Monday, 25 September 2017

Георги (Ѓорѓи) Димитров Баласчев – ЕЗЕРСКИ

(Охрид, 10 март 1869 – Софија, 6/7 октомври 1936) – историчар, епиграф и археолог. Основно училиште завршил во Охрид, егзархиска гимназија во Солун, а потоа на Вишото училиште во Софија дипломирал историја (1897), специјализирал во Виена и во Цариград, а се усовршувал и во Париз, Рим и Атина. Бил гимназиски професор во Софија (1899–1902, 1904–1908, 1924–1934), кустос на етнографската збирка во Народниот археолошки музеј (1902–1903) и во Народниот етнографски музеј (1919–1923) во Софија и инспектор во Министерството на народната просвета (1934–1936). Бил еден од иницијаторите за основање на Младата македонска книжовна дружина (1891) и на сп. „Лоза” во Софија (1892), обележан како сепаратист. Го уредувал научното сп. „Минало” (1909–1919). Бил член на Македонскиот научен институт во Софија. Објавил околу 80 научни трудови од средновековната македонска и бугарска историја. Познаник на Мисирков од заедничкиот престој во Белград (1889) и во Софија (1890), кој во времето кога се ставаа основите на Младата македонска книжовна дружина, под псевдонимот Езерски, ја објави првата книга на македонски јазик за лозарското движење: „Неколку кратки летописни белешки за состојбата на западните Македонци…” (Софија, 1890).