крајот на годинава, ќе содржи околу 6.000 експонати

Кратерот од белградската збирка

Новиот археолошки музеј ќе ги урне сите рекорди во посетеност. За него го селектираме највредното од нашите збирки што ќе се најдат покрај збирките на вредни артефакти од други музеи од државата. При опремувањето на новиот музеј ќе се направат напори да не осиромашат музеите од другите градови по пренесувањето на вредните артефакти во Скопје, најавува Перо Јосифовски, директор на Музејот на Македонија.

Тој нагласува дека откако ќе се комплетира археолошката поставка во новиот музеј, кој ќе биде отворен кон крајот на годинава, од огромниот број артефакти што ќе останат во депоата на Музејот на Македонија, музеите од внатрешноста ќе можат да земат експонати на реверс и да си ги дополнат своите збирки. Исто така ќе се изработат и копии на највредните експонати за збирките да не загубат од својот сјај.

Според директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, сите 6.000 артефакти што ќе бидат изложени се исклучително вредни и не може однапред да се каже кој оддел ќе биде најинтересен за посетителите.

– На подовите ќе има оригинални раскошни мозаици, а во лапидариумот, покрај античките скулптури што сега се наоѓаат пред Владата, ќе имаме вредни примероци на камена пластика. За некого можеби најатрактивна ќе биде збирката на златен накит од антиката, за некого керамиката со прекрасни орнаменти од отоманскиот период – подвлекува Кузман.

Главниот адут на Археолошкиот музеј ќе бидат амбиенталните уметнички слики што ќе прикажуваат различни археолошки периоди.

– Готови се околу 100 дела што ќе го отсликуваат амбиентот на сите археолошки периоди. Така посетителите ќе имаат појасна слика за што служеле изложените предмети и како биле употребувани – вели Кузман.

Според Управата, нема да биде приоритет на новиот археолошки музеј збогатувањето на оваа збирка со откупи или со реституција на вредни артефакти, кои се наоѓаат во сопственост на странски институции или на приватни лица. Сепак оние највредните артефакти ископани на територијата на Македонија што се наоѓаат во странски музеи ќе бидат застапени со копии.

Moтиви од саркофагот

 

Меѓу нив се и копиите на златните погребни маски, како и на двата бронзени кратера од Требеништа, кои се наоѓаат во музеите во Белград и во Софија. Според Управата, освен со Белград и со Софија, се преговара и со Археолошкиот музеј во Истанбул за изработка на копија на мермерниот саркофаг со претстава на Александар Македонски од 4 век пред новата ера.

– Сѐ уште чекаме да добиеме дозвола од министерствата за култура од овие земји за изработка на копии на вкупно четирите златни требенишки маски, од кои две се наоѓаат во Белград, а две во Софија. Копиите ќе бидат изложени во Археолошкиот музеј, заедно со оригиналната маска откопана во гробница од 5 век пр. н.е. на Самуиловата тврдина – вели Кузман.

Вредната збирка на музејот ќе биде сместена на првите три ката во зградата на кејот на Вардар, заедно со Уставниот суд и Државниот архив. Таа ќе ги опфати најзначајните археолошки предмети на почвата на Македонија од палеолитскиот период до крајот на 15 век.

Во долните простории ќе бидат сместени депото и лапидариумот, односно епиграфски споменици и камени скулптури. До музејот ќе се стигнува преку пешачкиот мост, кој ќе биде изграден на реката Вардар, на кој ќе бидат поставени 28 помали скулптури.

раат преговорите за копија на саркофагот на Александар 
Пред две години беше најавено дека Македонија ќе прави копија на мермерниот саркофаг со претстава на Александар Македонски од 4 век пред новата ера, кој се наоѓа во Археолошкиот музеј во Истанбул. Саркофагот, кој е богато украсен со релјефна претстава на македонскиот војсководец, е пронајден во 19 век на некрополата блиску до либанскиот град Сидон.
Преговорите за изработката на копијата на овој значаен артефакт беа почнати пред две години помеѓу Паско Кузман и неговите колеги од Турција и уште траат . Во таа пригода Кузман изјави:
– Копијата би имала идентични димензии со оригиналот и би била изложена во наш музеј. Тоа ни е заедничка желба. Нѐ врзува заедничкиот поим околу Македонија и Александар.


Ќе има копии и на требенишките кратери

Во Археолошкиот музеј ќе има копии и на раскошните бронзени кратери откриени во кнежевските гробови во Требениште, од кои едниот се наоѓа во Белград, а другиот во Софија. Двата кратери имаат слична форма и фигурални мотиви. На долниот дел и на двата сада се наоѓа фигура на митско суштество слично на Горгона-Медуза облечено во кошула од крлушки. Околу вратот на двата кратери има фриз од леани фигури. На оној од музејот во Белград има низа од четири голи јавачи на коњи во скок, додека на фризот на кратерот во Софија се претставени шест крави.

Извор: Нова Македонија